Достапни линкови

Критики до ДИК за неправилностите на изборите


Избори 2016 - гласање во Битола

Домашните набљудувачи и Народниот правобранител со критики до Државната изборна комисија оти не си ја завршиле работата докрај. Забележуваат дека не се решени проблемите со избирачкиот список и дека избирачките одбори се недоволно едуцирани.

Државната изборна комисија покажа слаби капацитети, не го спроведува својот мандат до крај, се затскрива зад други институции, правдајќи се дека не е надлежна за одредени проблеми кои се јавија во изборниот процес. Ова е само дел од забелешките кои им се на некој начин заеднички на Народниот правобранител и на невладините организации МОСТ и Цивил. А ваква забелешка беше наведена и во минатогодишниот експертски извештај на Рајнхард Прибе, за претходниот состав на комисијата.

„Државната изборна комисија повторно се однесува како сервис на Министерството за внатрешни работи, наместо да биде обратно“, изјави денеска Народниот правобранител, Иџет Мемети, на средбата со новинарите.

Дарко Алексов од МОСТ, вели дека вечерта по завршувањето на гласањето кај дел од општинските комисии е забележано неред и хаотична работа како и поправање на технички грешки во записниците. Тој посочува дека евидентирале проблеми и при изборот на членови на избирачките одбори.

„Како на пример личното познанство со членовите на ОИК, роднинските врски помеѓу членовите на ИО, професијата итн., иако овие критериуми не се наведени во Изборниот законик. Исто така беше забележано дека дел од ОИК не беа доволно обучени за начинот на избор на членовите на избирачките одбори, како и за ракување со софтверот“, вели Алексов.

Невладината Цивил бара целосно пребројување на гласовите и ревизија на избројаните неважечки ливчиња.

„При броењето утврдено е дека се направени прекршоци односно дел од неважечките ливчиња од кои јасно се гледа волјата на гласачите, меѓутоа се прогласени за неважечки. Бараме прегласување во 30 избирачки места бидејќи е забележано сериозни кршење на гласачкото право и изборните процедури“, вели Џабир Дерала од Цивил.

Тој бара итна анализа и истрага за работата на ДИК и нејзините тела како итни реформи за следните локални избори. Дерала заклучува дека ова не беа слободни и фер избори, иако беа обезбедени минимални услови за тоа.

Народниот омбудсман изрази загриженост и за состојбата со списоците, затоа што до нив пристигнале и пријави од граѓани кои тврделе дека до заклучувањето на избирачкиот список нивните податоци ги имало во електронската верзија на списокот, но на денот на гласањето не можеле да гласаат затоа што ги немало во списокот.

„Загрижен сум, кој ги принта тие списоци, како е можно да се менува состојбата од заклучената електронска веризија до таа на хартија. Во компјутер едно, а на хартија друго и после ДИК ќе си тврди не е надлежна, МВР за тоа било надлежно“, вели Мемети.

Според извештаите на МОСТ изборниот ден помина со висока излезност на граѓаните, а забележани се нерегуларности во постапката на гласање и сериозни индиции за поткуп и притисоци врз гласачите на одредени гласачки места.

Нивните набљудувачи забележале и политичко агитирање пред избирачките места, а фотографирањето на гласачки ливчиња кое стана фолклор во избирачкиот процес укажува на индиции за поткуп и притисоци кои се случуваат надвор од избирачките места.

Народниот омбудсман, пак, забележал дека во две училишта за време на наставата, во посебна просторија во училиштето се воделе партиски состаноци.

Од таму велат дека годинава имаат рекорден број на пријави, 145 граѓани се јавиле да побарат помош или заштита од заплашување. Вработени во јавно претпријатие во Охрид добиле наредба да одат на политички митинг или ќе останат без работа.

Набљудувачите на МОСТ евидентирале и притисоци врз вработените во јавниот сектор за присуство на партиски митинзи и да гласаат за владејачката партија, како и злоупотреба на јавните ресурси.

Во однос на дел од пријавите на граѓаните за фантомските гласачи во МВР било постапено по нив, донесени решенија за бришење, ама останале неизбришани. Оправдувањето кое му било дадено на омбудсманот е дека тие решенија не биле правосилни, се чекало на жалба.

И Алексов забележува проблеми со списокот.

„Сепак, и покрај обидите за прочистување на Избирачкиот список, во него се уште постојат не конзистентни записи коишто се резултат на долгогодишните системски проблеми во неговото водење и ажурирање“, вели Алексов.

Омбудсманот забележува и на проблеми во законската рамка, како и на лошата комуникација меѓу институциите, особено меѓу ДИК и МВР.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG