Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ бара корекција на договорот со Бугарија


Архивска фотографија: Никола Попоски и Антонио Милошоски

За да добие недвосмислена поддршка, Договорот со Бугарија мора да биде коригиран во делот на националните интереси за Македонија, рече Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изрази поддршка за најголемиот дел од договорот за добрососедство со Бугарија, истакнувајќи дека одредбите кои се однесуваат на економскиот развој и инфраструктура заслужуваат позитивна оценка. Сепак, поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски оцени дека договорот во целост ги исполнува само бугарските интереси, а не македонските. Главните забелешки се во договорот да стои формулацијата македонски народ, но и тоа дека формулацијата за македонски јазик како уставна категорија не е доволно квалитетна и не ги одразува европските вредности во 2017 година.

На прашањето на Радио Слободна Европа дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи ратификацијата на овој договор во Собранието, ваков каков што е, Попоски со одговор:

„Сметаме дека за да добие недвосмислена поддршка мора да се направат корекции во делот на националните интереси и од другата (македонската) страна. Неопходно е македонската влада да ги издејствува овие коментари кои веќе ги споменав во однос на споменување на македонскиот народ, за споменување на македонскиот јазик, а не релативизирање. Од резултатот во тоа поместување ќе може да се заклучи дали ќе добие или нема да добие поддршка текстот кој се потпишува, каков и да е тој“, изјави Попоски.

Во меѓувреме Амбасадите на Соединетите Држави во Скопје и во Софија преку заедничко соопштение го поздравија одобрувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

„Договорот ги потврдува блиските врски меѓу Македонија и Бугарија и ја демонстрира добрата волја од страна на двете држави да ја засилат меѓусебната соработка во интерес на своите граѓани. Таквиот ангажман претставува охрабрувачки пример за решавање на спорните прашања меѓу соседите и за зацврстување на политичката стабилност и засилување на економскиот развој на Западен Балкан. Ние ги поздравуваме Македонија и Бугарија за овој историски чекор насочен кон иднината“, се наведува во соопштението од двете амбасади.

Експертската јавност оценува дека договорот е добра основа за натамошен развој на односите меѓу двете земји. Поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека договорот е соодветен на моментот во кој се подготвува и соодветствува на желбите од двете страни да се најде решение со кое ќе и се овозможи на земјава да се придвижи кон евроатлантските интеграции.

„Иако целосно договорот не е симетричен и не е применет комплетен реципроцитет, мислам дека договорот е добра основа за Македонија да може да оди напред со тоа што сигурно дека тој договор ќе влијае и на односите со другите соседни земји, кај некои позитивно, кај некои негативно“, изјави поранешниот дипломат Благој Зашов.

Сепак, Зашов е убеден дека договорот не би можел да предизвика конкретни проблеми или да биде злоупотребен во одреден момент од некоја од страните.

„Во пракса се може да се среди ако има добра волја и од двете страни. Јас ги разбирам историчарите кои повикувајќи се на документи од минатото, се плашат да не биде ова закопување на македонската страна со еден правен договор, да не биде тоа на штетата на македонскиот идентитет. Но, верувам дека односите меѓу двете земји ќе се релаксираат и дека потоа ќе дојдат подобри времиња и за Македонија и за Бугарија“, заклучува Зашов.

Премиерот Зоран Заев вчера посочи дека договорот е одраз на новиот дух на политики на политичари кои градат мостови и подаваат раце за сплотување, наместо да рушат и да делат. Во договорот стои дека Бугарија ќе и помогне на земјата за влез во ЕУ и НАТО, без поставување услови. Договорот ќе биде потпишан на 1 август во владата во Скопје, на македонски и на бугарски јазик, по што треба да биде ратификуван од парламентите на двете земји.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG