Достапни линкови

Децата на печалба, на осамените родители не им се празнува


Крушево, поглед

Младите се иселуваат од земјава за да најдат работа. Иселувањето ги испразни градовите. Родители, чии деца „избегале“ од Македонија, велат дека не им е ни до празници во празна куќа.

Крушевчанката Олга Саздоска има 66 години. И таа и сопругот се пензионирани работници, кои оствариле право на пензија од едвај 10 илјаци денари како што вели. Но, немаштијата е мала болка во однос на тагата по двата сина што заминале во странство да бараат подобри услови за живот.

„Се иселија сите младите. Поготово јас имам два сина, едниот замина на 18 години, зашто беше без работа. Другиот седеше уште десетина година по него. Почна да се занимава со приватен бизнис и тоа не одеше. Реши, се ожени и со невестата си отиде. Немаше од што да се живее. Големиот е во Лондон, малиот во Љубљана. Тажна сум, еве Велигден, сите се радуваат, јас ништо не сакам да правам. Без децата е животот осамен, запустен да речам со еден збор“, вели Саздоска.

Разочарана од животот во Крушево, таа има порака до новата влада.

„Да води сметка, да не дозволи младите да заминат и да страдаме вака, како прво. И да води сметка за здравството за луѓево, оти немаме можности ни да се лечиме, ништо, зависни сме од децата, немаме можност да плаќаме. Двајцата со 10 илјади денари сме на грбот од децата, едниот да ни помогне за храна, другиот за огрев да ни купи, така живееме, многу тешко“, порачува Саздоска.

Многу родители ја делат судбината на оваа жена. Тагуваат по своите деца, а голем број граѓани се крајно незадоволни од условите за живот.

„За Велигден не можам да си ги пречекам, една ќерка во странство“.

„Крушево е сега многу, многу избегаа луѓево, многу малку народ има, сите заминаа, жално за овие што останаа нема ни работа, ништо“.

„Да има фабрики да се отворат некои, да има повеќе пари, вработувања“.

„Се живее катастрофално, сите овие 40 или 50 годишни живеат од пензиите на старите, а младите од 20 до 40 години се заминати од овде“, велат анкетираните крушевчани.

Тие имаат порака до политичарите да ги прекинат партиските препукувања, да се формира нова влада чиј приоритет треба да биде економијата и стопирање на масовното иселување. Ако овој процес на иселување не се стопира велат, ова мало гратче некогашен позната туристичка дестинација колку во зима, толку и во лето, ќе остана нагло, зашто и овие млади што сега живеат овде, ќе го следат примерот на генерациите пред нив.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG