Достапни линкови

Сите партии ги немаат објавено програмите на кандидатите


Илустрација-митинг на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2017
Илустрација-митинг на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2017

Аналитичарите велат дека е важно програмите на партиите да бидат објавени, меѓу другото, за да може да се проверува и што е реализирано, а што не.

На десет дена до локалните избори програмата што ја нудат кандидатите за градоначалници граѓаните може да ја најдат и на интернет, но, не на сите партии. СДСМ на посебната страница за изборите ја има објавено програмата на сите кандидати одделно, ДУИ ја објави попладнево, Беса имаат објавено за одредени кандидати, а програмите на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ги нема воопшто поставено на интернет.

Опозициската партија, која има и посебен сајт за локалните избори novaera.mk, каков што им е и главниот изборен слоган, има поставено отчет за досегашните проекти, документот наречен „Новата ера почнува, ново утро нови победи“ во кој на 32 страници ги објаснуваат нивните идни политики, но таму не може да се пронајдат програмите и ветувањата на кандидатите за градоначалници од таа партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега не одговараат зошто за овие избори одлучиле да не ја стават програмата на интернет. Од ДУИ, пак, претпладнето рекоа дека имаат моментен технички проблем, но подоцна информираа дека ја објавиле програмата на сите нивни кандидати. Секој кандидат сам си ја објавува програмата, велат од Беса, додавајќи дека има кандидати кои не сакаат програмата да им биде во електронска форма.

Лура Положани, политиколог истражувач, која е дел од тимот што стои зад интернет алатката локален избор, вели дека многу е важно сите партии програмите да ги направат достапни и онлајн.

„Мислам дека покрај ова многу е важно и тие да останат онлајн и во следните четири години без разлика дали победиле или не, затоа што на тој начин, во кој било момент, може граѓаните да проверат што е остварено, а што не“, вели Положани.

Таа додава дека и во програмите што партиите ги имаат објавено, недостигаат конкретни работи за граѓаните да бидат целосно информирани за тоа што им се нуди и како ќе се реализира.

„Има недостатоци, не само за тоа како ќе ги обезбедат парите, туку и врз основа на кои концепти ги предлагаат идеите - на пример ако мислат дека треба повеќе градинки или помалку градинки, дали направена студија колку всушност градинки и требаат на таа општина“, вели Положани.

Инаку до крајот на изборната кампања остануваат уште осум дена. Дотогаш партиите на разни начини ќе ги убедуваат гласачите дека ја имаат најдобрата понуда, а изборниот молк стапува во сила на 13 октомври на полноќ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG