Достапни линкови

Дојран во пулсирачкиот ритам на Д ФЕСТИВАЛ 2017


Архивска фотографија: Д Фестивал во Дојран
Архивска фотографија: Д Фестивал во Дојран

АРХАНГЕЛ, РУДИМЕНТАЛ, Рони Сајз, Кирил Џајковски, КУП ОСКАР ОРКЕСТРА, АЛИ ФАРКА ТУРЕ БЕНД, ТЕРАКАФТ, ЕГОРИТМИЈА, С.А.Р.С., СИНИСТЕР, СТРИНГ ФОРСЕС, ДА ЏАКА НАКОТ и уште 50-на домашни и странски артисти ќе настапат на петте сцени на седмото издание на Д ФЕСТИВАЛ, најголемиот летен музички музички настан во Македонија, што од 14 до 16 јули ќе се одржи во Дојран.

На Дојран, па ако милувате и на актуелната супкултурна македонска сцена и воопшто на регионот, од 14 до 16, јули ќе им се случи седмото издание на Д ФЕСТИВАЛ, најголемиот и веројатно единствениот летен музички фестивал во земјава во вистинското значење на зборот. И, на него, без сомнение, најамбициозната програма која успеа силно да го разбуди љубопитството на љубителите на современата звуковност од тромеѓето и да ги натера трпеливо да бараат (чекаат) слободно место во веќе распродадениот камп околу кој ќе гравитираат не само концертните настапи, туку и во кој ќе биде реализирана богатата (читај ангажирана) придружна програма.

И, кога сме веќе тука, само краткиот поглед врз листата на учесниците на која предничат имиња како АРХАНГЕЛ, РУДИМЕНТАЛ, Рони Сајз, Кирил Џајковски, КУП ОСКАР ОРКЕСТРА, АЛИ ФАРКА ТУРЕ БЕНД, ТЕРАКАФТ, ЕГОРИТМИЈА, С.А.Р.С., СИНИСТЕР, СТРИНГ ФОРСЕС, ДА ЏАКА НАКОТ и згора на тоа уште 50-на други домашни и странски артисти кои во трите деноноќија е планирано да настапат на петте фестивалски сцени (како Главна бина, Mosquito, LakeAwake, Church и Браво Дојран) и повеќе од доволно говори за атрактивноста на понудата.

Ако биде спомнато и тоа дека за Д ФЕСТИВАЛ ја продолжува својата заложба на најдобар начин да ги промовира позитивните вредности и наново да испрати пораки за слобода, љубов, единство и рамноправност, тогаш е разбирливо што овој концепт подразбира и учество на плејада други учесници и специјални гости. Ова подразбира дека во кампот, во посебно уредените зони, како фестивалскиот плоштад на уметноста „ПлоштАРТ“ и „Активниот Саем“ (епицентри на општествените активности на Д ФЕСТИВАЛ), е планирано одржување на бројни панел дискусии, филмски проекции, работилници, предавања, рекреативни активности, натпревари, изложби, арт-инсталации, гејминг-зона, мултимедиумски презентации и многу други содржини. Тие треба да понудат вруток од идеи, мислења, ставови, креативни енергии, дијалог и креирање и на тој начин да отворат еден поинаков светоглед од постојниот.

„Покрај славењето на музиката, Д Фестивал е и место каде сите уметнички форми наоѓаат свој дом и тоа во својата суштествена одредница, а тоа е слободата на креативниот дух, и претставува настан кој ги обединува луѓето во името на позитивните општествени вредности. Како таков своевиден медиум кој ги промовира универзалните пораки за слобода, мир, заедништво и рамноправност секаде во светот, ваквите фестивали имаат посебно значење за културниот развој“, вели Катерина Цветковска од Пасворд продукција, потписниците на Фестивалот.

Таа дополнува дека тие веќе седум години се обидуваат овој концепт да го втемелат и да го сочуваат и кај нас, и тоа не случајно во Дојран, место и регион кој претходно со години беа подзаборавени како туристичка и уште повеќе како културна дестинација, особено од страна на младите.

„Со седум години упорност, борба со многу предизвици, но и со многу љубов и лудост, Д фестивал константно расте, станува сѐ поголем, прераснува во бренд сам по себе, но воедно тој полека создава и бренд од Дојран и Македонија на европската фестивалска мапа – што е всушност својствена одлика на ваквите настани. Да, Д ФЕСТИВАЛ е единствен летен музички фестивал во ова значење во Македонија, но во својата суштина тоа не е податок кој треба да нѐ радува. Радува тоа што со Д ФЕСТИВАЛ покажавме дека можеме самите да ги менуваме нештата на подобро, иако предизвикот од година во година расте“, вели таа.

Конечно, Цветковска појаснува дека од посветеноста на Пасворд продукција во организирањето на овој настан досега, знаат и свесни се уште колку многу потенцијал има Д ФЕСТИВАЛ за во иднина, но вели дека тие како организатори воедно се надеваат дека во меѓувреме покажале и влијаеле врз развојот на свесноста и на останатите за тоа колку се значајни ваквите настани и какво културно богатсво е токму вака разбудениот фестивалски дух.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG