Достапни линкови

Европа загрижена од нов мигрантски бран, Македонија без влада


Претседателот Ѓорге Иванов се среќава со граничари од земјите од ЕУ кои им помагаат на македонските граничари на македонско-грчката граница на 9 февруари 2016

Поради политичката и институционална криза во Македонија, ЕУ стравува дека земјава многу тешко ќе може да се справи со евентуален нов мигрантски бран

Во последниве две години речиси секоја средба на македонските политичари со нивните странски колеги не минува без да се отворат две крупни прашања - домашната политичка криза и бегалско-мигрантската криза. На двете прашања не може да се гледа одвоено, сметаат упатените и аналитичарите.

Европа сега повторно стравува од нов бегалско-мигрантски бран ако се остварат заканите на Турција дека ќе се откаже од договорот со Европската унија за нивно задржување. Поради политичката и институционалната криза во Македонија, пак, постојат стравувања дека тешко ќе се снајде во таква ситуација.

Посетата на Македонија на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и неговата средба со шефот на државата Ѓорге Иванов е само една од низата такви активности на европските политичари поврзани меѓудругото и со бегалско-мигрантската криза. Во понеделникот Туск ја пофали Македонија, наведувајќи дека благодарение на напорите на земјава, денес балканската рута останува затворена. И Иванов не пропушти да се пофали - земјава е чувар на портите на Европа, а Унијата помагајќи ѝ на Македонија, си помага себе си, рече тој.

Но истовремено се отвораат и нови стравувања - дали во случај на нов масовен прилив на бегалци и мигранти Македонија ќе може да се снајде, особено поради политичката и институционална криза. Според Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи, сега земјава е многу повеќе подготвена за справување со евентуален нов бегалско-мигрантски бран во однос на тоа што беше во 2015 година, но проблем може да биде ако луѓето кои бегаат од војните во тој регион останат подолго во државава.

Македонија неподготвена за бегалски кампови

Политиката на владата, вели Буџаку, досега беше дека Македонија се дефинира како транзитна, што придонесе во двата кампа во Гевгелија и во Куманово да има капацитет за вкупно 2000 лица. Поради таквата политика и целата помош и асистенција на Европската унија беше дизајнирана за толкави капацитети, додава тој.

„Ако дојде до поголем бран и некаква нова ситуација стравувам дека каква што е состојбата сега ќе имаме потешкотии во координацијата во повисоките органи на власта“, вели тој.

И поранешниот шеф на воено разузнавање, професорот Владимир Пивоваров, смета дека е можно Македонија од транзитна рута да прерасне во место каде што на подолг престој би останале бегалците од Блискиот Исток. Во 2015 година границите на западните земји беа отворени, но сега дел од лидерите велат дека не се спремни да примаат уште бегалци што го отвора, според него, прашањето што би било кога поголема група луѓе би останала во Македонија.

„Според мене во таа насока води ситуацијата бидејќи ако се затворат границите Балканот ќе биде тоа жариште каде тие луѓе ќе бидат подготвени за прием. Тоа ќе биде претешко за Македонија од економска гледна точка“, вели Пивоваров.

Уверувањата од македонските власти, пак, се сосема спротивни од ваквите стравувања. Минатиот месец на идејата на шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц за формирање центри за бегалците во некоја од земјите од Западен Балкан, наместо во држави членки на Европската унија, веднаш реагираше претседателот Иванов.

Во Македонија нема да има бегалски кампови, а земјава останува на ставот изнесен на состанокот на шефови на држави и влади во Брисел во октомври 2015 година рече тој.

И претходно, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски повторуваше дека во никој случај нема да дозволеле државава да се претворела во како што го нарекуваше паркиралиште за мигранти. Но, според Буџаку, ваквите ставови се грешка на македонските политичари од аспект на подготвеноста за справување со проблемите.

„Ако се работи за подолгорочни политики, според мене, како Влада и како политика на Република Македонија требаше да ја имаме и другата варијанта не само транзит заради внатрешно политички потреби да се изјавува дека нема да бидеме поплавени од бегалци, туку реално да се спремиме за можно сценарио кое е дека ќе имаме голем наплив на бегалци со кој треба да се справиме“, вели Буџаку.

Стојан Славески, професор по безбедносен систем на Европскиот универзитет, пак, не е песимистичен. Смета дека досега земјава покажала дека може да се справи со такви предизвици, а и дека следниот мигрантски бран нема да бил толку голем. Од друга страна, и државите веќе имаат некакво искуство, а и воспоставија одредена соработка, па Македонија би имала помош од нив, додава тој.

„Најлошото сценарио, ако не успее Македонија успешно да се справи, тоа веројатно Србија ќе го направи на нејзината граница, па во тој случај земјава би се претворила како место за бегалци, нешто слично како што е и Грција во овој момент“, вели Славески.

Тоа ќе биде дополнително оптоварување за земјата, но тие бегалци се пред сè насочени кон европските земји, додава Славески, кој на прашањето дали би било опасно што тоа би се случувало евентуално во период кога Македонија нема влада и функционално собрание, додава дека треба да очекуваме помош од партнерите.

„Пред петнаесетина години, кога беше косовската криза имаше преку 300 илјади бегалци на македонска територија, ние се справивме со тоа, но со поддршка од меѓународната заедница, така што и во овој случај ние никако не би можеле сами да се справиме“, вели Славески.

Помош од ЕУ

Европската унија и досега и помагаше на Македонија за справување со оваа криза. Во земјава има 120 граничари од ЕУ, а во февруари еврокомесарот Јоханес Хан предаде донација од 33 теренски возила за МВР од унијата. Најави и дека дополнителна помош во опрема е предвидена за Брзата помош во Гевгелија и возила за собирање смет на комуналното претпријатие во Куманово.

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Според директорот на Центарот за управување со кризи, сепак унијата дејствува реактивно, а не активно. Буџаку вели дека на состаноците барал од европската делегација помош, но тие имале негативна реакција.

„Тие тогаш ни рекоа, па вие имате само во тоа време 200 бегалци, што барате од нас? А ние баравме зајакнување на капацитети и финансиска и материјална помош за да се справиме со можните идни бранови и во тоа се виде една кратковидост на европската политика“, вели Буџаку.

Според податоците од европската делегација, пак, Унијата од 2015 година досега на Македонија и дала помош од 19 милиони евра во пари и добра наменета за справување со мигрантскиот вран.

Загрозена стабилност

Според поранешниот шеф на воено разузнавање Пивоваров, и во однос на стабилноста не може да се биде спокоен. Треба да се направи проценка на безбедносните закани, но не знам кој би ја направил сега бидејќи сите се зафатени со некои партиско политички активности, оценува тој.

„Од безбедносен аспект е многу ризично. Ако ги следиме изјавите од последните случувања, особено борбите во Мосул, дека во камповите со бегалци таму голем број борци од ИСИЛ влегуваат затоа што не е возможно да се изврши идентификација на таквите лица. Тоа е еден од начините кои терористите би можеле да ги искористат да се инфилтрираат во таквите групации луѓе и да бидат присутни и на нашата територија“, вели Пивоваров.

Буџаку, пак, е убеден дека големи стравувања за стабилноста на државата не треба да има. Повеќето од тие луѓе се бегалци од војна, а во однос на опасноста од инфилтрирање на терористи имаме воспоставено соработка со НАТО, додава Буџаку.

Мигрантскиот бран и домашната политичка криза

Кога се случи најголемиот мигрантски бран во 2015 година беше почната домашната политичка криза, но сè уште немаше разрешница, а на власт беше ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ без техничка влада. Тогашниот премиер Никола Груевски постојано предупредуваше на опасноста за стабилноста не само на Македонија, туку и на Европа од мигрантскиот бран. Тогаш тој тврдеше дека кризата предизвикува огромен притисок врз човечките, материјалните и финансиските капацитети на Македонија. Но, подоцна бранот бегалци продолжи, а на клучната позиција за справување со овој проблем министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски од СДСМ.

И тогаш, освен некои меѓупартиски препукувања за неснаоѓање во ситуацијата, таа не излезе сериозно од контрола.

Сега, пак, ситуацијата е поинаква. Веќе четири месеци Македонија ја води техничка влада, има Собрание кое не функционира со полн капацитет, а единствен со целосен легитимитет е претседателот Иванов. Во оваа ситуација кога власта нема целосен легитимитет, Центарот за управување со кризи не зависи од некое министерство и ние ги координираме сите активности во врска со кризната состојба која е прогласена и ќе трае до јуни, вели Буџаку.

„Иако изгледа парадоксално, иако нема полн легитимитет власта што е на заминување, ние можеме полесно да се справиме и да ги решиме нашите задачи бидејќи порано, пред да бидам јас директор, многу институции, министерства итн. си преземаа обврски и работи што не се во нивна надлежност“, тврди Буџаку.

Не само стабилноста на Македонија, туку и на регионот и на Европа доаѓа од тука, вели политичкиот аналитичар Џељаљ Незири. Според него, токму нестабилноста може да биде предизвикана од две причини - првата е внатрешен конфликт, а втората нов мигрантско-бегалски бран.

„Овие теми, особено втората ја ставаат Македонија во приоритетните проблеми на Европската унија, можеби најприоритетните, па затоа во последно време ги имаме посетите на сите високи функционери на Европската унија“, вели Незири.

ЕУ без јасен став во однос на мигрантите

Мигрантите, Турција и стабилноста на ЕУ и Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:08 0:00

Заеднички став за ова прашање нема ниту кај европските политичари. На конгресот на Европската народна партија, најголема група во европарламентот, што се одржа на Малта, уште еднаш се покажаа разликите за иднината на Унијата. Некои тоа го доведоа во директна врска со можниот нов бран мигранти доколку Турција, како што се закани, би се откажала од договорот за нивно задржување.

Гоце Атанасов

Германската канцеларка Ангела Меркел на Малта ја бранеше нејзината политика на отворена врата за мигрантите и бегалците. Според неа, исправно и неопходно е Европа да се справи со ова прашање на хуманитарен начин. Меркел притоа ја пофали улогата на Турција во запирањето на мигрантскиот и бегалскиот бран.

„Настрана од целиот критицизам што сега го имаме спрема Турција, тие направија многу за три милиони бегалци и е исправно Европа да и помага на Турција за ова прашање, драги пријатели“, рече таа.

Оценките на Меркел беа своевиден одговор на претходното излагање на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој изјави дека на Европа и се заканува „сериозна опасност“.

„Миграцијата испадна дека е „Тројански коњ“ за тероризмот. Миграцијата испадна дека е погрешно решение за недостигот на работна сила“, рече тој.

Наведувајќи дека е време за будење и за нова европска надворешна политика фокусирана врз безбедноста, тој додаде:

„Ова важи за ердогановата Турција исто така. Ако милиони мигранти почнат повторно да маршираат на Балканот ќе биде невозможно да се одржи стабилноста“, рече Орбан.

Кампањата во Турција за референдумот на 16 април за уставни измени со кои ќе му се зголеми претседателската моќ на Реџеп Таип Ердоган предизвика тензии меѓу Турција и европските земји, вклучувајќи ја и Германија. Затоа Ердоган вети дека ќе ги преиспита сите политички и административни врски со Унијата, вклучувајќи го и договорот за спречување на илегалната миграција.

„Тие го газат сето она што ни го наметнуваа со години како критериуми на Европската унија“, рече Ердоган.

Идентична е оценката и на турскиот министер за европски прашања Омер Челик:

„Мое мислење е дека на виделина излезе оти Европската унија не се држи до нејзините ветувања. Ова е мое лично мислење. Турција нема обврска да го спроведува овој договор. Затоа Турција може да го ревидира договорот за мигрантите кога и како сака“, оцени тој.

Турција е дел од договорот со кој стотици илјади луѓе кои бегаат од Блискиот Исток за Европа, се држат во Турција. За возврат Брисел се обврза на финансиска помош за Анкара од три милијарди евра.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG