Достапни линкови

Мала грижа за децата бегалци без родители


Архивска фотографија - Mигрантите во кампот во Идомени во Грција кои во текот на 2016 година чекаа Македонија да ја отвори границата.

Илјадници бегалци и мигранти поминаа низ територијата на Македонија пред затворањето на балканската рута во март 2016 година. Меѓу нив беа голем број деца кои патуваа без придружба на родител. Сега границите се затворени, но бегалците и мигрантите патуваат користејќи криумчари.

Во моментов во привремените транзитни центри во земјава се сместени 43 лица, од кои четири малолетни деца кои немаат придружба од родител, информира Народниот правобранител на Македонија. Министерството за внатрешни работи, пак, информира дека во текот на оваа година открило шест случаи на криумчарење мигранти.

Според податоците на Народниот правобранител во привремениот танзитен центар Винојуг се сместени девет лица, односно две семејства со пет деца; во Табановце се сместени 21 лице, меѓу кои четири деца без родители; во Прифатниот центар за странци во населбата Гази Баба во Скопје има едно лице; во Центарот за баратели на азил има четири лица, односно семејство со две деца; во Безбедносната куќа во скопската населба населба Влае се сместени осум лица, односно две жени со шест деца, кои се наведени како ранливи категории.

Народниот правобранител во соработка со Високиот комесаријат за бегалци УНХЦР и граѓанските организации ја следат состојбата во привремените транзитни центри.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа укажува на неревносно преземање мерки на надлежните органи во Македонија со постапувањето со децата кои патуваат сами без родители, додавајќи дека е констатирано оти ситуацијата е иста во сите држави низ кои бегалците поминуваат на патот до Западна Европа.

„Се работи за деца без родители и многу е важно до пронаоѓање на нивното семејство да се преземат мерки, да се знае каде се овие деца, со кого дошле, дали тие што дошле со нив навистина се нивните старатели или блиски роднини како што тие ги претставуваат, или можно е тие да бидат некои идни лица кои понатаму ќе ги злоупотребуваат или ќе ги искористат за некои кривични дела“, вели Бајрамовска Мустафа.

Таа додава дека во моментов не е голем бројот на деца останати во Македонија, бидејќи границите се затворени, но потсетува дека во периодот кога движењето низ земјава беше слободно, утврдиле оти не се посветува доволно внимание, особено за непридружуваните деца.

„Имајќи предвид дека се располага со една различна бројка на деца коишто влегуваат, односно коишто остануваат во Република Македонија, до нивното заминување преку северната граница, тоа укажуваше на една алармантна состојба, затоа што не може лице коешто не е придружувано и за кое согласно меѓународната и стандардните оперативни процедури, треба да се назначи старател веднаш, а старателот според нашата домашна регулатива значи замена на родител, треба да ги преземе сите оние мерки кои му стојат на располагање за да го заштити најдобриот интерес на детето, за по извесен период кога ќе се направи посета да се каже дека тие деца некаде заминале, а да нема податок каде заминале“, вели Бајрамовска Мустафа.

Таа укажува дека во текот на 2016 година во големиот бран бегалци низ земјава поминале и голем број на непридружувани деца.

Откако границите за бегалците беа затворени, сега се користат криумчарите на патот до Западна Европа. Министерството за внатрешни работи на Македонија информира дека во текот на оваа година полицијата открила шест случаи на криумчарење мигранти. Македонски државјани имале обид да прокриумчарат 68 мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак, Сирија и Бангладеж, влат од полицијата, за кои се поднесени кривични пријави за сомнение за кривични дела „криумчарење мигранти“, велат од МВР.

Во текот на минатата година полицијата открила вкупно 108 случаи на криумчарење мигранти, односно обид да се прокриумчарат 1.961 мигрант.

За тоа дека се забележуваат бегалци или мигранти кои од Грција преминуваат во земјава користејќи криумчари, сведочат и претставниците на граѓанските организации. Тие објаснуваат дека сретнуваат од десет до дваесет луѓе дневно кои ги користат услугите на криумчарите.

Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека имаат сознанија дека има неформални места во Ваксинце и Лојане каде што има илигалн влез и задржување од страна на организирани групи криумчари и поради тоа, како што велат, одржуваат комуницираат со надлежните полициски станици и ги следат состојбите од аспекта на заштита на правата на бегалците и мигрантите, но и од аспект на безбедноста на државата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG