Достапни линкови

По силните земјотреси во Италија


Силни земјотреси ја погодија централна Италија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Силни земјотреси ја погодија централна Италија

Серија силни земјотреси го погодија централниот дел на Италија во средата. Нема извештаи за жртви или за посериозно повредени. Причинета е материјална штета, а земјотресите предизвикаа страв кај жителите кои се уште се под стрес од смртоносниот земјотрес што оваа област ја погоди во август годинава.

Станува збор за три земјотреси кои следуваа на секои скоро два часа и кои предизвикаа колапс не неколку стари градби, како и уништувања на голем број историски селски цркви кои беа празни во тоа време.

Првиот земјотрес бил со сила од 5,4 степени според Рихтеровата скала, вториот од 6,1, а третиот од 4,9, соопшти американски Геолошки институт.

Неколку часа по земјотресите локалните власти известија за десетина полесно повредени лица.

„Извештаите не се толку катастрофални како што се плашевме“, изјави шефот на Одделот за цивилна заштита Фабрицио Курцио.

Сите индикации се дека штетите не се толку големи како од земјотресот што го погоди регионот Марче, Лацио и Умбрија, на 24 август кога загинаа речиси 300 луѓе.

На аматерска видео снимка беа прикажани облаци од прашина по паѓањето на делови на згради во некои градови.

Потресите ги принудија жителите да излезат на улиците по дождливото време.

„Јас бев дома, внатре, кога за првпат се случи земјотресот, а потоа излеговме,бидејќи земјата цело време се тресеше. Поголема штета направи вториот земјотрес“, изјави Џузепе Антонини, жител на Визо, гратче во близина на епиценнтарот на земјотресите.

Неговиот сограѓанин Силвио Бетачи пак вели:

„Тоа беше нешто што не можам ни да почнам да го опишувам. Навистина бевме уплашени. Сè почна да се тресе и работите почнаа да паѓаат врз нас. Не можам да најдам зборови“.

Градоначалникот на Визо Џулијано Пазалини изјави дека се прават напори да се згрижат исплашените граѓани.

„За жал, ќе треба да видиме што се случува. Во моментот се обидуваме да се справиме со итни ситуации и да се погрижиме за луѓето кои се надвор, да им даде барем минимум удобност, бидејќи тие доживеаа голем шок“, рече тој.

Потресите биле почувствувани дури во Неапол, на околу 250 километри јужно од нивниот епицентар, како и до Венеција која се наоѓа на 300 километри северно.

Делови од фасади паднаа и на неколку згради во Рим. Падна и историската црква Сан Салваторе од крајот на 15-от век, во близина на Норчија, во регионот Умбрија која претрпе оштетувања од земјотресот во август.

Италијанскиот премиер Матео Ренци ги откажал сите обврски за да ја следи ситуацијата во погодените подрачја, соопшти неговиот кабинет.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG