Достапни линкови

МВР е подготвено за изборите, а политичарите повнимателни


Архивска фотографија - Избори во Македонија, 2016.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврди дека полицијата е подготвена да овозможи избори без инциденти. Аналитичарите велат дека и покрај нервозната политичка атмосфера лидерите сега се повнимателни и нема да поттикнуваат инциденти.

Повеќе од девет илјади полицајци се на обука во која учествува и ОБСЕ за престојните локални избори, а за Министерството за внатрешни работи врвен приоритет е тие да бидат фер и демократски.

Ова во интервју за Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме во целост в недела го вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој инсистира дека сепак најважно од сè е да има соработка со политичките партии и граѓаните за да има безбеден изборен процес. Ниту еден полициски службеник не смее да учествува во политичка кампања за која било партија, тврди Спасовски.

„Министерството за внатрешни работи е подготвено и сега ги правиме сите последни подготовки за да имаме добар процес, значи ние секојдневно се вложуваме во тоа да се намали бројот на инциденти или да не дојде до посериозни инциденти кои би можеле да го нарушат изборниот процес“, вели Спасовски.

Престојните локални избори се многу битни за партиите, бидејќи преку гласовите ќе се покаже поддршката за власта или за опозицијата без разлика дали се работи за македонскиот или албанскиот блок од што може да се детерминира и иднината на партиите, оценуваат аналитичарите.

Според Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет на Македонија политичката атмосфера може да станува понервозна, а очекувањата се дека може да има инциденти поради ваквиот политички контекст.

„Но, од друга страна мислам дека самите лидери на политичките партии ќе внимаваат и нема да дадат такви инструкции, да се предизвикуваат инциденти, затоа што знаат дека тоа кај гласачкото тело не поминува, а со меѓународната заедница, во овој случај Европската унија и Соединетите Американски Држави тоа ќе им го сметаат за голема грешка“, вели Рамадани.

Според него, ова е важно, затоа што, како што вели, во Македонија нема политичка партија која може да се надева на опстојување или успех ако нема поддршка од меѓународната заедница.

Во интервјуто министерот за внатрешни работи ги отфрла обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ја користи полицијата за партиски цели особено поврзано со случаите со кандидатот за градоначалник на Кавадарци и случајот со Ново село.

„Таквите обвинувања ги отфрлам во целост. Луѓето кои Министерството за внатрешни работи си го нарекуваа МВРО немаат кредибилитет да зборуваат дека некој го партизира МВР“, вели Спасовски.

Инаку во првиот случај опозицијата тврди дека полицијата му вперила пиштол на кандидатот за градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев, а во вториот дека кривичната пријава против градоначалникот на Ново село е монтирана за СДСМ да се спаселе од изборниот пораз.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG