Достапни линкови

МВР - Ги расчистуваме сите предизборни инциденти


Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочни пријави за градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, и за уште седум луѓе, кои учествувале во инцидентот кој се случи на 2 октомври. Полицијата тврди дека нема да дозволи загрозување изборниот процес.

Градоначалникот на Шуто Оризари Елвис Бајрам заработи прекршочна пријава од МВР за учество во тепачка, како и седуммината учесници во инцидентот кој се случи на 2 октомври. Полицијата ги достави до Основното јавно обвинителство поради нарушување на јавен ред и мир со тепачка, соопшти на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој посочи дека според првите известувања од лекарите, Бајрам претрпел полесни телесни повреди, но се чека конечно известување од лекарот за состојбата на пациентот, по што ќе треба да се преземат следните чекори од Основното јавно обвинителство.

Бајрам, кој е кандидат за градоначалник и на овие избори од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, по тепачката беше пренесен во болница со повреда на главата.

„Независно кој од која политичка партија доаѓа, кој чиј симпатизер е во ваквите и слични случаи - за МВР единствено примарно ќе биде почитувањето на законите, што мора и ќе важи за сите подеднакво. Секаков обид кој било да се затскрие или ја злоупотреби полицијата како „наша“ или „ваша“ ќе биде законски санкциониран“, изјави Спасовски.

Од МВР велат дека инцидентот во Кичево, кога беше застрелан носителот на независната советничка листа во тој град Алит Абази е расчистен и дека не станува збор за изборен инцидент, туку за пресметка околу приватни работи.

Инаку минатата недела носител на независна советничка листа во Кичево, Алит Абази беше застрелан од огнено оружје, додека бил со шефот на изборниот штаб Дестан Абдиу кој исто така бил мета на напаѓачот. Абази сè уште е во болница, односно на интензивна нега, додека Абдиу е пуштен на домашно лекување. По приведувањето на напаѓачот, Судот по барање на гостиварското обвинителство му одреди 30 дневен притвор.

Спасовски за случајот со пожарот во семејната куќата на кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров и поранешен министер, Владо Мисајловски, рече дека најверојатно се работи за неправилно изведен оџак и нема никаква врска со подметнување на пожар, но се прави дополнително вештачење, и за тоа наскоро ќе има детални информации.

„Досега во полицијата има 6 пријави за искршени или демолирани изборни штабови, на што полицијата работи на нивно расчистување, додека овие случаи како што е пожарот или како што е случајот во Кичево тие не се поврзани со изборите, меѓутоа сакам да апелирам до лидерите на политичките партии и до граѓаните да бидеме сите на висина за задачата и да придонесеме сите заеднички за фер и демократски избори затоа што тоа е најголемиот приоритет за Република Македонија“, изјави Спасовски.

Од друга страна, пак, Основното јавно обвинителство им предочи на медиумите на тематски брифинг дека „постапува по сите индиции за сторени било какви повреди на изборниот процес“, дека е формирана посебна обвинителска комисија која ќе ги следи изборите и брзо ќе реагира во случај на утврдени нерегуларности, како и дека ниту едно кривично дело нема да остане неказнето. Но, досега од таму нема информации за текот на истрагите околу изборните инциденти.

„Во оваа фаза не можеме да споделиме информација со јавноста што се постапува но бидете уверени дека по сите случаи постапуваме“, изјави претседателот на обвинитеската комисија Џелал Бајрами.

Откако за десетина дена од изборната кампања, тројца учесници во локалните избори завршија во болница, меѓународната заедница гласно реагираше посочувајќи дека „нема место за насилство на демократски избори“. Државната изборна комисија побара од надлежните брзо расчистување на инцидентите и апелираше до сите учесници во локалните избори да придонесат за смирување на страстите, а партиите да влијаат на своите членови и кон спречување на било какво идно насилство или инциденти.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG