Достапни линкови

Прилепчани ги мачат невработеноста и иселувањето


Прилеп е среден, но нема работа
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:33 0:00

Прилеп е среден, но нема работа

Голема невработеност, се вработуваат само со врски или партиска книшка, да има работа, ќе има и просперитет, велат прилепчани пред локалните избори. Ги мачи и иселувањето на младите. Вработувањата и младите се во фокусот и на кандидатите за градоначалници.

Среден и чист центар, редари кои го регулираат паркирањето, асфалтирани улички, Прилеп на прв поглед оддава впечаток на среден град. Она што може да се забележи од друга страна е дека во градот ретко може да се види млад човек. Отчетот на актуелниот градоначалник покажува дека ветените проекти од ситната инфраструктура се направени, но прилепчани ги мачи друг проблем.

„Градот како град е среден, има проблем оти има голема невработеност.“

„Пензионерите, колку си имаат толку, но младите тие си знаат, тешко е, нема работа, вработување само со партиска книшка или со големо пријателство.“

„Работа немаме никој, шетаме по улици сите, ете тоа му недостасува на градот, да сме вработени сите, да имаме некоја перспектива, ама ништо немаме и што да очекуваме, кој и да биде да ни помогне“, велат анкетираните.

Во градот има околу 75 илјади жители и 14 илјади невработени, а според податоците на Агенцијата за вработување, активно бараат работа речиси 7000 прилепчани. Истражувањата, пак, за иселувањето говорат дека околу 60 проценти од младите во Прилеп својата иднина ја гледаат надвор од Македонија, а околу 15 проценти планираат да мигрираат во главниот град.

Прилепчани се уште чекаат да заврши реконструкцијата на Градскиот стадион, на локалитетот Маркови кули, да заврши изградбата на пречистителната станица, да заврши изградбата на училиште во населбата Сточен пазар.

Освен големите теми, прилепчани ги мачат и локални проблеми.

„Од новиот градоначалник очекувам да се смени инфраструктурата на градот, да се поправат улиците, да се изградат спортски игралишта за младите, да има повеќе работа, за младите да не одат во странство.“

„Хигиената е добра, не ми се допаѓа што неколку пати улиците беа обновувани, еднаш направена, па пак уште еднаш, треба да биде еднаш ама вредно, да не се повторува истиот процес повеќе пати“, велат анкетираните прилепчани.

Општинската зграда на која шарената револуција оставила трага, го чека идиот „градски татко“. Актуелниот градоначалник на Прилеп, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески по три последователни мандати се бори и за четврти. Негов противкандидат од СДСМ е директорот на градската болница Илија Јованоски.

При изборот кому да му до дадат гласот, велат се водат од личноста, а не од партијата. Податоците од последните локални во 2013 покажуваат дека кандидатот на СДСМ освоил помалку гласови од партијата.

„Партија сигурно, сам човек не може да направи ништо“, вели анкетирана граѓанка.

Индустриските зони беа приоритет на градоначалникот Ристески. Зоните се средуваат и се продаваат парцели за изградба на фабрики.

„Во изминатиов период нашиот град стана вистинска мета на странските и домашни инвеститори“, вели Ристески.

Кандидатот на СДСМ, Јованоски, пак, вели дека ќе спроведе многу проекти, највеќе за младите.

„Ќе направиме многу нешта за младите во нашиот град. Младите ќе бидат тие што најмногу ќе учествуваат во носењето на одлуките“, изјави кандидатот за градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски.

Во Прилеп нема мигранти, ниту градот беше на мигрантската рута, но општинските власти, како и во многу други општини, донесоа одлука за референдум против стратегијата за мигранти, заедно со изборите. Таквата одлука беше запрена од Државниот инспекторат за локална самоуправа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG