Достапни линкови

Буџетите за одбрана, за една деценија, се преполовија


Архива - Испраќање на војници на АРМ на воена вежба во ЕУ.
Архива - Испраќање на војници на АРМ на воена вежба во ЕУ.

На АРМ ѝ се потребни дополнителни средства за модернизација согласно стандардите на НАТО, коментираат експерти. Тие посочуваат дека буџетот на Министерството за одбрана континуирано се намалува и покрај декларативните заложби за зголемување.

Издвојувањата за потребите на Армијата на Република Македонија (АРМ) треба значително да се зголемат за таа да има доволно ресурси да ги врши нејзините функции, коментираат експерти, откако државата во изминативе години го намалуваше буџетот за одбранта.

До 2008 година, кога се случи разочарувањето на Самитот на НАТО во Букурешт, земјата за одбрана трошеше над или околу два отсто од Бруто домашниот производ (БДП). Оттогаш до 2016 година буџетот на Министерството за одбрана се спушти под еден отсто.

Упатените укажуваат дека одбраната е суштински елемент на системот за национална безбедност, кој треба да се справи со можните предизвици и најави за нова бегалска криза и затоа се потребни дополнителни средства за нејзина модернизација.

Професорот по безбедносен систем на Европскиот универзитет, Стојан Славески, вели дека без армијата Македонија немаше успешно да се справи ниту со бегалската криза, ниту со последиците од поплавите од минатата година. Тој објаснува дека земјите членки на НАТО од земјите аспиранти бараат од буџетот да издвојуваат најмалку два проценти за потребите на одбраната.

„Со години наназад, од Самитот на НАТО во Букурешт кога Македонија не доби покана за членство, буџетот за Министерството за одбрана постојано се намалуваше и тоа доведе Армијата како еден функционален систем во системот за национална безбедност да нема доволно средства да ги обавува своите основни функции. Најмногу проблеми се јавуваа во делот на логистиката и во делот на секундарното одржување на потеребите на Армијата“, вели Славески.

И покрај декларативните заложби за зголемување, од 2006 до 2017 година буџетот на Министерството за одбрана континуирано се намалува, коментира Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија. Тој се надева дека во следните години буџетот за одбрана ќе почне да се зголемува и ќе го достигне прагот од два отсто.

„Ако во 2006 година беше 2,4 отсто од БДП, сега е околу еден или 1,1 отсто. Од друга страна ќе видиме дека оваа година Министерството за одбрана го зголеми буџетот, од 92 на 101 милиони евра и ќе видиме дали тој до крајот на 2017 година ќе остане таков. Сепак во Армијата се потребни уште поголеми покачувања и уште поголема модернизација за да го достигнеме она кон што целиме – влезот во НАТО и ЕУ“, вели Џугуманов.

Експертите сметаат дека зголемувањето на буџетот на одбраната не е потребен само поради влезот на земјата во НАТО, туку и за нејзината модернизација и подобрување на состојбите во самата Армија. Тие велат дека приоритет е да им се посвети многу повеќе внимание на логистиката и на стандардот на вработените во Армијата (офицерскиот, подофицерскиот дел и војниците) кој, како што велат, е значително понизок во споредба со другите структури од елементите на безбедносниот систем.

За најавената програма за набавки во Армијата од околу 200 милиони евра, професорот Славески вели дека, според неговите информации, тие не се прават соодветно и стручно, односно без да се земат во предвид стручните проценки на вработените во Армијата.

Пред една година Владата најави дека ќе бидат вложени 200 милиони евра за модернизација на македонската армија за подобрување на одбранбените капацитети според стандардите на НАТО.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG