Достапни линкови

Обвинетите во Титаник едвај чекаат да почне судењето


Поранешниот премиер Никола Груевски во Апелациониот суд во Скопје
Поранешниот премиер Никола Груевски во Апелациониот суд во Скопје

Груевски не планира да бега и вели дека ќе ја враќа ВМРО-ДПМНЕ на власт. Поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска и поранешниот секретар во Владата Кирил Божиновски велат дека е во нивен интерес судската разрешница да започне час поскоро, за да ја докажат својата невиност.

Каде би бегал во овој глобализиран свет? - го прочита ова прашање, од својот однапред подготвен текст, поранешниот премиер Никола Груевски, во своето обраќање до Апелациониот суд, поради жалба за одземениот пасош. Тој пред судот денеска се пожали дека одредувањето мерка за претпазливост, односно одземање на пасошот и пријавување еднаш неделно во суд е политичко оцрнување пред гласачите, со што за локалните избори, како што вели, е ставен во нерамна положба со неговиот политички противник. Тој праша како е можно судот за неговиот политички конкурент Заев да не одреди мерки за претпазливост, а за него како неосудуван до сега, да одреди?

„Денеска продолжи политичкиот театар и политичкиот прогон од страна на СЈО и јас тука се појавив за да одговорам на сите нивни лаги и невистини и да порачам дека јас планирам на следните избори да победам, како политичка партија и како водач на политичка партија, и ВМРО-ДПМНЕ повторно да се врати на власт, а не да бегам од земјата,“ вели Груевски.

Одбраната на обвинетите во предметот Титаник поголемиот дел од своите искази ги темелеше на ставот дека ако сакале обвинетите да побегнат до сега имале доволно време и можност да го сторат тоа. Но, затоа што не го сториле до сега тоа, треба да е доволен аргумент за да не се одредува мерка притвор.

Но обвинителите од Специјалното јавно обвинителство не се согласуваа со таквите констатиции, посочувајќи дека во текот на истражната постапка речиси сите обвинети ги опструирале процесите со одолговлекување на постапката за увид, со нередовно одговарање или примање на покани.

„Не успеавме да најдеме доставувач кој ќе му достави покана, ниту пошта, ниту ДХЛ. Сите други покани ги добило неговото обезбедување. Му испративме 10 покани на Груевски и поради неодговарањето на повиците, тој е обвинет за попречување на правдата“, рече во судот обвинителот Гаврил Бубевски.

Тој пред медиумите посочи дека до сега за овој предмет во јавност бил објавен и записник на сведочење, како и дека имаат сведоци и докази дека обвинетите во неколку наврати влијаеле врз сведоци.

„Видовте како во Охрид, еден од пратениците повикуваше да не даваат такви искази, кои што ги бара СЈО. Тука го црпиме и влијанието и можноста за истото, зошто законот бара опасност од влијание, а не директоно влијание, тогаш би било веќе извршено конкретно кривично дело. Ова е опасност од која се заштитува понатамошниот тек на постапката и утврдувањето на вистината“, додава Бубевски.

Нема да бегаме, тврдат обвинетите во „Титаник“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Обвинетиот Никола Груевски поседува на банкарските сметки 10 милиони денари, 46.000 евра и 7.000 швајцарски франци и закупени сефови, па оттаму може и со лична карта да ја напушти Македонија и да избега, тврди Специјалното обвинителство во жалбата до Апелациониот суд Скопје, со која што бара притвор за него. Од друга страна одбраната на Груевски во жалбата посочи дека предлогот за мерка притвор е речиси еднаква на осуда, објаснувајќи со пример од Стразбур за политички дискредитација на лидер на партија и поранешен премиер.

Поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулока, поранешниот секретар во Владата Кирил Божиновски и Груевски во своите излагања тврдеа дека во нивен интерес е, час поскоро, да започне судската разрешница за предмет за да ја докажат својата невиност. Сопартиците на Груевски за разлика од него, не читаа однапред подготвени говори, и даваа свој осврт на тврдењата во жалбите.

Јанкуловска посочи дека откако е разрешена од министерската функција, веќе две години не влегла во МВР и затоа наводното тврдење дека влијаела врз кого било е, како што вели, бесмислено.

„Јас во мојот случај не сум дала ниту повод, ниту причина воопшто да биде предложена каква било мерка за мене, а не па да се изрече таква мерка. Сепак, јас верувам во објективноста на судот и верувам дека судиите ќе работат согласно законот, согласно аргументите и согласно фактите, а нема да се солидализираат со исполнување на некаква политичка агенда“, изјави Јанкуловска.

Таа пред судиите во Апелација вети дека не планира да бега и дека тоа е последно што и паѓа на памет и дека немала намера да влијае врз никого, само сакала час поскоро да докаже дека е невина во судот.

Од друга страна пак, Бубевски по истакнувањето на одбраната дека СЈО им дозволило увид во 26 те илјади страници доказен материјал пред неколку месеци истакна дека обвинетите сами ја одоговлекувале таа постапка.

„Во моментот на првото испитување, обвинетиот може да биде испрашан и пред отворањето на истрагата. Обвинителството тогаш може да располага само со еден спис од кој црпи основано сомнение. Во тој момент, тие можат да имаат увид само во списите со кои располага Обвинителството во моментот кога ја отвора постапката. Ако го испитува за време на истрагата исто така има право во тој момент да изврши увид во списите на предметот и даде свој исказ. Овие обвинети, сите тоа го користеа за одолговлекување на постапката, па увид вршеа по еден-два часа дневно, па доаѓаат секој ден, па не доаѓаа на поканите“, нагласи обвинителот Бубевски.

Од обвинетите петмина во случајот Титаник, денеска не се појави само поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер, за кого одбраната достави лекарска потврда дека му е нарушена здравствената состојба. Обвинетите во предметот Титаник се товарат тешки кривични дела како злосторничко здружување, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања и изборна измама. Во следните 48 часа судот треба да одлучи дали на обвинетите ќе им бидат вратени патните исправи, дали ќе им биде одредена мерка притвор или пак ќе остане на првичните одлуки на Кривичниот суд.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG