Достапни линкови

Инцидентите го нарушуваат демократскиот амбиент за изборите


Илустрација - градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам повреден во тепачка меѓу две групи. Фото: Алсат-М

Тепањето на актуелниот и кандидат за градоначалник на Шуто Оризари Елвис Бајрам е еден од посериозните инциденти во предизборието. МВР вели дека работи на расчистување на случајот, а ВМРО-ДПМНЕ набројува 11 изборни нарушувања.

Искршени и оштетени партиски штабови, еден натепан политичар и еден застрелан кандидат за советник е досегашниот биланс во предизборието во Македонија. Во пресрет на локалните избори што ќе бидат одржани на 15 октомври, градоначалникот на Шуто Оризари и кандидат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Елвис Бајрам беше нападнат и повреден додека вршел обиколка на општината во рамките на предизборната кампања. Од неговиот кабинет тврдат дека бил нападнат кога дошле пред штабот на противкандидатот од СДСМ, Курто Дудуш.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека идентификувани се и повикани на разговор пет лица кои учествувале во тепачката и во постапка е прибирањето докази за понатамошно постапување. Од таму додаваат дека најостро ги осудуваат сите облици на насилство, а особено во текот на изборната кампања.

„Изборниот процес е наменет за претставување на кандидатите и нивните програми и министерството смета дека тоа е единствениот начин преку кој граѓаните треба да бидат запознаени со учесниците во изборниот процес. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, се наведува во соопштението на МВР.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ по нападот на Бајрам наброја дури 11 предизборни нарушувања за кои тврдат дека претставуваат грубо и брутално нарушување на изборниот процес а на кои полицијата и институциите на владата предводена од СДСМ молчеле.

„Има сериозни дамки врз изборниот процес. Пукање, физички пресметки, тешки телесни повреди, злоупотреба на полиција во изборни цели, закани, притисоци, искршени штабови, партиски агитирања од членови на изборните комисии е само мал дел од сликата која СДСМ ја гради и доказ за нервозата поради поразот на 15 октомври”, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

И од СДСМ го осудија нападот на Бајрам наведувајќи дека насилството е неприфатливо и апелира институциите да го расчистат случајот.

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири вели дека министерството за внатрешни работи не е многу агилно во превенција на случаите како оние со оштетувањата на изборните штабови но дека оваа предизборна кампања сепак се одвива, како што вели, во подемократски амбиент од претходните. Според него ова се изолирани инциденти.

„Не верувам дека во самите партии има нешто поорганизирано во насока на предизвикување на таквите инциденти за да се наруши воглавно мирната атмосфера што владее во текот на оваа изборна кампања“, вели Незири.

Инаку, минатата недела во Кичево беше застрелан носителот на независната советничка листа во тој град Алит Абази, но овој случај не доби силна политичка димензија. Абази се уште е во критична состојба, а на лицето кое пукаше му е одреден триесет дневен притвор. Мотивите за нападот се уште не се знае дали се политички.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG