Достапни линкови

Грција се спаси од банкрот


Министрите за финансии од Еврогрупата во Луксембург постигнаа договор на Грција да и дадат нов заем од 8,5 милијарди евра. На состанокот учествуваше и директорката на ММФ Кристин Лагард, која изјави дека ќе му предложи на Фондот заедно со еврозоната да учествува во планот за помош на Грција.

Грција идниот месец треба да исплати над седум милијарди евра врз основа на стари кредити.

За да го стори тоа и е неопходна меѓународна помош или во спротивност и се заканува банкрот.

Ослободувањето на новата транша од помошта дојде откако Грција ги спроведе реформите кои европските кредитори и го поставија како услов за натамошна помош во оваа фаза од програмата за спас на Грција.

„Мило ми е да најавам дека постигнавме согласност за сите елементи, условноста, натамошното придвижување на стратегијата на долгот и учеството на ММФ“, изјави шефот на еврогрупата Јерен Дијселблем.

Директорката на ММФ Кристин Лагард, која учествуваше на сотанокот, изјави дека очекува Фондот да ги исплати парите во почетокот на идниот месец.

„Што се случи денеска во однос на Грција? Јасно, важен чекор со цел да и се помогне на Грција и на грчкиот народ на патот кон поголем и подобар раст и поголема и подобра стабилност“, рече таа.

Евроминистрите решија да ја остават настрана дискусијата во врска со одлуката за отпишување на грчкиот долг.

На ова главно се противи Германија која е најголем контрибутор во програмата за финансиски спас на Грција.

Имено, Германија во септември годинава се соочува со парламентарани избори и не сака никаква расправа која би можело да влијае врз германските гласачи.

Берлин исто така сака да го задржи влијанието врз Грција за да обезбеди натамошно спроведување на болните реформи во земјата која неколку години е во тешка економска криза.

Грчкиот финансиски аналитичар Илиас Сиакантарис смета дека сега на Грција и е неопходна доверба од кредиторите:

„Довербата е клучна за грчката економија токму сега. Ова е она што ни треба да го видиме повторно“, вели тој.

На исто мислење е и Вили Спигу, сопственичка на продавница:

„Кога луѓето размислуваат како да купат дури и гума за џвакање, можете да разберете колку е голема економската криза. Ние сите ја губиме нашата надеж. Кога не гледате никакво светло, никаде. Само разговори. Разговорите не може да ве хранат“, вели таа.

Невработеноста во Грција во последно време опадна на 22 отсто, но се уште е највисока во рамките на еврозоната.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG