Достапни линкови

Ликовната колонија „Кавадарци/Михајлово 2017“ посветена на Ристо Соколов Сокол


Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово“ 2017. Фото: Марјан Тодоровски

Со изложбата на ликовната уметница Марјана Костојчиновска Узунчева во Галеријата при домот на културата „Иван Мазов – Климе“, во неделата, на 20 август беше отворена 23-та Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово“ на која овој пат учествуваат 65 докажани творци од Азија и од Европа. Колонијата годинава му е посветена на познатиот кавадаречки и македонски ликовен уметник Ристо Соколов Сокол.

Силвана Силва од Данска, Елизабет Лиса Христова, Красимир Тодоров и Марианна Везарова од Бугарија, Елени Фотополу, Еви Курмакиду и Танасис Керамитис од Грција, Вахид Алкан, Зејмер Салман и Гулчин Онтаж од Турција, Илда Курбашевиќ, Ајла Мелиќ и Ивана Кики Јаковљевиќ од Србија, Анета Хасани, Пранвера Сулејмани и Мерита Јаха од Косово, Мустафа Арапи, Марјана Гонџабелиу и Ида Малај од Албанија, Анита Анчи Кала од Црна Гора, Снегана Мелник од Украина, Вахил Новзуров од Ерменија и нашите Ивана Настеска, Решат Амети, Тони Чатлески, Фехим Хусковиќ, Данчо Ордев, Горан Јованов и Симонида Филипова Китановска се меѓу 65-те ликовни уметници кои ќе творат на 23-та Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово“, што од 20 до 27 август се одржува во просториите на кавадаречкиот хотел „Уни Палас 2“.

Владимир Темков, ликовен уметник и директор на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, организатори на случувањето, вели дека од воспоставувањето на Колонијата во 1995 година, со тогаш скромни 12 автори, нивната цел низ годините била да го достигнат бројот на учесниците кој би значел нешто за ликовната уметност и посебно за ликовните уметници.

„Дружењето и сето она што го носат самите автори од своите држави, своите земји, нивниот дух и нивното размислување, нивното творештво и оставајќи дел од него преку делата што овде ги оставаат е најголемиот мотив и двигател за да имаме таков број на уметници во Кавадарци. Годинава околу 70, ако тука ги сметаме и локалните творци“, вели Темков.

Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово“ 2017. Фото: Марјан Тодоровски
Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово“ 2017. Фото: Марјан Тодоровски

Колонијата беше отворена во неделата со претставувањето на актуелното творештво на современата ликовна уметница, ликовен педагог и вљубеничка во научната фантастика Марјана Костојчиновска Узунчева во Галеријата при домот на културата „Иван Мазов – Климе“. За време на одржувањето на оваа голема интернационална ликовна средба планирано е да бидат отворени уште две постановки - во Музеј Галерија Кавадарци, на 22 август, фокусот ќе биде на творештвото на Лаура Димитрова од Бугарија, а три дена подоцна, на 25 август, во Галеријата на Центарот за култура ќе се случи и Меѓународна уметничка фотографска изложба чиј потписник е познатиот албански фотограф Самир Ахмети.

„Авторите коишто доаѓаат од другите земји ги инволвиравме во комплетирањето на програмските активности за меѓусебното запознавање и мислам дека тоа е добредојдена новина. Сметам дека така и на тој начин треба да се развиваат и другите ликовни колонии кај нас. Да не биде тоа само едно дружење помеѓу творците и потем разделба, туку еве вака запознавањето да биде сторено и преку организирање на неколку самостојни изложби како во нашиот случај. Малку подетално на средбата да се види каде се упатило нечие творештво“, дополнува уметникот.

Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово 2017“ е планирано да кулминира на свеченото затворање на манифестацијата со традиционалната изложба на новонастанатите дела на учесниците што ќе се одржи на 26 август во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“. Конечно, а не помалку важно, Колонијата годинава му е посветена на познатиот кавадаречки и македонски ликовен уметник, некогашен претседател на друштвото на ликовните уметници во градот - Ристо Соколов Сокол.

„Во негова чест и во негово име, користејќи го неговото знаење и неговата енергија, оваа година со одлука на Советот на општина Кавадарци, името на Ликовната колонија „Кавадарци/Михајлово“ го носи името на Ристо Соколов Сокол, значи се одржува во чест и спомен, во сеќавање на сите негови заложби и дела, на сето она што тој и го остави на ликовната уметност. Мислам дека сето тоа е исправно и нормално на едно вакво големо случување и значаен ликовен настан, во тие неколку дена од годината, да се потсетиме на Сокол и да го продолжиме неговото дело и творештво“, појаснува Темков.

Инаку, во фон на големиот ликовен настан, на 25 август, на Градскиот плоштад во Кавадарци, ќе се одржи и Меѓународниот фолклорен фестивал – Кавадарци 2017. На него е планирано да учествуваат фолклорни ансамбли од Македонија (АКУД „Мирче Ацев“ Скопје и Фолклорен ансамбл „Тиквеш“ Кавадарци), од Полска, Босна и Херцеговина и од Бугарија, дел од нив учесници и на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал кој се одржува во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG