Достапни линкови

Македонија не може да си дозволи партиско цунами во институциите


Администрација

Македонија не смее да си дозволи чистки во јавната администрација и едната партизација да ја замени со друга. Професионалците мора да останат за државата да профункционира.

Македонија не изобилува ниту со пари, ниту со стручен кадар, за да може да го издржи политичкиот тренд на менување на раководни функционери во јавните институции по секоја промена на власта. Ваквиот амбиент е причината поради која државата назадува и општеството ја плаќа цената на незнаењето. Експертите од новата влада очекуваат да се стави крај на партиските интереси и политики и да наметне европски модел со кој ќе испливаат и паралелно ќе се создаваат квалификувани професионалци во институциите.

Професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје вели дека со секоја промена на власта околу 5 илјади функционери што се на стручни раководни места, како што се директори на клиники и на болници ротираат, со исклучок на деканите, зашто Владата не учествува во нивниот избор. Меѓутоа, тој потенцира дека е неопходно да се стави крај на деструктивното влијание на партиите во стручниот дел во јавните претпријатија и што поскоро да се донесат децидни прописи со коишто ќе се истакне дека тие позиции не смеат да зависат од трансферот на власта, особено во клиники и болници, институции од областа на културата, на науката итн.

„Кај нас од чистачка до претседател на Влада, сè се нови. Технички секретарки, советници, цунами се прави. Тоа многу побогати држави од нас не си го дозволуваат, а камо ли ние, една држава знаеме до кое дереџе сме и со колку средства располагаме и со кои капацитети. Не сме толку богати и немаме толку јака администрација и сега доаѓаат нови и повторно некој треба да ги обучи и дури ги обучи ќе дојдат нови избори итн. Мислам дека цел живот ќе каскаме и ќе го плаќаме данокот на незнаењето“, вели професор Давитковски.

Деновиве има најави дека новиот министер за здравство Арбен Таравари ќе ги задржи на позициите дел од директорите во Клиничкиот центар, додека од друга страна некои поставени директори од претходната власт во јавни претпријатија носат своеволни одлуки и немаат координација со останатите вработени. Осврнувајќи се на случајот со директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицовски, кој распишува тендери за нови проекти, професор Давитковски вели дека професионалните лица треба да дејствуваат надвор од политиката и посветено да работат во стручната област.

„Тој и како директор излегуваше и прес-конференции и правееш пропаганди на владини политики. Токму такви кадри не се ставаат. И сега кога ќе стават директор на ЕЛЕМ, токму тој не треба да прави како овој во име на партијата, туку да биде стручен и професионален човек“, вели Давитковски.

И професор Агим Јонуз од Штуловиот универзитет посочува дека политиката не смее да го задуши професионализмот нанесувајќи штети врз институциите и квалитетот на животот во државата.

„Со години се направени неразумни комбинации т.е. чистки. Како доаѓа политичка гарнитура, така си носи свои партиски војници и така ја доведовме земјата до длабока политичка криза. Најголем оправдан капитал е вложување во човечки ресурси, особено во квалитетни кадри“, вели Јонуз.

Осврнувајќи се на искуствата во европските земји, Давитковски наведе дека во Франција дури и на некои политички функции како што е Генералниот секретаријат на Владата, сите вработени и Генералниот секретар остануваат на своите позиции со промената на власта и се трансмисија меѓу старата и новата Влада.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG