Достапни линкови

АРМ, со тенок буџет пред големи предизвици


Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на прославата на 25 години од основањето на Воздухопловната бригада при АРМ.

Одбраната на која било земја е скапа работа, ние не може да си дозволиме експерименти. За да покажеме дека сме достојни за НАТО, земјата мора да почне да одвојува повеќе пари, велат од Синдикатот на одбраната и безбедноста.

Македонската Армија одбележува четврт век постоење, во кој последните години има континуирано намалување на буџетот на Министерството за одбрана. Македонија не е членка на НАТО, но Армијата е голем учесник во нејзините мисии. Новата власт, која се декларира за влез на земјата во Алијансата, најави зголемување на буџетот, професионализација и подобри услови за војниците. Сепак, со ребалансот го намали буџетот за одбрана за девет милиони евра, од 102 на 93 милиони евра.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска рече дека пред реблансот се соочувале со критична ситуација, оти немало доволно пари за исплата на плати и основните надоместоци. Со ребалансот се надминува тој проблем, а другите проблеми ќе ги решаваат од следната година, оти системот е голем.

И покрај сите премрежја, Армијата преброди 25 години и тоа е за поздравување, вели Ристе Ајтов од Синдикатот на одбраната и безбедноста. Тој вели дека како Синдикат сметаат оти Армијата не напредувала многу, особено во техничкиот дел, ако се споредиме со армиите на други земји, кои напредувале оти имале повеќе пари.

„Одбележуваме еден јубилеј, но тој јубилеј не доведе до решавање на основните проблеми на припадниците на Армијата. Тоа се: ниските плати, слабата опременост со опрема и додатоци на опрема, слабата техничка подготвеност во генерална смисла. Доколку во рамките на АРМ имате еден сегмент или една единица којашто има некакво ниво на техничка опременост и достигнување, не значи и дека целата Армија е подготвена“, вели Ајтов.

Тој додава дека Македонија може да влезе во НАТО, тоа е политичка одлука, но тоа не значи дека Армијата е комплетно компактибилна да учествува во некоја од мисиите на НАТО.

„За да можеме да покажеме дека сме достојни за местото во НАТО, коешто го посакуваме со години наназад Македонија мора да почне, без разлика која влада и која политичка опција раководи со државата, мора да почне да одвојува средства согласно нашата определба пред НАТО структурите. Одбраната на која било земја е скапа работа, ние не може да си дозволиме експерименти, или имаш безбедност како што треба или немаш, оти ако ја немаш како што треба во прашање е опстанокот на самата држава“, додава Ајтов.

Професор Нано Ружин, кој беше амбасадор на Македонија во НАТО, вели дека не само од аспект на буџет, туку и од аспект на направените реформи, Армијата заостанува значително на патот кон Алијансата, иако спроведувањето на реформи добро одело во периодот 2002-2008. Но потоа се одвојуваат малку пари, недоволни да ја интензивираат и да ја подготват македонската армија и останата инфраструктура за членство во Алијансата, вели Ружин.

„Армијата беше добро „испеглана“ согласно стандардите на НАТО до 2007-2008 година, Македонија испрати сили во Авганистан, во Ирак, покажа завидни резултати. Значи не се работи за човечка неспособност и човечки недостаток на потенцијал, туку повеќе се работи за опременоста, за тактичките унапредувања, за вежбите на терен итн.“, вели професор Ружин.

Тој оценува дека е добро што новата власт најави зголемување на буџетот за армијата и адаптирање согласно стандардите на Алијансата.

До 2008 година, земјата за одбрана одвојувала над или околу два отсто во Бруто домашниот производ (БДП). По Самитот на НАТО во Букурешт, кога Македонија не стана членка на Алијансата, започнува намалување на парите кои се одвојуваат за таа цел, и буџетот годинава се спушти на под еден отсто од БДП-то.

Познавачите на оваа област велат дека земјите во развој треба да трошат многу повеќе за одбрана, оти, тие прво треба да ги достигнат стандардите на современите одбранбени системи. Условот за во НАТО е земјата да одвојува од 1,9 до 2,3 проценти од БДП, што засега се недостижни за Македонија. Само пет земји членки на НАТО трошат повеќе од два отсто од БДП-то за одбрана, колку што беше договорено во 2006.

Но, одвојувањето повеќе пари за одбрана, не е потребно само за приближување до стандардите на НАТО, туку и за модерна опрема, подобар стандард на вработените во АРМ.

Армијата која освен со грижата за националната безбедност, беше активна на границите во справувањето со бегалците, минатото лето беа ангажирани со поплавите, а оваа гасеа пожари.

Пред неколку денови заврши заедничката македонско-американска воена вежба „Dragoon Guardian 17“, која се одвиваше на Криволак. Премиерот Зоран Заев при посетата на војниците, најави зголемување на буџетот за одбраната, а американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека САД работат да ја видат Македонија како станува дел од НАТО.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG