Достапни линкови

Неделници - Рокот на владата и „новиот живот“


Премиерот Зоран Заев и членови на новата влада.
Премиерот Зоран Заев и членови на новата влада.

Фокус ги анализира тешките задачи што стојат пред новата Влада и прашува за колку време ќе падне владата на Заев. Република во своите содржини ги напаѓа новата влада и премиерот, а Капитал пишува за Пејпал во Македонија

Фокус - Кога ќе падне владата на Заев?

Една од колумните во најновиот Фокус ги анализира тешките задачи што стојат пред новата Влада за авторот да напише: „Најновата коалициона влада на Зоран Заев ќе биде онолку долговечна колку што ќе го направи историскиот чекор кон демократијата, владеењето на правото и кон Европа“, а интригантниот наслов гласи: „Кога ќе падне владата на Заев: утре, по четири или по осум години?“ Авторот заклучува дека изгледа конечно преовладува сознанието во јавноста дека е неопходна една храбра и одлучна влада, која ќе се жртвува да ги заврши најтешките и најмачните работи, а потоа наведува:

„Влада на спасот може да биде единствено онаа која нуди решенија, а не оправдувања, и која е подготвена за тоа да ја плати цената со своја глава“.

Фокус објавува и интервју со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а насловот е изведен од суштината на тоа што го изнесува првиот човек на полицијата како согледување за довчерашното работење на таканареченото МВРО, како што во јавноста се нарекуваше таа институција за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ: „УБК била главната алатка за криминалот на Груевски и на Мијалков“. „Реформите“ – вели Спасовски, „ќе почнат од УБК, бидејќи Управата била местото на злосторството, односно тука се подготвувале сите криминални активности на претходната власт“. Фокус и со критички осврт на просечниот сдсмовски партиски член кој, според авторката на текстот, го имал истиот резон како и вмровскиот. „И тие се вознесени дека партијата треба да ги вработи!“ и дека „е најнормално Партијата да е Агенција за вработување“. Со потсетувањето дека овој принцип го развил СДСМ во 1990-тите, а ДПМНЕ го лапнал како органска философија, Фокус наведува дека тоа е врзивното ткиво меѓу „заевци и груевци“.

Република - „Новиот живот“ на дело

Најновото издание на Република со ретко остри содржини во нападот врз Владата на СДСМ и премиерот Зоран Заев. „’Новиот живот‘ на дело“, пишува на насловната неделникот над картата на Република Македонија во која со ситни букви се испишани ветувањата на лидерот на СДСМ, како минимална плата 16.000, радиодифузна такса, поврат на ДДВ, и со крупни букви нападите: партизација, промена на име, целосна двојазичност, антимакедонизам, тиранска платформа, хомосексуални бракови, педофили, свиткана кичма и така натаму. Главниот наслов гласи: „Заев ги продаде државата, семејството и традиционалните вредности“, за во уводникот, покрај другото, да напише дека додека ЛГБТ заедницата со агресивна промоција на својата идеологија го одвлекувала вниманието на јавноста, Заев се обидувал да ги стави под тепих неисполнетите предизборни ветувања и неприметно да ги задоволи желбите на неговите налогодавачи преку потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија и гласањето на законот за јазици со кој ќе се нанесело ненадоместлива штета на македонските национални интереси.

Капитал - Пејпал во Македонија?

Капитал објавува интересна информација дека министерството за финансии ќе се обрати до платежниот сервис Пејпал за да почне постапката за воведување на услугата „прием на пари“ во Македонија. Со ова ќе се овозможи македонските граѓани и фирми да продаваат свои производи и услуги на светските пазари и да вршат прием на плаќања преку Пејпал. Ова е заклучено, пишува Капитал, на средбата на претставници од министерството за финансии, Народна банка на РМ, министерствата за економија и за информатичко општество и претставници на четири деловни банки во земјава, заедно со потписниците на Иницијативата за воведување Пејпал во Македонија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG