Достапни линкови

Креативноста ги радува децата со попреченост


Изложба на дела на деца со попречености во Тетово

Сегашните деца се растени со визуелни медиуми така што им се многу блиски. Сликањето, снимањето и фотографирањето ја будат креативноста кај децата со попречености.

Децата со попреченост знаат и сакаат да покажат креативност, што воедно претставува начин како да бидат весели и расположени. Вакви се оценките на луѓето кои изминатиов период вклучија повеќе деца со попреченост во програма во која тие покажаа колку се креативни кога од нив е побарано да направат фотографија или цртеж.

Режисерот Јане Алтипармаков, кој ги учел децата како да прават фотографии, а воедно снимил и документарен филм, вели дека децата лесно ги оствариле замислените идеи.

„Децава многу природно сакаат филм, растени се со визуелни медиуми, некако од сам почеток интуитивно знаеја што треба да прават, така што многу време поминавме во само снимање, отколку класично обучување и тоа беше причината да се одлучиме како екипа да направиме документарен филм. Зошто самите деца кажаа многу работи, се отворија, кажаа многу работи за нивниот начин на живот, нивните ситуации тука во Македонија, како се справуваат со нивните попречености“, истакна режисерот.

Визуелните медиуми и методи уште повеќе ја разбудуваат креативноста кај децата со попреченост, објаснува Драги Неделчевски од Тетово, кој се занимава со фотографија.

„Јас сум родител на дете со попреченост, дете со церебрална парализа. Иако моето дете е со тешка попреченост и нема услови да биде креативен, бидејќи сум и во здружението Церебрална парализа, а попречености има од најлесен вид до најтежок вид, јас сум свесен низ годиниве колку е битна креативноста кај овие деца. Многу луѓе сметаат дека затоа што тие имаат попреченост не се креативни и не би требало да се помачиме околу тоа да ја разбудиме нивната креативност. Но, јас сметам спотивно и имам лично искуство, бидејќи со Зоран Андонов, претседателот на здружението Церебрална парализа, повеќе пати сме имале проекти за фотографија, за цртање, дигитално цртање, каде што се гледа дека децата и колку се тоа многу креативни, децата со попреченост. Поготово што ме радува е тоа што тоа многу ги весели, кога фотографиравме, беа весели, задоволни. Секако тие фотографии се прилагодени на нивните способности, но самиот чин на фотографирање, на дружење е таа креативност“, вели тој.

Програмата која беше насловена Креираме заедно, ја спроведе Здружението за поддршка на деца и млади со различности Сината птица од Скопје.

„Ја изработија деца од инклузивни училишта од Скопје, Тетово и од Струмица. Во работните групи на работилниците имавме мешани групи на деца, типични деца и деца со различни попречености. Добивме фантастични резултати, одлични фотографии, фантастични видео записи“, истакна Мимоза Петревска од Здружението.

Фотографиите беа претставени на изложба во Тетово.

XS
SM
MD
LG