Достапни линкови

Штипјани бараат решение за сообраќајниот хаос


Новата локална власт во Штип ќе биде соочена со бројни проблеми кои треба да бидат решени. Во градот живеат околку 50 илјади граѓани, а младите велат дека ништо не е сменето повеќе од една деценија.

Доминацијата на големиот број автомобили е еден од главните впечатоци во центарот на Штип. Проблеми во градот има многу, велат штипјани, но приоритет за идната локална власт треба да биде зголемувањето на бројот на пешачки зони, реконструкција на улиците, запирање на уништувањето на зеленилото и парковите и решавање на проблемот со загадувањето.

Граѓаните исто така сметаат во Штип треба да бидат изградени повеќе библиотеки за младите, но градот да обезбеди и повеќе места за пензионерите.

„Најголемите проблем е тоа што таксистите немаат место каде да се паркираат и на тротоарите коли има ненормално и луѓето нема каде да одат. Тоа е најголем проблем.“

„Многу улици има ненаправени и плус нема некое катче за пензионери и за младите деца. Целата забава е во кафулињата, а знаеме што се случува во кафулињата. Значи да има некои мини катчиња, да има каде да се воспитуваат, а не да се уништуваат младите.“

„Проблеми колку сакаш, да се почне и на почетокот и на крајот, ништо не може да се заврши. Моменталната ситуација е таква. Загадувањето во градот е страшно.“

„Во претстојниот период треба да се направат улиците, тие се правени „фалш“, асфалтот е пет милиметри и на првите дождови се раскопува. Сè е тоа правено повеќе за пропаганда, отколку да се решат проблемите. Има многу работи кои треба да се решат, проблемот со кучињата скитници, проблемот со паркинзите“, велат граѓаните.

Во Штип живат околу 50 илјади граѓани. Младите штипјани велат дека во градот ништо не е сменето повеќе од една деценија. Според нив, сообраќајот е еден од поедноставните проблеми, но тие посочуваат дека жителите се соочени и со посложени предизвици.

„На пример има проблеми пред гимназијата, некои мостови се сменети, а многу влијаат на едно цело маало, на илјадници луѓе. Тоа се едноставни работи, а комплицираните не може да ги реши еден градоначалник. На пример работничките права во Штип, има луѓе кои работат за 150 евра.“

„Нашите желби никој не ги слуша како млад човек, никој не се интересира дека нема работа, дека треба некој да направи претпријатие каде ќе има вработување, не само собрание или пошта или администрација. Има премногу администрација“, велат младите.

Кандидати за градоначалник за претстојните локални избори се Благој Бочварски од СДСМ, актуелниот градоначалник Илчо Захариев од ВМРО-ДПМНЕ и независниот Раман Демиров. Повеќето штипјани велат дека гласот ќе го дадат за личност, но има и такви кои велат дека ќе гласаат за партија.

„За мене кандидатот е најважен , не е важна партијата. Јас сум вмровец, а може да гласам за СДС.“

„Јас мислам оти личноста ќе биде. Партијата.“

„Пресудна треба да биде личноста, а не партијата.“

„Мислам дека за локални избори важен е кандидатот“, велат штипјани.

Жителите на Штип и покрај тоа што велат дека одредени проблеми во градот долго време не се решени, од идната локална власт очекуваат барем минимум напредок.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG