Достапни линкови

Интегрирањето на децата бегалци во фокусот на третиот фестивал „Фенер“


Macedonia - International Festival of Children's Theatre "Lantern", poster - N/A

Со прикажување на претстави поврзани со судбината на децата бегалци на уметнички колективи од Шведска, Австрија, Бугарија и од Македонија, креативни работилници и со концерт на кој познати македонски музичари ќе се претстават со песни за најмладите, од 16 до 18 декември, на три локации - во Транзитниот центар Табановце, Прифатниот центар Визбегово и во Кино Култура, под мотото „Сподели светлинка“, ќе се одржи третото издание на Меѓународниот фестивал за детски театар „Фенер“.

Во времево на искривоколчени вредности, силно отуѓување едни од други, себичлук и заклучување во сопствената самодоволност, една едукативна, благородна и над сè хумана идеја, за среќа, грчевито ја продолжува сопствената опстојба. На сите добронамерници и далекугледи, во деновите од претстојниот викенд – од 16 до 18 декември, по двегодишното отсуство, ќе ни се случи третото издание на Меѓународниот фестивал за детски театар „Фенер“. Манифестацијата овој пат ќе се одвива под мотото „Сподели светлинка“. Преку него и, уште повеќе, преку подготвената програма, Фестивалот всушност го става акцентот на општественото интегрирање на децата бегалци и ослободување од предрасудите со кои тие се соочуваат.

Говорејќи за ваквата определба, Милијана Ленак од скопскиот „Буден театар“, идејните творци и организаторите на манифестацијата, ќе рече дека тие нешто повеќе од година дена се ангажирани во работа со децата бегалци. Најпрво биле вклучени во најкритичните моменти од кризата кога секојдневно на станицата во Гевгелија пристигале огромен број на деца кои по неколку дена останувале таму. Тогаш и без да се обѕираат на зачмаеноста на државните институции од Буден театар волонтерски оделе таму и одржувале креативни работилници. Од тогаш, на некој начин, се поврзале со тој проблем, „со тие деца кои се прилично оштетени во нивното детство“ и сакале и понатаму да организираат одредени активности врзани со таквата реалност.

„За нас е прилично тешко дека државата на тој начин ги има изолирано тие деца. Дека немаат никаков контакт со други деца од Македонија. Дека живеат само во тој простор кој е одреден за нив како бегалци. И затоа сакавме малку повеќе внимание да свртиме кон тој проблем. Да кажеме дека тие деца може да бидат интегрирани во ова општество. Да одат во нормално училиште како нашите деца. Едноставно „Сподели светлинка“ се однесува на тоа дека таа наша љубов којашто ја имаме би требало да биде инклузивна и за тие деца“, вели Ленак.

Во тој контекст, во првите два дена од Фестивалот, во Транспортниот центар Табановце и во Прифатниот центар во Визбегово, ќе бидат прикажани две претстави - „Да се спакува куфер“ на австрискиот Театар НУ и „Најосамениот кит на светот“ на шведскиот Мартин Мутер театар.

„Да се спакува куфер“ е базирана на играта типична за виенските деца во која се измислуваат нештата кои може да бидат спакувани. Спакуваниот куфер, премал да ги собере сите важни нешта, асоцира на сите деца кои бегајќи од војната биле принудени да го спакуваат својот дотогашен живот во мали ранчиња.

Од друга страна, „Најосамениот кит на светот“ ја третира темата за изолираноста и осаменоста. Моментот кога поединецот зборува на „поинаков“ јазик од останатите во неговото опкружување. Претставата користи водена музика, и преку танц и движење ја раскажува малечката приказната за големото тажно животно.

Обете, во деновите од претстојниот викенд, ќе ѝ бидат прикажани и на публиката којашто ќе ја следи програмата во Кино Култура.

Во Центарот за изведувачки уметности и современа култура Кино Култура, пак, ќе бидат одиграни и уште две пиеси. Театарот „Констатантин Величков“ од Пазарџик, соседна Бугарија, ќе ја прикаже наградуваната куклена претстава „Јованче и Марика“, со што ќе понуди едно ново и ововремено толкување на класичната приказна (во кое, патем, „најстрашната вештерка на денешницата е војната, и таа принуди огромен број деца, како Јованче и Марика, да го загубат патот кон дома“), а Буден театар премиерно ќе ја изведе сопствената продукција „Писмо некому“, којашто е резултат на двомесечните интензивни креативни работилници со децата бегалци и со учениците од скопското основно училиште „Кочо Рацин“.

Во текот на процесот децата меѓусебно разменувале видео пораки, колачиња и алки на пријателството, што било инвентивен начин да се оствари запознавање и зближување, во сегашните услови кои ги оневозможуваат директните средби.

„Станува збор за еден прекрасен проект којшто се прави токму поради тоа што овие деца немаат контакт со деца од Македонија поради забраната на движење што се однесува на нив, и затоа ние сакавме на некаков таков креативен начин да запознаат деца, а во исто време на децата од Македонија да им помогнеме да ги срушат оние стереотипи за бегалците коишто се наметнати од медиумите“, вели Ленак.

Проектот беше поддржан од Цивика Мобилитас и реализиран во соработка со СОС Детско село, а премиерната изведба е планирана за недела, 18 декември, во 18 часот.

Конечно во трите дена за време на неговото одржување ќе бидат организирани неколку креативни работилници, а завесата на третиот „Фенер“ ќе биде спуштена со концертот озаглавен како „И музиката свети”, на кој познати изведувачи од современата македонска музичка сцена (артисти како Драгана Заревска, позната како ТЕЛЕМАМА, Мио Поп Христов од Д.Н.О, групата СТАРОВСКИ и други чии имиња се чуваат како изненадување) ќе се претстават во поинакво светло - настапувајќи со детски песни, отсвирени на инструменти-детски играчки.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG