Достапни линкови

Здравството пред нови реформи, сите досегашни политизирани


Екс премиерот Никола Груевски и екс министерот за здравство Никола Тодоров во посета на Градската болница 8 Септември.

Граѓаните се жалат дека застарениот, неефикасен и нефункционален здравствен систем ги приморува да се лекуваат во приватни болници, кои не може секој да си ги дозволи. Поранешните министри сметаат дека сите реформи досега пропаѓаа поради партизацијата во јавните установи

Од новата администрација граѓаните очекуваат консензус со кој ќе се зголеми квалитетот во здравството. Упатените велат дека македонскиот фокус треба да биде на овозможување одржливо здравство, додавајќи дека тоа досега не е направено зошто имаме политички партии кои меѓусебно се опструираат. Во меѓувреме граѓаните се жалат дека застарениот, неефикасен и нефункционален здравствен систем ги приморува да се лекуваат во приватните здравствени установи. Но приватното лекување поради лошиот стандард на живот за најголем дел од граѓаните е недостапно и голем дел од нив не се во можност да се лекуваат на адекватен начин. Главниот проблем во здравствениот систем во земјата тие го лоцираат во лошата организација во системот за здравствена заштита, неадекватното раководење и лошата организација и финансирање на здравствената заштита.

„Нема ни 10 дена, ја носев мајка ми на три клиники во Скопје. Може да го опишам тоа како големо разочарување. Прво беше на Клиника за нефрологија, па на психијатрија и на крај на кардиологија. Многу лоша услуга за ова време. Немаше ништо. Вратете се, дојдете друг пат, а мојата мајка е од Крива Паланка. Беше жалосно тие саати да ги поминеме шетајќи се по клиниките. Од психијатрија исто така не упатија кај друг доктор во Клинички, таму немаше никој, а веќе беше 17 часот, а беше дојдена од 10 наутро. Навистина жалосно.“

„Со мој термин има некој ред не е како порано, не треба да се укине, ние стари луѓе сме, порано и по шест саати чекав, а со вештачки колк сум“

„Да нема толку турканици, да се држат според приоритетот, а не само имаш документ дека си приоритет. Имаш закажано, а преку ред влегуваат други. Најлошо е кога ќе дојде пријател па преку ред“, велат дел од граѓаните.

Новиот министер за здравство Арбен Таравари најави дека засега не размислува да го укине проектот „Мој термин“, туку ќе направи обиди да го промени според потребите на пациентите и секако според можностите на лекарите. За таа цел ќе го користи и сопственото искуство како лекар во ординација. Таравари најави дека лекарите ќе добиваат цела плата, нема да има казни, туку само месечни парични награди. Планира да ги укине економските директори и со тие пари да ги наградува најдобрите доктори во болницата или клиниката.

Поранешните министри сметаат дека сите реформи досега пропаѓаа поради партизацијата во јавните установи, а истовремено првите луѓе во овој ресор и управниците и директорите многу често немаа знаење за професијата. Поранешниот министер доктор Ѓорги Оровчанец се надева дека новата администрација ќе најде модел со кој државата ќе ги искористи сите ресурси во корист на нејзините осигуреници.

Тој вели дека новиот министер треба да го растовари здравството од тоа што е опструкција и тесно грло во функционирањето.

„Една од тие причини беше и начинот на кој се спроведува Мој термин. Мој термн треба да има сосема друга функција од она што кај нас се реализира. Има болести кои се приоритетни и за кои нема чекање. Нема чекање за малигни заболуавња. Од дијагностицирање до оперативна реакција, кај нас со месеци се чека. Втора работа, не може да функционира тоа со директори кои не се медицински лица, а се мешаат во секоја политика“, вели доктор Оровчанец.

Претходната влада добиваше критики од лекарите и поради воведувањето на казните за лекарите. Доктор Оровчанец вели дека тие биле воведени за да се направи репресија, а оти доказ за тоа е дека се измислувале казни. Друг приоритет според него е и проширувањето на позитивната листа на лекови со адекватни лекови.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG