Достапни линкови

Договорот со Бугарија – Главна тема во дневниот печат


Архивска фотографија: Прес-конференција на премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов

Договорот за добрососедство со Бугарија, како и притворите за разузнавачите обвинети од СЈО за прислушувањето се главни теми во дневните весници.

Сите три печатени весници што останаа во земјава, Нова Македонија, Слободен печат и Вечер на ударно место ја објавуваат информацијата од прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев во врска со договорот за добрососедство со Бугарија.

Нова Македонија го цитира премиерот дека „Бугарија го поддржува приемот на Македонија во ЕУ без поставување услови“ и дека „Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија“.

Слободен печат на насловната: „Владата го објави текстот на договорот со Бугарија – Договорот стокмен, ’тврдокорните‘ зинаа како договорени!“, покрај цитирањето на Заев дека „Со договорот со Бугарија цврсто застануваме на европскиот пат“.

Вечер излезе со следниов наслов кој ја сумира изјавата на премиерот: „Договорот е во согласност со националните интереси на Македонија“, а ја објавува и веста дека „Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат Собранието да одлучи дали ќе се потпише договорот со Бугарија“.

Порталот Курир.мк, исто како и Вечер, го објавуваат и повикот од 26 македонски историчари „за одбрана на уставното име, јазикот и историјата“.

За најавената заедничка седница на владите на Албанија и на Македонија во Поградец, Вечер наслови: „Договорено: Владите на Македонија и Албанија ќе се сретнат во Поградец“, но како поднаслов, се чини, наводната болна точка на сегашната опозиција: „Димитров од Тирана – Владата забрзано работи на Законот за јазиците“.

Прохор Пчински и годинава затворен за македонската државна делегација. Вечер го цитира шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, по барањето на Заев, од името на Владата, државна делегација на Македонија да го одбележи Илинден во за нас историското место: „Српската држава не одлучува за одбележувањето на Илинден во манастирот Прохор Пчински“.

Порталот Плусинфо го објавува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата на Груевски со британскиот амбасадор Гарет на која го информирал за „партизацијата на институциите“ и за наводните притисоци врз медиумите што резултирале со неизбалансирано информирање исклучиво во полза на власта.

Втората топ-тема во печатените и електронските медиуми е онаа за решението на Врховен суд. Нова Македонија наслови: „Врховен: Притвор за Грујевски и Бошковски, Јакимовски без пасош“ и дека „Решенијата за притвор на Грујевски и Бошковски стигнаа во МВР“. Двајцата се обвинети од СЈО за предметите „Тврдина и Таргет“, за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на тие системи.

Плусинфо, меѓутоа, објави наслов: „Грујевски и Бошковски во бегство?“, пренесувајќи го порталот СДК.мк кој објави дека во средата вечерта полицијата влегла кај двајцата дома, за да ги спроведе во притвор, но дека не ги нашла. Но тие не би можеле да ја напуштат државата затоа што обајцата се без патни исправи, наведува порталот.

„Здравството се мобилизира – се испитува заразата: Паника во Инфективна, татко и син починаа од непозната болест, уште четворица во карантин“, објави Вечер, а Нова Македонија: „Инфективна под карантин, починале две лица“. Слободен печат, меѓутоа, наслови: „Нема карантин на Инфективна, туку изолација на четворица хоспитализирани“.

Како за крај, вест надвор од политиката: „На радоста ѝ нема крај, Македонија е меѓу осумте најдобри во светот“ – објави Слободен печат за успехот на нашите млади ракометари кои со победата над Алжир за прв пат во историјата на колективните спортови во Македонија обезбедија место меѓу осумте најдобри млади ракометари во светот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG