Достапни линкови

Скопје во знакот на фудбалскиот спектакл


Фудбалски ѕвезди во Скопје, посебен сообраќаен режим и режим за пешаци во близина на стадионот, силно полициско обезбедување, фан зони за љубителите на фудбалот, Скопско кале обоено во боите на Супер купот - главниот град одбројува до најголемиот спортски настан во земјата.

Фудбалскиот натпревар меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед од УЕФА Супер Купот ќе се одигра во Скопје утре со почеток во 20:45 часот. Фудбалерите на Манчестер Јунајтед, актуелните шампиони на Лига Европа, ќе бидат сместени во „ТЦЦ Плаза“, а нивните колеги од Реал Мадрид, кои се европски прваци, ќе престојуваат во хотелот „Александар Палас“. Хотелите се под силно полициско обезбедување.

Поради натпреварот има посебен сообраќаен режим и посебен режим на движење на пешаци во близина на стадионот, просторот во Градскиот парк во Скопје, од ресторанот „Томче Софка“ до ресторанот „Уранија“ и на Кејот на Вардар од пешачкиот мост во близина на Луна паркот до паркот на Франкофонија, соопштуваат од ФФМ. На овој простор ќе се пропуштаат само луѓе со соодветни акредитации.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе биде затворен за сообраќај и за пешаци потегот од крстосницата на улиците „Аминта Трети“ (поранешна „Ленинова“) и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од понеделник наутро до вторник доцна вечерта. На денот на натпреварот, зависно од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот „Илинден“ на потегот од објектот на Владата до крстосницата со улицата „Рузвелтова“, соопштува МВР.

Има промени и во линиите на градскиот превоз кои сообраќаат во близина на стадионот. Посебен возен ред има за линиите 25, 28, 60 и City Tour.

На стадион порано и без забранети предмети

На денот на натпреварот вратите на стадионот се отвораат 15 минути пред 18 часот. Дозволен влез ќе имаат сите кои купиле билет. Организаторите апелираат посетителите да дојдат навреме, (најдоцна 90 минути пред натпреварот) за да се стигне со безбедносните проверки и проверките на билетите. До оние кои ќе доаѓаат со автомобили се препорачува истите да ги паркираат подалеку од стадионот. Како и за секој натпревар и на овој забрането е внесување на тврди предмети(запалки, монети, пиротехнички средства, шишиња, алкохол, оружје, чадори, камери, ласери, итн).

Од ФФМ велат дека на стадионот ќе биде дозволено внесување на знамиња единствено на клубовите финалисти, како и националните знамиња на земјите од каде што клубовите доаѓаат (Шпанија и Англија). Знамињата не смеат да бидат поголеми од еден метар, да имаат загрозувачка и дискриминаторска содржина.

Фан зона на Плоштад

На плоштадот Македонија во центарот на Скопје има неутрална фан зона за Супер купот. Од 11 од 19 часот денеска и утре за љубителите на фудбалот во фан зоната се организираат низа активности. Момчиња и девојчиња ќе бидат дел од грас-рут турнир, а ќе има и музичка програма. Посетителите ќе можат да се фотографираат и со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Суперкупот, Лигата на шампионите и Лига Европа, како и со маскотата на Суперкуп 2017 Скопје.

За навивачите на двата клуба ќе има специјални собирни места, од каде ќе се упатат кон стадионот. Навивачите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштадот „Филип Втори“, а навивачите на Манчестер Јунајтед на платото пред Спомен-куќата на „Мајка Тереза“.

„Постојано пристигнуваат. Очекуваме повеќе од 20 илјади фанови, заедно и на Манчестер Јунајтед и на Реал Мадрид“, вели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој е организатор на програмата на неутралната фан зона.

По повод претстојниот натпревар, Скопското кале е осветлено во бојата на Супер Купот, односно сина боја. За странските посетители Град Скопје подготви и промотивно видео за да ги запознае со знаменитостите и убавините на главниот град.

Билети на „црниот“ пазар и над 1000 евра

Билетите за натпреварот се доделуваат по пат на електронска лотарија, и чинеа 15, 30 и 50 евра. Билети се појавија и на „црниот пазар“, а нивната цена достига и над 1000 евра и покрај тоа што пред неколку денови Собранието усвои измени на Кривичниот законик со кои препродавањето на билети за Супер Купот се смета за кривично дело и подложи на парични казни и казна затвор. Проблеми имаше и со хотелското сместување на фановите, а цените достигна и над 2000 евра ноќевање. Вчера и Собранието усвои нови измени во Кривичниот закон во делот на недозволена трговија со кои се предвидува препродавањето на билети за супер купот да биде кривично дело кое подлежи на парични казни и казна затвор.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG