Достапни линкови

Изборните инциденти - тест за МВР


Илустрација

Министерството за внатрешни работи ја уверуваше јавноста дека е подготвено за спроведување мирен изборен процес без посериозни инциденти, но во меѓувреме двајца учесници на локалните избори завршија во болница.

Нема место за насилство на демократски избори, е ставот на меѓународната заедница по неколкуте последователни инциденти во предизборието. Ваквата реакција следи откако за десетина дена од изборна кампања тројца учесници во локалните избори се примени во болница.

Во минатата недела носителот на независна советничка листа во Кичево, Алит Абази беше застрелан од огнено оружје, додека бил со шефот на изборниот штаб Дестан Абдиу, кој, исто така, бил мета на напаѓачот. Абази се уште е во болница на интензивна нега, додека Абдиу е пуштен на домашно лекување.

По приведувањето на напаѓачот, гостиварското обвинителство од судот побара да му се одреди 30 дневен притвор. Но по една недела од Јавното обвинителство нема информации до каде е истрагата, дали се откриени причините за нападот, односно дали станува збор за политички мотивиран напад или пак за приватни причини повразни со судски спор како што се шпекулираше во медиумите. Во МВР, пак, велат дека случајот во Кичево е веќе расчистен и оти не е поврзан со изборите. На сторителот му е поднесена кривична пријава, велат во МВР.

Неделава, пак, беше физички нападнат градоначалникот на Шуто Оризари и кандидат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Елвис Бајрам. Полицијата вчера соопшти дека за овој напад се идентификувани и повикани на разговор девет лица.

„Идентификувани се и повикани на разговор девет лица кои учествувале во тепачката и во постапка е прибирањето докази за натамошно постапување. Потенцираме дека ниту еден инцидент нема да се толерира. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, изјави вчера портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Во меѓувреме, има вести за искршени стакла на партиски штабови, а од ВМРО-ДПМНЕ обвинија за полициска бруталност, односно посочија дека полицаец му вперил пиштол на нивниот кандидат за градоначалник на Кавадарци, но таква пријава нема во МВР, велат оттаму.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна во интервју за Радио Слободна Европа посочи дека министерството е подготвено за да спроведе мирен изборен процес.

„Ги правиме сите крајни подготовки за да имаме добар процес, секојдневно се вложуваме во тоа да нема инциденти, да се намали бројот на инциденти, или да не дојде до посериозни инциденти, кои што би можеле да го нарушат изборниот процес, но тоа треба сите заедно да го направиме“, рече Спасовски.

Основното јавно обвинителство, им предочи на медиумите на тематски брифинг дека „постапува по сите индиции за сторени какви било повреди на изборниот процес“, дека е формирана посебна обвинителска комисија која ќе ги следи изборите и брзо ќе реагира во случај на утврдени нерегуларности, како и дека ниту едно кривично дело нема да остане неказнето. Но, досега од таму нема информации за текот на истрагите околу изборните инциденти.

„Во оваа фаза не можеме да споделиме информација со јавноста што се постапува, но бидете уверени дека по сите случаеви постапуваме“, изјави претседателот на обвинитеската комисија Џелал Бајрами.

Претседателот на Државната изборна комисија, Алекасандар Чичаковски, во писмена изјава испрати апел до надлежните институции за брзо расветлување на овие инциденти и казнување на сторителите.

„Но, пред сè, да упатиме повик до сите политички партии да придонесат кон смирување на страстите, да влијаат на своите членови и кон спречување на било какво идно насилство или инциденти“, се вели во писмената изјава Чичаковски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG