Достапни линкови

Луѓе бре, каде живееме и што правиме?


Сашко Јованов, Македонска платформа против сиромаштија
Сашко Јованов, Македонска платформа против сиромаштија

Зарем е можно млади лица на 16, 17 години да се полни со стереотипи и предрасуди, да реагираат едноставно на начин кој не е својствен на времето кои сега живеат, пишува Сашко Јованов од Македонската платформа против сиромаштија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Многумина од вас веќе се запознаени со основните човекови права, бидејќи оваа тема е веќе доста зборувана и да не речам излитена од самото осамостојување на Македонија. Низа проекти, обуки, семинари, кампањи беа пласирани во јавноста за човековите права.

Но, штом се свртиш некаде околу тебе ќе сфатиш дека и не секој си ги знае неговите основни човекови права, не секаде се почитуваат истите, не секаде им се обезбедени правата на човекот за негово слободно размислување, опстојување, правото на почитување на различностите и многу други права кои се нижат како синџир и се табу тема за некои, а посебно за маргинализираните групи на граѓани.

За да ја напишам оваа колумна бев инспириран од еден настан кој ми даде јасна слика дека сепак ние живееме во земја каде што се почитуваат правата, каде што секој може да има право на свое слободно изразување, право и слобода на истакнување на различностите.

Како координатор на младинската програма годинава бевме дел од проектот „Да се биде виден“ кој се одржа во Финска. На проектот учествуваа 4 држави или вкупно 75 учесници. Во фокус на овој проект беа човековите права и правото на слободно изразување. Активностите кои беа предвидени во самиот проект требаше да ги поттикнат младите да размислат за нивните основни човекови права, критично размислување но и да ги поттикнат да ги бранат правата на тие кои не можат или некој не сака да ги виде во самото општество.

Сè си течеше совршено, младите дискутираа, се дружеа, некои од нив препознаа дека некогаш и некаде им било прекршено некое право, но сепак тоа треба да им биде како главна водилка во иднина и станат свесни дека сепак се човечки суштества со одредени права за кои треба да се борат.

Како дел од проектот беше нашето учество на парадата на гордоста која се одржуваше во Хелсинки. Ете тука почна сè за да станам свесен во какво општество ние живееме тука.

Со самото пристигнување на парадата која беше поделена во неколку делови и тоа дел каде што невладините организации, компании, граѓани кои несебично ја даваа својата поддршка за човековите права за маргинализираните групи и вториот дел претставниците од ЛГБТ заедницата кои буквално се бореа за своите основни човекови права.

Навидум гледаш се е супер, младите се свесни за различностите, некои од нив радосни затоа се дел од ваков настан и дека даваат значаен придонес во општество или пак конкретно за некој да дојде до своите права. Но од друга страна гледаш како дел од моите младинци настроени негативно не сакаат да се дел од парадата, дека им е одвратно што гледаат како некој од ист пол се држи за рака, се гушка или пак носи женска облека. Тогаш сфатив дека овој проблем е само со дел од моите учесници, а не и со дел од учесниците од другите држави.

Како лице кое долго работи во невладиниот сектор и како активист не ми беше јасно и не можев сам на себе да си објаснам што се случува со нив, зар е можно млади лица на 16, 17 години да се однесуваат така, да се полни со стереотипи и предрасуди, да реагираат едноставно на начин кој не е својствен, не посебно во времето кои сега живеат.

Но ете се случи и тоа, да вистината е дека живееме во општество и во земја каде што не се почитуваат во целост човековите права, не посебно на маргинализираните групи на граѓани. Живееме во едно затворено општество каде што не се знае за различностите, каде што се смета дека припадниците на ЛГБТ заедницата се болни и дека им треба соодветен третман, општество каде што според закон се смета дека бракот е само помеѓу маж и жена, општество каде што се нудат гасни комори за сите кои се различни од нас.

Наместо да се размисли или да се обезбедат услови секој да ги ужива своите права, дека припадниците на ЛГБТ заедницата се нормални како сите останати и придонесуваат во општеството како секој, ние нудиме омраза, прекршување на човековите права и продуцираме иднина каде што младите не можат да видат наоколу дека споделувањето љубов со ист пол е сосем нормално и не извитоперено. Продуцираме иднина каде што за успех само се смета завршување на образование, вработување, семејство и ништо повеќе.

На крај ќе завршам за да се почувствува дека некој навистина има проблем и дека му е тешко сам да се избори за правдата и да се биде виден и препознаен во општеството. Треба секој од нас да ги облече чевлите на тој што е во таква ситуација, да му ги осетиш маките и страдањата, понижувањата и погледот кој моли да има само нормален живот како секој останат. Тогаш секој ќе сфати колку им е тешко на луѓето кога секој ден им се кршат правата, колку им е тешкои се множат со нула секој божји ден кои се надеваат за подобро утре.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG