Достапни линкови

Македонија и зголемениот интерес на САД за регионот


САД се заинтересирани да им помогнат на земјите од Западниот Балкан за што побрзо да влезат во НАТО. Македонија треба да го искористи Договорот со Бугарија за да покаже дека сака да ги решава проблемите со соседите и да фати приклучок.

Македонија треба да го искористи зголемениот интерес на САД за регионот, што побрзо да ги направи потребните реформи и да работи на решавањето на отворените проблеми со соседите, за да фати приклучок на „американската локомотива“ која е заинтересирана да ги внесе земјите од Западниот Балкан во НАТО. Исто така треба да го искористи и капиталот од Договорот со Бугарија за да покаже дека е подготвена да ги решава проблемите, велат упатените.

Поранешниот министер за надворешни работи, професор Денко Малески вели дека зголемениот интерес на САД делумно е последица на растечкиот ривалитет со Русија на Балканот и оти сите држави на Балканот кои сакаат да влезат во НАТО треба да го искористат тоа. Сепак тие треба прво да си ја завршат домашната задача, вели тој.

„Како да се произведе таа правна, демократска држава во чии основи ќе бидат тие западни вредности и којашто ќе може брзо да се вклучи, прво во НАТО, а потоа и во ЕУ? Значи, останува сега на нас да покажеме што знаеме преку внатрешни демократски реформи. Она што исто така треба да се каже е дека за таков потфат е потребна сериозна соработка на сите политички сили“, вели Малески.

Сепак, и по внатрешните реформи, како пречка за влез во НАТО останува спорот за името со Грција. Премиерот Зоран Заев, по вчерашната средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс, рече дека добил уверување оти САД ќе помогнат „во вистински момент“ за надминувањето на овој проблем. Малески вели дека во Македонија прво треба да се создаде внатрешен консензус за нужноста од компромис.

„Оттаму е потребно учество на власта, опозицијата, сите политички сили околу изнаоѓање едно решение кое ќе нè внесе во НАТО. Значи, во тој момент може да се очекува и Америка да интервенира. Тоа, според мене, би бил вистинскиот момент. Не сум сигурен дека доколку ние само седиме и не преземаме ништо, некој ќе дојде и ќе нè покрсти, така да кажам“, вели Малески.

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, професор Нано Ружин се согласува дека зголемениот интерес на САД се должи на засиленото руско и кинеско присуство во регионот. Македонија сега треба да го искористи тоа и да го вложи капиталот од Договорот со Бугарија за што побрзо да влезе во НАТО под привремената референца, вели тој.

„Македонската дипломатија сега е на потег. Треба да даде до знаење дека завршното Комунике од Самитот во Букурешт во 2008 година е едно историско минато и дека е донесено во еден сосема друг геополитички и геостратешки контекст, Второ, дека Македонија е подготвена за членство во НАТО согласно духот на Времената спогодба меѓу Атина и Скопје од 1995 година, каде што Атина гарантира дека нема да го попречува влезот на Македонија во меѓународни институции и организации и трето, мислам дека исто така треба да се отвори простор за дефинитивно решавање на спорот меѓу Грција и Македонија“, вели Ружин.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс на состанокот на земјите од Јадранската повелба во Црна Гора рече дека местото на земјите од Западниот Балкан е на запад и оти САД ќе им помогнат на сите земји од регионот што сакаат да влезат во НАТО. Премиерот Заев рече дека Македонија ќе биде наредната членка во НАТО.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG