Достапни линкови

Неделници - Договорот со Бугарија и трошењата на Државниот архив


Државнит архив,13 јули 2016

Република пишува дека „Заев ќе стави потпис на предавството – Македонија се откажува од јазикот, историјата и од суверенитетот“. Фокус објавува податоци од Државниот архив според кои, приврзаници на Груевски зеле големи пари за едиции и редактура пред да дојде до промена на власта. Капитал пренесува дека „Организираниот криминал се шири низ Европа“.

Република - Заев ќе стави потпис на предавството

Република со жесток напад врз Заев уште на насловната страница: „Заев ќе стави потпис на предавството – Македонија се откажува од јазикот, историјата и од суверенитетот“ – пишува со крупни букви над неговата фотографија, па се потсетува дека ќе било исто како на некој, цитирам, „филмски журнал од 1942 година за потребите на фашистичка Бугарија од церемонијата за ’обединување‘ на Македонија и на Бугарија среде скопскиот плоштад кога Заев, за Илинден, организира церемонија на која ѝ се дозволува на Бугарија да ги пишува македонските учебници, да ги воспитува децата, да ја заблуди јавноста преку контрола на медиумите, да ги цензурира непослушните“, пишува покрај другото неделникот.

Потоа Република потсетува дека дваесет и шест историчари, доктори по историски науки и универзитетски професори се спротивставуваат на обидите за, како што смета, редифинирање и фалсификување на македонската историја.

Фокус - Илјадници евра од Државниот архив за бранителите на политиките на Груевски

А кога сме кај историчарите, Фокус објавува интересни податоци од Државниот архив на Македонија, добиени согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Неделникот наведува дека за само пет месеции од оваа година, од февруари до јуни, кога веќе беше јасно дека ќе дојде до промена на власта, Државниот архив, под раководство на екс директорот Филип Петровски, на вработени и на надворешни соработници им исплатил сума од повеќе од 117.000 евра за објавување авторски и интелектуални трудови и редактура! „Бранителите на политиките на Груевски и ДПМНЕ меѓу историчарите и аналитичарите, борците против т.н. Тиранска платформа доминираат меѓу оние што добиле најмногу пари од Архивот“, наведува Фокус. Меѓу оние кои во првите месеци на 2017 година добиле масни суми се докажаните поддржувачи на политиките на Груевски, Виолета Ачковска, Теон Џинго, Александар Даштевски, кому, на пример, во првите шест месеци од оваа година му се исплатени речиси 9.000 евра за едицијата „Црните страници на УДБА“, меѓу чии автори е и сега веќе поранешниот директор на Државниот архив, Филип Петковски. А на Игор Сотиров, еден од државните советници во Архивот, за истата едиција му се исплатени дури 26.000 евра; добро наплатил и Теон Џинго, историчар вработен во Институтот за национална историја и учесник во крвавиот четврток во Собранието на 27 април годинава – над 10.000 евра за разни публикации, зборници, монографии, и така натаму и така натаму.

Капитал - Организираниот криминал се шири низ Европа

Капитал го пренесува пишувањето на порталот ЕУОбсервер дека „Организираниот криминал се шири низ Европа“ и дека во државите членки на Европската унија под истрага се околу 5.000 криминални организации, според извештајот на европската полициска агенција Европол. Сепак, само неколку мафијашки групи дејствуваат во повеќе од една земја, навел порталот. Го делат илегалниот пазар, вклучувајќи ја трговијата со дрога и фалсификувањето, чија вредност се проценувала на 110 милијарди евра, што е околу 1% од вкупниот БДП на ЕУ. Истражувањата укажувале на значењето на мафијашките групи чии припадници зборуваат руски или турски, на подемот на албанските кланови што се занимаваат со шверц на марихуана, на опасноста од помалку познатите групи на меѓународно ниво, како и на моторџиските банди што се шират на северот на Европа.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG