Достапни линкови

Победата на Меркел во сенка на успехот на крајната десница


Германија врти на десно, е најчестата оценка во германските медиуми откако крајно десничарската Алтернатива за Германија за прв пат влезе во Парламентот со освоени 13 отсто од гласовите. Тоа фрли извесна сенка врз изборната победа на Ангела Меркел и врз идните преговори за нова влада.

Меркел и нејзините демохристијани четврти пат по ред победија на парлментарните избори, но сега се соочуваат со огромни предизвици во обидот да формираат сојуз меѓу партиите кои се наоѓаат на различни страни од политичкиот спектар.

И покрај тоа што доби најмногу гласови, блокот на Меркел го постигна најслабиот резултат од 1949 година.

Згора на тоа, сегашниот коалицски партнер на Меркел, Социјалдемократската партија, соопшти дека ќе замине во опозиција откако освои рекордно мал број гласови.

Претседателот на социјалдемократите Мартин Шулц оцени дека „грешките“ на актуелната канцеларка им помогнале на екстремните десничари да влезат во Бундестагот.

Според него, нејзината скандалозна кампања и избегнувањето на политичките дебати создале вакуум кој го исполниле екстремните десничари и кои за прв пат влегуваат во Бундестагот.

Меркел пак, изјави дека ќе формира стабилно мнозинство и оти не планира да води малцинска влада.

Таа додаде дека стабилна влада е вредност сама по себе, оценувајќи дека германскиот парламентарен систем е поинаков од земјите кои имаат долга традиција на малцински влади.

„Живееме во бурни времиња. Апелирам до сите да продолжат да се однесуваат одговорно“.

„Се разбира, ние се соочуваме со огромен тест. Алтернатива за Германија влегува во парламентот. Ќе извршиме длабока анализа, бидејќи сакаме да ги вратиме нивните гласачи со решавање на проблемите и слушање на нивните грижи, а понекогаш и нивните стравови, но пред сè преку добра политика“, рече таа.

Копретседателката на Алтернатива на Германија Фрауке Петри изјави дека успехот на партијата претставува пресврт за Германија:

„Значи ова е итен и навремен сигнал за демократијата во Германија дека сега конечно има провокативно парламентарно присуство за важните прашања во Берлин, а не само во локалните парламенти“, рече Петри.

Во меѓувреме, во текот на ноќта во Берлин и во некои други градови дојде до проетсти против Алтернатива за Германија. Еден од учесниците вели:

„Ако оваа партија влезе во парламентот ќе добие многу поголема можност за ширење на десничарската пропаганда. И тоа ме плаши“.

Основана во 2013 година од група од академици против еврото, Алтернатива за Германија се претвори во антиимигрантска партија која профитираше од одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел за 2015 година да ги остави германските граници отворени за мигрантите и бегалците.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG