Достапни линкови

Судири на протестите против Г20 во Хамбург


Конфузија и хаос низ улиците на Хамбург откако германската полиција употреби водени топови за да ги растера насилните демонстранти пред самитот на Групата 20 индустриски најразвиени земји во светот. Повредени имало и на двете страни.

Искршени излози на продавници, остатоци на запалени автомобили, парчиња мебел, канти за ѓубре и барикади.

Ова е само дел од сликата по судирите меѓу полицијата и демонстрантите на протестот наречен „Добредојдовте во пеколот“.

Полицијата се судри со учесниците на антикапиталистичките демонстрации во близина на местото на собирот на Г20.

Притоа беа употребни водени топови за растерување на демонстрантите кои со црни маски на лицата почнале да фрлаат шишиња врз полицајците.

До судири дошло откако некои од демонстрантите почнале да кршат стакла на прозорците и да палат автомобили.

Во Хамбург, според проценките на полицијата, се собраа околу 100 илјади демонстранти од кои, како што е наведено, 8 илјади со намера да предизвикаат судири во градот кој за време на дводневниот самит го обезбедуваат над 20 илјади полицајци.

Протестите се во организација на сојуз на антикапиталистички групи против Г20.

Мајкл Мартин, кој е коорганизатор на „Добредојдовте во пеколот“, вели:

„Според наше мислење, последните изјави дека има 8 илјади кои се склони кон насилство се со цел да ги затворат камповите и се политичка пропаганда“, вели тој.

Според организаторите, најразвиените земји не успеале да решат многу прашања кои претставуваат закана за мирот во светот.

Кемал, еден од учесниците на протестите, вели:

„Ние сме тука, бидејќи мислиме дека на Г20 не му е местото во Хамбург. Не му е местото во светот. Тој е непотребен. Тоа е организација на владејачките класи, на имперлијалистичкиот систем што ја продлабочува експлоатацијата во светот“, вели тој.

Многу жители на Хамбург беа против одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел за одржување на овој самит во вториот најголем град во Германија.

Според некои оценки, за Меркел, која во септември ќе се трка за четврти мандат, иако организацијата на самитот на Г20 е шанса да ги исполира нејзините дипломатски ингеренции, исто така може да биде катастрофален ако е проследен со насилства.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG