Достапни линкови

Законот за јазици мора да се реши, но како?


Архивска фотографија - Собрансика седница.

Од обвинувања за криминал до предизборна кампања и докажување на националноста, може да се слушне на собраниската дебата за законот за употреба на јазиците. Власта и опозицијата согласни дека треба да се реши овој јазичен јаз, но имаат различни погледи како да се напарви тоа.

Собраниската битка за законот за употреба на јазиците денеска продолжи со низа обвинувања за криминал, ширење на национална омраза, закани и кршење на деловничката процедура. Пратениците од опозицијата обвинуваат дека разгледувањето на Предлог-законот е само политичка игра на владејачката ДУИ во предизборна кампања, со што политички се уценува СДСМ. Според пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, со овој закон треба да се прикрие, како што вели, неспособноста на градоначалниците на Тетово, Арачиново и Чаир да го подобрат животот на своите сограѓани.

„Ова е класичен политички маркетинг кој што треба да покрие тоа што госпоѓата Теута Арифи не изгради ниту една улица во Тетово, освен две улици од која една води до нејзиниот имот. Треба да се покријат ситуациите со граѓаните од општина Чаир, треба да значи покривање на грешките во Арачиново, зашто имале пари за канализација, а не ја изградиле“, вели Димовски.

Тој обвини дека со овој закон се покриваат коруптивните афери, скандали и неостварени ветувања кон албанското гласачко тело. Побара и широка јавна дискусија во која ќе биде вклучена и стручната јавност.

За пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски, обвинувањата на опозицијата дека законот за употреба на јазици ќе донесе меѓуетнички поделби и проблеми е само ширење на национална омраза. Тој посочи дека е разочаран од своите колеги пратеници, затоа што секој од нив во себе носел или голем Албанец или голем Македонец, но ниту еден од нив не е реален.

„Вие многу се борите тука - законот ова, законот она, нема тука гачки. Законот мора да се реши и смирете се, исфрлете ја националната омраза. Многу ми е мило што сум тука, ама жал ми е за едно. Јас мислев дека во оваа сала се друга врста на луѓе, но многу сум разочаран, подобро ми беше со овчарите во село, тие беа логични, секој збор го велеа на свое место, а вие зборувате без везе. Дајте бе луѓе да зборуваме и живееме заедно. Смирете се и мислете малку со главата, мислете како луѓе , а не како Албанец и Македонец“, вели Манојловски.

На ова со контрареплика возврати Димовски.

„Чичко Бранко, национална омраза е да ги оставите граѓаните на Тетово да дишат канцероген воздух, а тоа го правеше ДУИ. Национална омраза е за секое вработување на наш сограѓанин Албанец преку Охридскиот рамковен договор е да барате пет илјади евра, а тоа го правеше ДУИ. Затоа чичко Бранко убави се романтичарските говори, но ве молам немојте да ги покривате вашите колеги од ДУИ кои своето неработење и криминал сакаат да го покријат со ваков закон со прекршување на Устав, Деловник и Охридски рамковен договор во очи на избори“, возврати Димовски.

Петре Шилегов од СДСМ од собраниската говорница истакна дека однесувањето на опозицијата е чисто политиканство и дека до сега упорно во јавноста пласираат „баба рога тези“ за плашење на народот со меѓуетнички проблеми. Тој вели дека кога станува збор за обвинување за шверцерско носење закони треба да ги посети своите колеги и на носење на Законот за употреба на јазиците во 2008 и неговите измени во 2011 година.

„Ова само за уцените го кажувам. Уценети дека нема да ви биде гласана владата во 2011 година, го донесовте законот во фаза кога нема влада а е само одржана конститутивна седница. Овде. шверцерски, во скратена постапка, без присуство на јавност, без дебата, без МАНУ, без Институт за македонски јазик, без никого, сами со очајот да формирате Влада“, изјави од говорницата Шилегов.

Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ посочи дека овој Предлог-закон не е доволно добар и дека СДСМ ќе поднесе амандмани, но и дека ќе учествува во дебата за подобрување на текстот на законот.

Прашањата за правата на малцинствата и цитати од Блаже Конески, Крсте Петков Мисирков и други македонски дејци беа дел од менито на собраниската расправа. Сите пратеници се согласни само во едно, дека треба да се реши овој јазичен јаз, но нивните ставови се судираат околу начинот и времето кога треба да се пристапи кон негово решавање.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG