Достапни линкови

Истрагите за „Титаник“ и „Транспортер“ во завршни фази


Macedonia - Press conference of the Special Public Prosecutor, prosecutors Katica Janeva, Fatime Fetai and Lence Ristoska.

Нови 7 истражни и 14 предистражни постапки се отворени во изминативе 6 месеци, со што бројот на вкупно отворените предмети изнесува 68, соопшти специјалното јавно обвинителство во третиот извештај кој го објави денеска.

Специјалното јавно обвинителство најави дека истрагите за предметите Титаник и Транспортер се во завршна фаза и оти за нив се подготвува обвинителен акт. Во третиот извештај дополнително е посочено дека може наскоро да се очекува обвинение и за предметот чија истрага е во завршна фаза а е покрената против 2 лица за уништување на изборен материјал. Станува збор за предмет преземен од Основното јавно обвинителство.

Во обемниот извештај на ова обвинителство е наведено дека еден од најсериозните проблеми со кои се соочува е административната и судската опструкција. На пример во предметот „Таргет“ кој се однесува на масовното незаконско прислушување, главна пречка е пристапот до докази од мобилните оператори.

„ Видно од изнесените податоци во 4 наврати, од Основниот суд Скопје1 е одбиено барањето за издавање наредба за пребарување во компјутерскиот систем и компјутерските податоци во уредите на Македонски Телеком АД Скопје. Исто така во овој предмет е одбиен и предлогот за издавање на наредба за одземање на HP компјутери од УБК кои што имаат директен пристап до IPS системот за следење на комуникациите. Доставена е и Ургенција, но по истата не се постапува поради опструкција од страна на директорот на УБК “ е посочено во извештајот.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се жали дека и натаму продолжуваат попречувањата од институциите. Институции не им доставуваат докази, судот не им дозволува претреси и не им одобрува мерка притвор за осомничените и честопати ги надминуваат законските рокови во одговарања на барањата на СЈО, со што дополнително им ја отежнува работата на обвинителите во прибирање на доказен материјал.

Во однос на предметот „Пуч“ кој е доставен до СЈО, од основното јавно обвинителство, велат дека како доказ им е доставен и хард дискот за кој е утврдено дека потекнува од канцеларијата во УБК на веќе осудениот Звонко Костовски, но тој доказ, како што велат од СЈО, не е предложен во листата на докази. Според анализата на овој доказ тимот на СЈО констатирал дека таргет на прислушување е лидерот на СДСМ Зоран Заев и дека тие комуникации се следени без издадени судски наредби, односно незаконски.

„Во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите кои се отворени од наша страна. Потребно е да напоменам дека при повлекувањето од обвинителниот акт од судот побаравме да ни биде вратен целокупниот доказен материјал наведен во листата на докази, бидејќи истиот е потребен во друга истражна постапка која се води во ова Јавно обвинителство. И покрај ваквото барање, од страна на Судот доказите не се вратени со што се попречува водење на истражна постапка, е наведено во објаснувањето на СЈО за откажувањето од обвинението „Пуч“.

За истрагата „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата „Обединети за Македонија“, Љубе Бошковски, а се осомничени седуммина припадници на „Алфите“ и поранешниот прв разузнавач Сашо Мијалков, од СЈО се жалат дека не им било овозможено да извршат увид во предметот во МВР, УБК, БЈБ и во Одделението за заштита на сведоци.

СЈО во своја надлежност го има и предметот Шпион, откако со пресудата на Апелациониот суд предметот е повторно вратен во Основен суд Скопје 1.

Со новите 7 истраги и 14 предистражни постапки, бројот на предмети по кои постапува СЈО се зголеми на 68.

Предистражните постапки се однесуваат на незаконско следење на комуникации, незаконско финансирање на медиуми, злоупотреба на државни пари за финансирање на изборна кампања, злоупотреби на јавни набавки, даночно затајување, перење пари и разни коруптивни дејствија како и незаконитости кои се однесуваат на градежни работи. Во овој шестмесечен период се водат истраги против 50 луѓе, од кои 15-мина се веќе опфатени во претходната година, но сега се проширени истрагите против нив и за други кривични дела.

СЈО открива дека успеале да повратат нови 67 илјади избришани фајлови со кои бројката на прислушувани разговори со кои располага ова обвинителство се искачи на 606 555. Времетраењето на сите нелегално прислушувани разговори изнесува 13 200 часа.

До сега во изминатава година и пол, обвинителскиот тим на Јанева обработил 45 проценти од аудио фајловите.

Во извештајот е наведено дека вкупниот број на осомничени во изминатава година и пол изнесува 112, за сторени 160 кривични дела од кои 84 кривични дела се однесуваат на злоупотреба на службена должност, 11 на повреда на избирачко право, 24 на злосторничко здружување, 12 кривични дела се однесуваат на злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања и други.

Предистражните постапки покажале дека во периодот од 2008 до 2015 година, со незаконското прислушување не само што им се прекршени основните права за приватност на неколку илјади луѓе, не им била почитувана ниту тајноста на комуникациите, а укажува и на злоупотреби од страна на службени лица со средства кои се во сопственост на Република Македонија, се вели во извештајот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG