Достапни линкови

Патувачкото кино на „МакеДокс“ во поход на Поречието


Постер за овогодишното патувачко кино „Македокс“.

Од 12 до 25 јули, Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, ќе ја реализира „осмата епизода“ од својата најромантична приказна – патувачкото кино. Овојпат магаренцето натоварено со грижливо одбрани документарци и многу желба за дружење и едукација ќе посети осум села во околијата на Македонски брод и Порече, а предвидено е и негово кратко појавување со специјална селекција и на годинешното издание на Д Фестивал во Дојран.

Навистина е тешко да се објасни ако не се доживее тој сингуларитет, кој се креира на „патувачко“, но еве, таму сретнуваме луѓе кои живеат во средини незагадени од стрес, брзање, состаноци, шизми од онлајн-офлајн преклопувања, знаат да те научат и понекоја лекција. Понекогаш со некоја мала досетка, понекогаш со некое, за урбаните ликови, непријатно молчење и застаклени очи. Животот на прв поглед изгледа поедноставен, но, реално, кога бил едноставен? И кога бил комплициран? Се сретнуваме со себе, во некои други огледала, мириси и дејности. Еден, како што рековме, тежок за објаснување сингуларитет.

Вака и само во неколку реченици, идејните творци и потписници на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, ќе се обидат својски да ја отсликаат својата најромантична приказна – патувачкото кино. Посланието доаѓа пред реализацијата на осмата авантура во татковината, а во чии рамки е планирано патувачкото магаренце да помине осум села во околијата на Македонски брод и Порече. Да прикажува одбрани документарци и да реализира работилници во Крапа, Девич, Црешнево, Требино, Локвица, Брест, Косово и Манастирец.

„Се започна од инает. Бидејќи на премиерата на еден наш филм немаше воопшто публика во кино-салата рековме: ако народов престане да оди во кино тогаш ние со киното ќе одиме кај нив дома. Така практично започна идејата за патувачкото кино која има за цел да ја децентрализира уметноста и културата. Затоа и одиме во руралните средини. Меѓутоа уште поголемата доблест на патувачкото кино е социјализацијата помеѓу руралното и урбаното население“, вели Бранд Ферро.

Тој дополнува дека во одредени села „караванот“ претстојува по цел дена – заедно готват, јадат, гледаат филмови...учат едни од други. За ова издание на патувачкото кино Ферро најавува и еден убав новитет – креативни работилници за најмладите и оние на возраст од 15 до 18 години. Истакнува дека испратиле отворен повик до нив да им се приклучат и да снимаат, да гледаат цртани филмови и да се забавуваат.

Од друга страна, се чини дека годинава, а по посетите и средбите со мештаните на Малешевијата, Гевгелиско, Преспа, Дебарца, Валандовско-Дојранскиот крај... , конечно ќе заживее и една постара размисла – приказните што авторите како Ферро, Петра Селишкар и останатите ги слушале да бидат преточени во документаристички филмски стории.

„Го собравме интересните прикаски од Поречкиот регион, такашто во догледно време имаме намера со две од нив малку посериозно да се занимаваме како филмски творци. Да снимиме два документарци за обичаите, да донесеме две стории за нештата што изумираат и ако вака не ги документираме свесни сме дека полека ќе ги снема“, смета Ферро.

Кон ова уште и информацијата дека по втор пат Патувачкото кино на „МакеДокс“ од 14 до 16 јули ќе биде гостин и на претстојното издание на „Д Фестивал“ во Дојран.

„Од лани решивме да гостуваме на секој „Д Фест“ затоа што таму доаѓа навистина прекрасна публика. Публика која што сака музички документарци, а ние такви со откупени права имаме доволно во нашата архива. Соработката ја почнавме онака како и што доликува на две значајни летни културни манифестации, затоа не смеам да заборавам да споменам дека и тие со свој прилог исто како и во минатата година ќе се вклучат на престојното издание на „МакеДокс“. Супер ни почна оваа комуникација и не се сомневам дека долго ќе потрае“, појаснува снимателот.

А, кога сме веќе тука, колку за потсетување дека организацискиот тим на Фестивалот на креативен документарен филм и во деновите на навидум релаксирачкото патувачко кино неуморно ќе работи на новото, осмо издание на „МакеДокс“ кое е планирано да се одржи од 19 до 25 август во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG