Достапни линкови

Трамп повторно ги обвини „двете страни“ за насилствата во Шарлотсвил


Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш ги обвини „двете страни“ за насилствата за време на собирот на белите расисти во Шарлотсвил, Вирџинија. Во понеделникот Трамп изјави дека расизмот претставува зло.

Претседателот Трамп, одговарајќи на прашања на новинарите во кулата Трамп во Њујорк во вторникот инсистраше дека се уште не биле познати сите факти за собирот на кој, како што изјави, и десничарските и левичарските групи користеле сила.

Сепак, тој оцени дека левичарски демонстранти насилно нападнале додека белите националисти протестирале против одлуката за отсранување на статуата на генерал Роберт Ли кој за време на Граѓанската војна се борел на страната на јужната конфедерација.

„Имаше група на едната страна која беше лоша и имаше група на другата страна која исто така беше насилна и никој не сака да го каже тоа. Но, јас го велам тоа токму сега“, рече тој.

Трамп всушност ја повтори изјавата дадена во саботата во која наведе дека „многу страни“ биле вмешани во насилствата.

Токму поради таа оценка Трамп се најде во ценатрот на критиките што пак доведе до неговата изјава во која експлицитно ги обвини организаторите на собирот.

Трамп исто така го обвини осомничениот неонацистички симпатизер кој со неговиот автомобил удри во група контра демонстранти на митингот, при што загина една жена, а беа повредени 19 луѓе.

„Мислам дека возачот на автомобилот е срам за себе, неговото семејство и неговата земја. Можете да го наречете ова тероризам, да го наречете убиство, да го наречете како сакате“, рече американскиот претседател.

Трамп изјави дека ги разбира демонстрантите од крајната десница кои се спротивставиле на плановите за отсранување на статуата на генерал Ли.

Притоа тој, забележувајќи дека и претходните американски претседатели Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон поседувале робови, праша дали тие ќе бидат следните кои ќе бидат осудени, а нивните статуи уранти.

Ваквите коментари на претседателот Трамп беа поздравени од поранешниот лидер на расистичката група Кју Клукс Клан, Дејвид Дјук, кој на Твитер напиша:

„Блaгодарам претседателе Трамп за вашата искреност и храброст да ја кажете вистината“, напиша тој.

Од друга страна, демократите и либералните групи беа шокирани од најновите изјави на Трамп.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG