Достапни линкови

Силен земјотрес на Егејско Море


Силен земјотрес изутрината ги погоди грчките острови и турското крајбрежје на Егејското Море. Предизвикани биле штети на зградите и, како што соопштија локалните власти, досега имало двајца загинати, најверојатно странски туристи.

Градоначалникот на грчкиот остров Кос, Јоргос Кирицис, изјави дека биле повредени неколку десетици луѓе.

Повредени имало и во турскиот град Бодрум.

Аматерски снимки постирани на социјалните мрежи веднаш по земјотресот покажуваат каква била паниката, како и штетите по силниот земјотрес што го зафати овој регион.

Земјотресот што се случи во 1 часот и 31 минута бил со сила од 6,7 степени.

Епицентарот бил на 10 километри јужно од Бодрум, меѓу градот Мармарис и островот Кос кои се познати туристички дестинации.

По овој земјотрес, кој бил на длабочина од 10 километри, следувале и 20 помали потреси.

Властите ги предупредуваа луѓето да не се приближуваат на брегот поради тоа што земјотресот предизвика и мало цунами.

Според градоначалникот на Кос, големи штети претрпе пристаништето на островот кое било поплавено.

По земјотресот биле поплавени и делови на турскиот град Бодрум.

Тамошните власти, пак, соопштија дека имало само мали штети на некои згради.

Сепак, на граѓаните им било препорачано да ги одбегнуваат деловите на градиот со оштетени куќи и згради со оглед на тоа што се можни натамошни таканаречени афтершокови.

Кос и Бодрум се на оддалеченост од десет километри.

Новинските агенции потсетуваат дека станува збор за трусно подрачје на чија линија се наоѓаат Грција, земјите на Балканот, Турција и Италија.

Во средината на јуни годинава, грчките острови Лезбос и Хиос беа погодени од земјотрес при што загинало едно лице, а петнаесетина други повредени. Тогаш земјотресот бил со сила од 6 степени.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG