Достапни линкови

Зошто е потребно да се биде ЛГБТИ активист/ка во Македонија?


Викторија Бондиќова, Програмска асистентка во Суберзивен фронт
Викторија Бондиќова, Програмска асистентка во Суберзивен фронт

Молчењето пред фактите, намалената свесност меѓу доминантните структури и лица во општеството, ја создава потребата од активизам, која воедно поаѓа од базични хуманистички мотиви: да се води и да се истрае во борбата за уживање на основните човекови права, подобрување на квалитетот на животот на луѓето чии права и слободи се прекршени, пишува Викторија Бондиќова, програмска асистентка во Суберзивен фронт, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Секојдневно се запрашуваме, како е да биде ЛГБТИ лице во Македонија, а уште повеќе, ЛГБТИ активист/ка, каде правата на овие лица се наоѓаат на маргините на системот, остануваат заборавени од страна на одлучувачките авторитети, општеството, институциите. Впрочем, главните фели кои ги донесуваат одлуките за овие прашања, ги игнорираат и доволно вознемирувачките резултати од истражувања кои гласно говорат за влошеното менталното здравје на овие лица како резултат на стигматизацијата, недоволната информираност и знаење, што резултира со негативни ставови, постоењето на стереотипи и предрасуди, па и насилство кон оваа група на луѓе.

Ексклузивноста во политиките и законите, која провејува низ правниот систем преку исклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, ја ограничува можноста за дејствување и нудење на адекватна заштита на ЛГБТИ лицата.

Молчењето пред фактите, намалената свесност меѓу доминантните структури и лица во општеството, ја создава потребата од активизам, која воедно поаѓа од базични хуманистички мотиви: да се води и да се истрае во борбата за уживање на основните човекови права, подобрување на квалитетот на животот на луѓето чии права и слободи се прекршени. Но, важно е и да се запрашаме: дали е нужно да се биде припадник/чка на ЛГБТИ заедницата за да се бори за правата на членовите на заедницата?

Во борбата за еднаквост, многу е погрешно и наивно да се заземе ставот дека исклучиво ЛГБТИ лицата чии права се прекршени, треба да бидат граѓански активист(к)и. Дали има некој кој не посакува мир и разбирање меѓу луѓето и општествата во светот? Токму вклучувањето на „стрејт заедницата“ би ги мотивирала и поттикнала на размислување останатите граѓани за широкото општествено значење на овие теми, засегнатоста на многуте страни, свесноста за позитивните вредности, преиспитување на сопствените постапки во однос на насочувањето на човековата енергија кон подобар квалитет на живот на одредена група на луѓе. ЛГБТИ лицата се меѓу самите нас, тие се наши пријател(к)и, синови и ќерки, родители, колеги/колешки, соработници/чки, сосед(к)и, подредени и надредени.

Дали ви се допаѓа помислата дека некој/а од нив секојдневно искусува симптоми на депресија, размислува за обиди за самоубиство, се мрази себе си поради тоа што е, не се чувствува сигурен/на во средината во која живее, искусува дневни закани по својата безбедност и општа благосостојба?

Активизмот мора и ќе мора да постои, не само поради своите историски корени во постигнувањето на резултати во борбата за ЛГБТИ права, туку поради чувствата на задоволство и полезност дека во одреден момент сте помогнале на човечко суштество.

Чувството на влијателност дека во одреден момент сте промениле, или барем неутрализирале нечиј став. Чувството дека сте личноста на која некој има слобода да ѝ се обрати. За ова говорат личните сведоштва, искази, пораки кои секојдневно ги добиваме како граѓански активист(к)и, а позитивно влијаат на врз менталното здравје на ЛГБТИ индивидуите, макар за момент. Факт е дека не можеме во секое време да очекуваме крупни промени, затоа што станува збор за систематски пристап каде е нужна долготрајната соработка и со државните институции, невладините организации, меѓународните организации, како и владините структури.

Очекувањата кои се поставени пред формирањето на новата Влада повторно се во насока на поддршката и вклученоста на ЛГБТИ лицата во своите политики, затоа што без мулти-секторски пристап, не можеме да очекуваме подобрување на општата хетеронормативна клима која долгогодишно владее во нашата земја.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG