Достапни линкови

Избирачкиот список на увид, партиските кандидати идната недела


Архивска фотографија.Втор круг гласање на Локални избори 2013.
Архивска фотографија.Втор круг гласање на Локални избори 2013.

Наредната недела јавноста ќе ги дознае кандидатите за градоначалници и советници на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ досега објави петмина кандидати за градоначалници. Листите на кандидати за градоначалници и советници треба да се поднесат најдоцна до 14 септември.

Државната изборна комисија го објави списокот на гласачи кои се проверуваат теренски по име презиме и адреса на живеење, а политичките партии забрзано вршат консултации и подготовки за утврдување на кандидати за градоначалници и советници на општините за претстојните локални избори кои треба да се одржат на 15 октомври.

Според најавите од партиите, идната недела јавноста ќе ги дознае кандидатите за градоначалници и советници на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ, кои досега објавија пет кандидати за градоначалници, велат дека како што ќе завршуваат со изборот и на останатите кандидати, така ќе ги објавуваат нивните имиња во јавноста. Од СДСМ каде досега немаше официјализирање на имиња, додаваат дека во тек се внатрепартиски консултации кои ќе завршат на крајот на неделата.

Како што е познато, досега ВМРО-ДПМНЕ промовираше кандидати за градоначалници на пет општини на претстојните локални избори. Меѓу нив е и Струмица, каде досега градоначалник беше актуелниот премиер Зоран Заев. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги освои гласовите на жителите на оваа општина со кандидат кој по професија е орален хирург. И во Куманово каде актуелниот градоначалник е од редовите на СДСМ, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ е доктор. ВМРО-ДПМНЕ промовираше уште неколку кандидати за градоначалници меѓу кои и Славчо Чадиев за Велес, кој и досега беше на оваа функција.

Во врска со кандидатите на ДУИ, дел од медиумите објавија дека најверојатно актуелните градоначалници на Тетово, Гостивар и Дебар, Теута Арифи, Невзат Бејта и Ружди Љата повторно ќе се кандидираат за оваа функција.

Инаку, што се однесува на Центар, која е една од најинтересните општини, засега извесно е единствено дека актуелниот градоначалник Андреј Жерновски веќе најави дека од граѓаните ќе бара втор мандат зашто има уште многу проекти за реализација. И актуелниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски најави дека планира повторно да се кандидира за претстојните локални избори.

Според роковникот, листите на кандидати за градоначалници и советници треба да се поднесат најдоцна до 14 септември.

Инаку, увидот во Избирачкиот список трае до 9 септември.

Во Избирачкиот список има 1.816.127 гласачи, а во него не се внесени и 11.346 граѓани.

Најголемиот број од лицата кои не се внесени во списокот, 7.017 немаат живеалишта, дел се избришани од подрачните одделенија по основ на смрт, нераспределени има 1.418 лица и на 672 им е регистрирано поништено живеалиште, а како причини зошто овие лица ги нема во списокот се наведуваат и одземената деловна способност, отпуст од државјанство или избришани со акција за бришење.

Членовите на ДИК на последната седница рекоа дека презентираните бројки не се конечната форма на Избирачкиот список. Според ДИК, повторно ќе се проверуваат сите лица, бидејќи бројот на гласачите од МВР и Државниот завод за статистика не се совпаѓа.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG