Достапни линкови

Галичка ликовна колонија – од традицијата кон модерното


Галичка ликовна колонија 2017
Галичка ликовна колонија 2017

Осум афирмирани европски и македонски уметници, чие творештво се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа уметностите, ќе земат учество на традиционалната 28 меѓународна ликовна колонија Галичник, што ќе се одржи од 15 до 22 август во ова живописно место со своја богата културна историја.

Светлана Волиќ од Србија, Симон Далеманс од Белгија, Фидан Бејтулаху од Косово, Јулиа Хопкинс од Велика Британија, Рената Папишта од Босна и Херцеговина, Рок Богатај од Словенија и Ана Јовановска и Ангел Миов од Република Македонија се осумте афирмирани уметници кои ќе земат учество на традиционалната 28 меѓународна ликовна колонија Галичник што ќе се одржи во периодот од 15 до 22 август.

Ана Франговска, претседателка на случувањето, вели дека Колонијата продолжува со своите зацртани прерогативи, а тоа се квалитет во изборот на уметниците и уникатност во поглед на идејната структурираност. Таа појаснува дека веќе осма година оваа творечка средба се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа уметностите, па генерално, поканетите уметници се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс и слично. Станува збор, како што истакнува, за автори чија уметничка кариера е веќе успешно одбележана или пак е во сигурен успон, следејќи по бројот и имињата на изложбите на кои зеле учество индивидуално или како селектирани претставници на своите земји на групни меѓународни претставувања. Од таму, според нес, изборот на дигиталната медиумска стратиграфија, а секако и секогаш примарниот аспект на внимателен избор на афирмирани уметници, ја чини оваа колонија единствена, посебна и препознатлива во земјава, па и во регионот.

„Излеговме од оној шаблон на класичните дисциплини на сликарството, на скулптурата и на графиката, сè со цел не само да бидеме паралелно со светскиот меинстрим, туку и да бидеме поинакви, единствени и уникатни. И такви сме во регионот. Препознатливи сме токму по тоа“, вели Франговска.

Појаснувајќи ги заложбите истакнува дека за пошироката публика тој навидум чуден спој на живописноста на крајот и традицијата со дигиталните медиуми и медиа уметностите можеби звучи нелогично, та дури и провокативно, за да потем заклучи дека во суштина ваквите вкрстувања знаат да бидат и тоа како мошне инспиративни.

„Ваквите споеви секогаш се мошне инспиративни и како по правило продуцираат несекојдневни дела во којшто е бележит токму тој преод од старото, класичното, фолклорот, традицијата, магијата и природната убавина на самиот Галичник и на она новото, најсовременото. Тие не се во колизија, туку напротив мошне успешно кохибираат, многу добро соживуваат и создаваат творби којшто се посебни, специфични и квалитетни“, вели Франговска.

Од друга страна, како што ќе рече, авторите доаѓаат во Галичник со своите предизвици, спремни за истражување и докажување и дека ваквите творечки средби, преку многубројните разговори, стимулираат оснивање на концепти и дискурси од коишто потем произлегуваат многу нови идеи и возбудливи дела.

Сепак, Франговска е свесна дека осумдневното присуство на колонијата не може да резултира со комплетно завршени уметнички творби, бидејќи самата инфраструктура не го дозволува постоењето на опремени студија за дигитални постпродукции, туку за тоа време се снима и подготвува материјалот( се снимаат фотографии или се подготвуваат инсталациите и перфмормансите), за да постпродукцискиот дел продолжи по звршувањето на колонијата. Конечно готовите дела се испраќаат на организаторите на случувањето до крајот на годината, по што вообичаено и биваат претставени на македонската ликовна публика на биеналната изложба на Галичка колонија.

Кон ова само уште информацијата дека авторите за време на својот престој на Галичник ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот Св. Јован Бигорски, а секако ќе биде организирана и традиционалната еднодневна посета на нашиот бисер - градот Охрид, со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG