Достапни линкови

„Ничија земја“ на Морфов за ангажиран почеток на МНТ ФЕСТ


Со изложба на театарска фотографија на Драган Гајиќ и премиера на театарската претстава „Ничија земја“ во адаптација и режија на Александар Морфов, в сабота, на 3 јуни, ќе започне четвртото издание на МНТ ФЕСТ, манифестацијата што од година во година го изнудува вниманието на вистинските вљубеници во уметноста што се создава на „штиците што значат живот“.

По само една година од поставувањето на „Животот е прекрасен“, своето видување на „Самоубиец“ - текстот на рускиот писател Николај Ердман кое израсна во „претстава што боли до коска“, големиот бугарски и европски режисер Александар Морфов наново се враќа во Македонскиот народен театар. Овојпат за да се зафати со исправањето на сцена на „Ничија земја“ на босанскиот режисер Денис Тановиќ, филмот кој бавејќи се со големата човечка драма, страшната и бескрајна инерција на уништувањето, со војната во последната деценија од 20 век во поранешна Југославија, во 2001 година беше овенчан со статуетката Оскар.

Морфов со оваа тема веќе се бавел во Романија, но вели дека со оглед на тоа што проблематиката на „Ничија земја“ станува се поактуелна во времето во кое живееме размислувал тоа уште еднаш да го стори во некоја од државите како Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора или Македонија. Се одлучил тоа да биде во МНТ и смета дека го сторил вистинскиот избор.

„За жал, темата повторно стана многу актуелна. До болка. Сè околу нас почна да се руши. Да повампирува национализмот секаде. Како да сме во чистилиште и не би знаел дали ќе одиме нагоре или, пак, стрмоглаво надолу. Секоја реплика од текстот ја работевме заедно со актерите, со моите сега веќе другари, одевме збор по збор, го адаптиравме. Намерата ни беше сè да биде вистинско. Секој збор што ќе биде кажан е важен, сè е добро смислено“, констатира Морфов.

Дејан Пројковски, режисер и директор на МНТ, истакнува дека „Ничија земја“ е навистина голема тема и признава дека кога му кажал Морфов што му е намерата да работи малку се загрижил оти бил свесен дека во театарот многу тешко се одлучуваат да посегнат по некој филм бидејќи медиумите се различни. Сепак, јасно му било дека во самиот филм има многу нешто театарско. Бекетовско.

„Кога човек ја гледа претставата таа не го потсетува многу на филмот. Актерите и Морфов навистина создаваат еден свој свет којшто функционира и којшто држејќи ја „Ничија земја“ на Тановиќ има една надоградба. Би рекол театарска. Сценариото не е направено ниту подобро, ниту полошо. Просто е направена театарска претстава од „Ничија земја“ што е многу важно“, вели Пројковски.

Во контекст на неговото кажување, актерот Сашко Коцев, кој ја игра улогата на војникот Чики и кој патем по трет пат соработува со режисерот, вели дека кога креативниот тим на МНТ објавил кој текст ќе го работат со Морфов едноставно се запрашал зошто токму „Ничија земја“, позната сторија, филм што мнозина го виделе...за да дојде до размисла дека и Шекспир е толкуван на илјадници начини, па повторно и повторно му се навраќаат.

„Многу е интересно како дојдовме до еден ваков резултат. Додека работевме текстот стигнавме до еден чист, вистински Бекет. До една таква безизлезност на овие ликови. Додека копавме по репликите и се трудевме тие да станат наши а не таму на некои војници што не ги разбираме. Во целата таа ситуација и опкружувањето околу нас тие стануваа се повеќе и повеќе наши и во целата таа ситуација се повеќе и повеќе ја гледавме безизлезноста, всушност она што добро и го знаеме – дека со години и години ние, целиот Балкан, лежиме на мина“, вели Коцев.

Коцев дополнува дека во целата приказна од особена помош им биле сугестиите на нивната колешка, во случајов стручен соработник, актерката Николина Кујача која, за жал, цели три години поминала во окупирано Сараево, а за Морфов ќе рече и тоа дека инсистирал во трагедијата да не се внесува патос туку да му се даде акцент на животот со сите негови тешки и понекогаш комични ситуации.

Гораст Цветковски, пак, откако забележува дека и самиот несакал повторно да го погледне филмот на Тановиќ, ќе рече дека всушност „Ничија земја“ која се случува на воено поле може да биде било каде.

„Тука станува збор за тројца луѓе кои се во одредена ситуација и како таа им налага во одреден момент да се мразат, во друг да се бранат, во трет да се испреплетат тие односи, за на крај сето тоа да заврши фатално“, вели Цветковски.

Инаку, покрај нив во претставата играат Никола Ацески, Славиша Кајевски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Александар Ѓорѓиевски, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Томе Танковски, Стефан Спасов, Глигор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленковски, Марија Кондовска и Александар Ивановски.

Сценографијата е на Никола Тороманов и Валентин Светозарев, изборот на музиката е на режисерот Морфов кому како асистенти му помагале Никола Кимовски и Николина Кујача, а дизајнер на светло е Англичанецот Крис Јегер.

Инаку, во рамките на годинешниот, четврти по ред МНТ Фест, љубителите на театарот ќе имаат можност на 5 и 6 јуни да го проследат видувањето на кинеските уметници на шекспировиот „Магбет“ ( Пекиншки оперски театар), за 8 јуни е предвидено гостувањето на софискиот театар „Иван Вазов“ и морфововата поставка на молиреовиот „Дон Жуан“ и конечно на 13 јуни Народно позориште од Белград ќе ја прикаже чеховата „Иванов“ во режија на Татјана Мандиќ Ригонат со нашиот Никола Ристановски во насловната улога.

Згора на тоа, со идеја за воведување интернационална детска програма на Фестивалот, в недела на 4 јуни ќе бидат прикажани хит претставите „Силјан штркот шанса“ на Срѓан Јаничиевиќ и „Авантурите на Аладин“ на Бојан Трифуновски.

Тука се и документарниот филм „Право кон ѕвездите“ и Балканскиот стенд-ап со Сашко Коцев и пријателите и двете работилници – онаа за фотографија и ликовната колонија на која десеттина млади сликари ќе работат портрети на актери.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG