Достапни линкови

Активно лето во Дневниот центар „Порака Наша“


Дневниот центар за лица со интелектурална попреченост „Порака Наша“ во Куманово
Дневниот центар за лица со интелектурална попреченост „Порака Наша“ во Куманово

Целта на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ о Куманово е овие луѓе што повеќе да се оспособат за колку-толку самостоен живот и извршување секојдневни обврски.

И во текот на летниот период, за 21 корисник со над 18-годишна возраст во Дневниот центар за интелектуална попреченост „Порака Наша“ во Куманово, се одвиваат бројни активности, велат вработените. Таму не само што со завршување на еден проект започнува реализација на друг, туку истовремено се одвиваат и по неколку проекти. Целта е што повеќе да се оспособат овие лица за колку-толку самостоен живот и извршување секојдневни потреби. Резултатите се видливи, смета психологот Мартина Костовска.

„Она што би го напоменала е дека завршува проектот „Заедно“ во соработка со организацијата „Солен“ за самоодредување и самозастапување, на којшто 13 месеци работиме со корисниците за нивните права, за Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, на кој начин на една повисока инстанца појасно и погласно самите да се изборат за себе“, вели таа.

Тие биле и поддржувачи и учесници во граѓанската иницијатива за собирање потписи за измена на законските и подзаконските акти за надминување на дискриминацијата на лицата со попречености. Сè уште се вклучени во акцијата за продажба на весникот „Лице в лице“, која и понатаму ќе трае.

„Сè уште сме вклучени во акцијата „Едно капаче, една надеж“ , хуманитарна и истовремено еколошка. Со продавањето на весниците работиме на социјално и економско зајакнување на корисниците. Да напоменам дека во изминатата година имавме голем број волонтери ученици, средношколци и студенти практиканти, оформивме младински центар на „Порака Наша“ со кој ги мобилизиравме тие волонтери“, вели Костовска.

Со нив се направени тимови кои помогнале во реализирање на креативните работилници, во продажбите на изработените предмети и весници. Тоа е показател дека има потреба од вклучување млади луѓе во овој центар.

„На тој начин корисниците не само што остануваат дневно во центарот и ги извршуваат своите активности, туку излегуваат и надвор, се дружат со учениците, студентите, имаат активности низ градот, што значи дека е зголемена нивната социјална инклузија, изразување и на нивната социјална експресија“, вели таа.

Лицата со интелектуална попреченост имаат и проблеми со видот, вели Силвана Боризовски, дефектолог за слепи и слабовидни лица. Поголем дел од нив имаат комбинирани нарушувања од послаб и потежок карактер. Тоа досега не се земало предвид, но со лекарски прегледи утврдено е дека за нив се потребни и програми за да може да се рехабилитираат.

„Дел од нив имаат корективни стакла, очила што треба да ги носат, за дел од нив препорачано е и нивно понатамошно лекување, за некои и хируршки интервенции, бидејќи со самата интелектуална попреченост и видот може да им создава уште една, визуелна попреченост. Со тоа дополнително и животот им е отежнат“, вели Боризовски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG