Достапни линкови

Веќе видена департизација на институциите


Архивска фотографија - Владина седница
Архивска фотографија - Владина седница

Се погласни се коментарите дека актуелната власт потфрлила прво со пребрзото разрешување на актуелните директори, а потоа и со поставувањето партиски блиски луѓе на испразнетите места.

Опозицијата продолжува да реагира на актуелните разрешувања на директори кои следуваа по смените на членови на управните одбори на државните компании. И додека опозицијата обвинува за целосно партизирање на администрацијата и институциите, власта се брани со став дека „во тек е ослободување и професионализација на институциите што ВМРО-ДПМНЕ ги партизираше и злоупотребуваше“.

Но, впечатокот дека на раководни функции и во директорски фотелји седнуваат партиски подобни кадри го задржуваат дел од домашните експерти.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека актуелната власт потфрлила прво со пребрзото разрешување на актуелните директори, а втор пат со поставувањето партиски блиски луѓе на испразнетите места.

„Разрешените директори ги замени со исклучиво партиски кадри и тоа типични партиски милитанти кои честопати не исполнуваат ни основни критериуми. Мислам дека ова е само продолжување на една пракса која ВМРО-ДПМНЕ до перфекција ја усоврши. СДСМ и актуелното парламентарно мнозинство треба да се разликува по многу прашања, меѓу кои и по кадровската политика“, вели Зибери.

Недозволиво е партиски војници, неискусни и нестручни луѓе да се заменуваат со исти такви, вели Зибери, според кој логиката на водење ваков тренд лежи во претстојните локални избори.

„Мислам дека овој тренд е мотивиран во пресрет на локалните избори и сакаат да удоволат што поголем број на партиски војници за да постигнат подобар изборен резултат. Се разбира дека ваквиот потег оди на штета на квалитетот, стручноста и компетентноста на врвни раководни луѓе кои треба да раководат со многу важни органи на државната управа, јавни претпријатија и други установи,“ заклучува Зибери.

Универзитетскиот професор Темелко Ристевски е убеден дека ваквата кадровска политика на власта е поттикната од притисокот што таа го има од партиското членство кое, како што вели, бара да биде наградено за лојалноста кон партијата.

„Ние сме сиромашна земја и долго време нема да може да се ослободиме од системот на партиски заслуги, во борба за партијата и таа да дојде на власт. Оној кој се борел за партијата и е приврзан кон неа, сега сака да биде адекватно награден. Овде кај нас, секој се бори она што го дал за партијата да го искористи за повисоко работно место коешто му носи подобра плата“, изјави Ристевски.

И Ристевски смета дека не треба да се брза со смената на директорите, односно да им се даде шанса на личностите кои стручно и професионално си ја вршеле својата работа да ги задржат своите позиции. Во спротивно, вели тој, актуелната власт ризикува да биде идентификувана како иста со претходната.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG