Достапни линкови

Вести

Рочиштето за „шамарите“ одложено, обвинителките добија казни

Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на распит во Основен Суд 1

Судењето на поранешниот премиер Никола Груевски и десетина други луѓе во случајот во предизвикување на насилство во Општина Центар е одложено за 10 март, затоа што дел од обвинетите не беа присутни.

Обвинителките од Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и Фатиме Фетаи на два пати беа казнети по 1000 евра, за навреда на судот. Обвинителките ја обвинија судијката Татјана Михајлова дека направила фалсификат на записникот од минатото рочиште, оти во него не споменала дека јавноста беше исклучена од рочиштето. Тие барале аудио и видео записник од минатото рочиштето, а тоа судијката досега не го направила.

По рочиштето Груевски кратко изјави дека, ова не е судење, туку театар, по што си замина.

Адвокатот на обвинетите Никола Додевски, посочи дека СЈО го опструира судењето и дека секој има право на фер судење.

На Груевски му се суди оти поттикнувал насилство и нарачувал шамари за градоначалникот на општината Андреј Жерновски. Освен него, обвинети се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 други луѓе.

По рочиштето обвинителките Јанева и Фетаи повторно ја обвинија судијката Михајлова за фалсификување на записникот.

види ги сите денешни вести

Дербито со Партизан одложено, навивачите на Црвена звезда запалија свеќи пред црквата Свети Сава во Белград

Граѓани и навивачи на Црвена звезда пред црквата Свети Сава во Белград. 27 септември 2023 година.

Навивачите на белградскиот фудбалски клуб Црвена звезда на 27 септември се собраа пред црквата Свети Сава во Белград каде запалија свеќи поради настаните на Косово.

Според новинарите на Радио Слободна Европа (РСЕ) кои известуваат, пред Храмот се собрале и дел граѓани.

За истиот ден беше најавено и дербито меѓу Црвена звезда и Партизан, кое беше одложено поради Денот на жалост во Србија.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово.

Загина полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

Во размената на оган полицијата уби тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив бea уапсени. Ден подоцна, на 25 септември, во Бањска беа уапсени уште двајца.

Владата на Србија го прогласи 27 септември за Ден на жалост, по конфликтот во селото Бањска во општина Звечан на северот на Косово.

Колото во фудбалската Супер лига на Србија е одложено поради Денот на жалост.

Меѓу натпреварите кои требаше да се одиграат беше и дербито меѓу белградските фудбалски клубови Црвена Звезда и Партизан.

Лога - Уставен суд да постапува ажурно и за останатите прописи

Кренар Лога, министер за правда на Северна Македонија.

Судот да постапува по службена должност ажурно и за останатите прописи, порача денеска министерот за правда Кренар Лога поздравувајќи ја одлуката на Уставниот суд со која беше поништено Упаството за водење на матичните книги.

Уставниот суд на денешната седница донесе Одлука да го поништи Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, бидејќи оцени дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не бил испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова упатство.

„Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Уставен суд и очекува судот да постапува по службена должност ажурно и за останатите прописи каде што е прекршен уставниот рок за објавување во Службен весник“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Одлуката доаѓа откако претходно, на 29 мај годинава Министерството за правда донесе упатство за водење на матичните книги со кое е предвидено во изводите од матичните книги да има и графа за етничката припадност, односно националност.

Со денешната одлука на Уставниот суд исто така се поништува издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, акт донесен од Министерството за правда.

Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска на денешната рече дека Одлуката е донесена со мнозинство гласови и дека ќе биде објавена во Службен весник.

„Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува“, појасни Беловска.

Уставниот суд на почетокот на јули со времена мерка го стопираше упатството за издавање на лични документи со графата за етничка припадност.

Со тоа Управата за матични книги требаше да запре да издава извод на родени во кој ќе биде впишана графата националност се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали е тоа уставно или не. По донесувањето на оваа таа одлука, министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.

Азербејџан го уапси поранешниот премиер на де факто владата на Нагорно Карабах

Фотографија на Државната гранична служба на Азербејџан на која се гледа дека Рубен Варданијан е приведен од азербејџанските власти.

Граничната полиција на Азербејџан на 27 септември објави дека го уапсила милијардерот Рубен Варданијан, поранешен руски државјанин со ерменско потекло, кој беше премиер на де факто владата на сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах.

Вардинијан беше премиер помалку од три месеци пред да се повлече во февруари.

Според граничната полиција на Азербејџан, Варданијан бил уапсен додека бегал од Нагорно Карабах, кој сега е целосно контролиран од Азербејџан, заедно со илјадници етнички Ерменци. Варданијан преку коридорот Лачин одел во Ерменија. Тој е префрлен во Баку, се вели во соопштението.

Сопругата на Варданијан, Вероника Зонабенд, го потврди притворот на нејзиниот сопруг.

„Азербејџанските власти го уапсија мојот сопруг Рубен Варданијан на границата додека се обидуваше да мине утрово, заедно со илјадници Ерменци кои бегаат од азербејџанската окупација“, се вели во соопштението на Зонабенд објавено од канцеларијата на Варданијан.

Додека ја преминуваа границата во вторникот на 26 септември, илјадници етнички Ерменци беа подложени на ригорозни проверки од страна на граничната контрола на Азербејџан.

Азербејџанските власти тврдеа дека бараат осомничени за „воени злосторства“, а владин извор изјави за новинската агенција Франс прес дека земјата има намера да спроведе „амнестија за ерменските борци кои го положија оружјето во Карабах“.

„Но, оние кои извршија воени злосторства за време на војните во Карабах мора да ни бидат предадени“, велат тие.

Нагорно-Карабах е признаен како дел од Азербејџан и е под контрола на етничките Ерменци веќе три децении.

Стравувањата од обновено насилство се појавија кога Азербејџан ја блокираше виталната рута кон енклавата во декември 2022 година.

Варданијан јавно се откажа од руското државјанство во септември 2022 година и рече дека донел одлука да се пресели во Нагорно-Карабах со разбирање за сите ризици со кои би можел да се соочи.

Егзодус на етничките Ерменци од Нагорно Карабах
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Тој тогаш рече дека по ерменско-азербејџанската војна во 2020 година за Нагорно-Карабах, што резултираше со тоа што Баку ја врати контролата врз големи делови од спорниот регион и седум соседни области, „Ерменците ширум светот“ мора да бидат со Нагорно-Карабах.

Минатата недела, азербејџанските сили започнаа молскавична офанзива, совладувајќи ги силите на Нагорно-Карабах и преземајќи контрола, испраќајќи десетици илјади етнички Ерменци кои избегаа од регионот во Ерменија.

Варданијан е роден во главниот град на Ерменија, Ереван, во 1968 година. Тој е поранешен главен извршен директор на руската инвестициска банка Тројка Дијалог, која беше купена од Сбербанк во 2011 година.

Магазинот Форбс го процени имотот на Варданијан на 1 милијарда долари во 2021 година. Форбс го нарече Варданијан еден од „основачите“ на руската берза.

Рама бара ЕУ да излезе со нова изјава за дијалогот меѓу Косово и Србија

Serbia Albania

Албанија се спротивстави на изјавата на шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ) Џозеф Борел за дијалогот меѓу Косово и Србија и побара блокот да излезе со ново соопштение.

Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката конференција со италијанскиот потпретседател Антонио Тајани рече дека ЕУ треба да излезе со нова изјава по настаните во Бањска, каде што еден косовски полицаец и тројца осомничени напаѓачи беа убиени како резултат на напад на вооружена група.

„Албанија за прв пат во последните 10 години се спротивставува на декларацијата за надворешната политика на Европската унија. Овој став е поврзан со фактот што изјавата на ЕУ (од 19 септември) е изјава која нема проблем во сама по себе, бидејќи зборува за се што претходно кажа Борел за обврските на Косово во однос на дијалогот. Но има голем проблем кој не соодветствува со реалноста од последните денови. Невозможно е да се биде на иста страна со ЕУ, без да се види уште една изјава која се занимава со проблемот од последните денови. полицаецот на Република Косово е убиен од криминална група која очигледно била вмешана во терор на северот на Косово, а потоа во Белград следеше ден на национална жалост. За нас тоа е неприфатливо, неоправдано и за осуда“, рече Рама.

Тој посочи дека ова е најлошиот сигнал што Србија може да го даде во овој момент за целиот регион и Европа.

Рама се осврна на изјавата на Борел од 19 септември, во која се наведува дека европскиот блок бара од Косово и Србија „без одлагање“ да започнат со спроведување на Договорот во насока на нормализирање на односите.

Страните го постигнаа овој договор на почетокот на годинава. Овој договор од 11 члена, меѓу другото, предвидува ниво на самоуправа од страна на српската заедница во Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а од Приштина и Белград се бара да ги спроведат и сите претходни договори за дијалог.

Албанскиот премиер рече и дека бара од меѓународната заедница јасен одговор до Србија.

„Баравме Европската унија, целата евроатлантска заедница да го подигне алармот на највисоко ниво и да ги искористи сите достапни инструменти за да ја испрати вистинската порака (на Србија)“, рече тој.

Рама нагласи дека додека не има уште една најава од ЕУ за донесување правична пресуда за последните денови, „нема да се согласиме со првата изјава“.

Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајанил побара поддршка за изјавата на шефот на ЕУ Жозеп Борел од 19 септември за продолжување на дијалогот.

„Ги повикавме сите да се видат себеси во изјавата на Борел од 19 септември, повикувајќи ги во исто време да работат за мир и да престанат со секоја воена активност и насилство во тој регион бидејќи насилството раѓа насилство, а дијалогот раѓа дијалог. Ние ќе продолжиме да правиме се што е во наша моќ да продолжи дијалогот, а насилството на екстремистичките групи да го замениме со дипломатија“, нагласи тој.

Министерот за надворешни работи Тајани, исто така, рече дека Италија е подготвена да го процени додавањето на војници во мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, со цел да се избегнат нови инциденти.

На 24 септември, косовската полиција беше нападната од маскирана и вооружена група додека полицијата се обидуваше да ги отстрани барикадите што беа поставени на патот во селото Бањска во Звечани – една од четирите густо населени општини во северна Србија.

Вооружената група потоа се засолни во манастирот Бањска, од каде во текот на неделата се судри со полицијата.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија остро го осудија нападот и побараа одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.

Опозицијата во Србија бара реакција од парламентот за настаните на Косово

Српскиот Парламент. (Архивска фотографија.)

Дел од опозицијата во Србија бара од републичкиот парламент реакција по настаните на Косово – формирање анкетна комисија и итно закажување специјална седница на Народното собрание.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица во близина на селото Бањска, во општината Звечан на северот на Косово. Во конфликтот загинаа еден полицаец и тројца српски напаѓачи.

Пратеничката група на опозициската Демократска партија (ДС) на 27 септември поднесе барање до Собранието на Србија за формирање на Анкетна комисија која ќе ги утврди сите детали поврзани со случајот.

Пратеникот на ДС, Срѓан Миливојевиќ за агенцијата Бета изјави дека Анкетната комисија ќе треба да ја утврди и „улогата на потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, во тие настани“.

„Како Милан Радоичиќ, во име на Република Србија, имаше улога во формирањето на неформални структури на моќ? Дали учествуваше во формирањето на криминална организација“, праша Миливојевиќ.

Групата која ја нападна косовската полиција, како што тврди официјална Приштина, ја предводел потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ.

Приштина овие тврдења ги темели на видео снимки снимени со дрон во неделата, кои ги објави косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља, тврдејќи дека на нив се гледа Радоичиќ.

Во Србија на овие тврдења реагираше само министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ кој изјави дека видеото „очигледно“ не е направено на денот на нападот на северот на Косово.

Исто така, на 27 септември десничарските опозициски партии во Србија побараа итно закажување специјална седница поради „драматичната ситуација“ на Косово, пренесува Данас.

Својата иницијатива ја оправдуваат со тврдење дека политиката на претседателот на Србија на Косово е колабирана по последните трагични настани.

Косовските власти ја обвинуваат државата Србија дека е одговорна за нападот, што Белград го негира.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на Курти (косовскиот премиер Аљбин Курти).

Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, соопштија дипломатски извори на Радио Слободна Европа (РСЕ), без да го прецизираат бројот на инволвирани земји.

Следните чекори на ЕУ по завршувањето на истрагата за нападот на Косово

портпаролот на Европската унија Петер Стано.

По утврдувањето на сите околности и факти за нападот во селото Бањска, земјите-членки можат да донесат одлука за следните чекори, изјави портпаролот на Европската унија Петер Стано.

„Сега имаме важна промена во ситуацијата по терористичките напади во неделата на северот на Косово“, рече портпаролот на Брисел, посочувајќи дека мерки може да се применат и за Србија доколку и кога земјите-членки (ЕУ) одлучат дека е моментот да се применат.

Сепак, Стано наведува дека е потребна целосна истрага на сите настани за ЕУ да излезе со став во врска со овој напад.

„За нас е важно истрагата да биде спроведена и завршена, а кога ќе имаме целосна и јасна слика од истрагата: што се случило, кој стои зад тоа и кој е одговорен, тогаш ќе ги донесеме потребните одлуки или последици од ова“, рече Стано.

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија во вторникот разговарале за можни мерки против Србија во случај да се утврди поврзаноста на земјата со нападот што се случи во селото Бањска на северот на Косово.

На 24 септември група вооружени и маскирани лица ја нападнаа косовската полиција и во таа прилика беше убиен еден полицаец.

Групата потоа се засолни во манастирот Бањска, од каде продолжи со нападите врз полицијата. За време на операцијата беа убиени тројца напаѓачи. Осуммина беа уапсени и обвинети за тероризам, постапување против уставниот поредок и безбедноста на Косово.

Косовската полиција откри арсенал оружје од различен калибар, автомобили, униформи и други предмети планирани за напад во областа Бањска.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на косовскиот премиер Аљбин Курти.

Вучиќ негираше дека Белград има некаква врска со нападот.

Лидерите на косовската опозиција се сретнаа со Османи за нападот во Бањска

Зградата на Собранието на Косово, во која се сместени и канцелариите на Претседателството. (Архивска фотографија)

Лидерите на опозициските партии во Косово се сретнаа со претседателката Вјоса Османи и со директорот на Косовската разузнавачка агенција (КИА) Петрит Ајети, по нападот врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику изјави дека на средбата бил информиран за безбедносната состојба на Косово, по нападот во кој загинаа полицискиот наредник Африм Буњаку и тројца напаѓачи од српска националност.

„Ја изразив благодарноста на Демократскиот сојуз на Косово до сите во службата. Ја изразив и неопходноста од национално единство пред предизвиците што можат да дојдат од Србија, како држава на покровителство и засолниште на терористите“, напиша Абдижику на Фејсбук.

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, по средбата изјави за новинарите дека е важно да се разговара во такви безбедносни ситуации „бидејќи безбедносниот ризик сè уште постои“.

Тој рече дека треба да се покрене меѓународна истрага за настаните од 24 септември, бидејќи овој случај, според него, е „чист тероризам“, обвинувајќи ја Србија дека стои зад него.

„Србија не крие дека ја спонзорира, тренира и дава инструкции на оваа терористичка група. Бидејќи е така, интересот на Америка и ЕУ е да спроведат истрага и да докажат дека Србија стои зад овој напад - иако е тоа видено и познато во целиот свет - но да го истражат меѓународни истражители, со можност за суд“, рече тој.

Лидерот на најголемиот опозициски субјект, Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи во текот на денот ќе се сретне со Османи.

Косово ја обвинува Србија дека е одговорна за нападот во Бањска, што Белград го негира.

На 26 септември, косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља објави видео снимено од дрон за кое тврди дека на него се гледа вооружениот Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, која како најголема српска партија на Косово има поддршка на Белград, стоејќи во манастирската бања со група вооружени луѓе во униформа.

Свечља на 27 септември рече дека еден од напаѓачите убиени во Бањска, Бојан Мијаиловиќ, бил телохранител на шефот на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА), Александар Вулин, за време на неговата последна посета на Косово во 2013 година.

САД и Европската унија остро го осудија нападот и побараа одговорните да се соочат со правдата.

Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа, без да го прецизираат бројот на инволвирани земји.

Северна Кореја ќе го депортира американскиот војник кој побегна преку граница

американскиот војник Тревис Кинг.

Северна Кореја соопшти дека ќе го депортира американскиот војник Тревис Кинг, кој во јули побегна преку границата од Јужна Кореја.

Пјонгјанг ќе го депортира Кинг откако ќе ја заврши истрагата за „нелегалниот“ влез, објави државната новинска агенција КЦНА. Не е прецизирано како, кога и каде ќе биде транспортиран војникот Кинг, ниту каква е неговата здравствена состојба.

Објавата доаѓа еден месец откако Северна Кореја призна дека го привела.

Според КЦНА, пренесува Би-Би-Си, 23-годишникот признал дека илегално преминал во Северна Кореја „поради нехуман третман во американската војска, расизам и разочарување од нееднаквото американско општество“.

„Надлежниот орган во Демократска Народна Република Кореја одлучи да го депортира американскиот војник Тревис Кинг, кој илегално влегол на територијата на републиката, во согласност со законите на републиката“, се вели во соопштението.

Кинг, кој е во војска од јануари 2021 година, не е виден откако преминал во Северна Кореја.

Тој беше во Јужна Кореја како дел од редовна воена ротација и требаше да биде испратен дома во САД за да биде дисциплиниран, откако помина два месеци во притвор во Јужна Кореја поради обвиненија за напад.

Кинг бил на обиколка со водич низ Демилитаризираната зона (ДМЗ), која ги дели двете Кореи, кога ја напуштил групата и побегнал преку границата.

Двете земји технички сè уште се во војна по завршувањето на Корејската војна со примирје во 1950-тите. Десетици илјади американски војници останаа во јужниот дел на полуостровот.

Во последниве години, голем број американски државјани кои илегално влегле во Северна Кореја, со исклучок на оние кои биле осудени за криминални активности таму, се ослободени во рок од шест месеци.

Некои беа пренесени дома преку Пекинг. Меѓу нив се и мисионерот Роберт Парк, кој беше ослободен во 2010 година, откако беше притворен повеќе од еден месец, како и американскиот ветеран од Корејската војна Мерил Њуман.

СПЦ изрази сочувство до албанските и српските семејства

Поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, февруари 2021 година.

Српската православна црква (СПЦ) изрази „најдлабоко сочувство“ до семејствата на Србите и Албанците убиени во нападот врз косовската полиција на северот на земјата.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово. Загина полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

Групата која ја нападна полицијата подоцна се засолни во манастирот Бањска од каде продолжи со нападите врз полицијата.

Во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив биле уапсени. Ден подоцна, на 25 септември, во Бањска беа уапсени уште двајца. Тие се товарат за тероризам, дејствување против уставниот поредок и безбедноста на Косово.

„Со жалење констатираме дека многумина од Приштина и светот, но што е многу потрагично, и од Белград, од различни идеолошки полови, без да изберат средства, се обидуваат да ја прикажат СПЦ како учесник, дури и како виновник за конфликтите и трагичните настани“, напиша СПЦ во соопштение објавено на 27 септември.

Во соопштението се вели дека СПЦ секогаш се залагала недоразбирањата во Косово „да се решаваат по мирен пат и преку дијалог, со цел мирен соживот на Србите, Албанците и сите други народи кои живеат во областа“.

Косовската полиција на 26 септември попладнето заврши со претреси во куќи и згради во и околу звечанското село Бањска.

Косовските власти ја обвинија Србија дека е одговорна за нападот врз полицијата.

На 26 септември, косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља објави видео во кое тврди дека на него се гледа дека потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, бил меѓу униформираните вооружени лица кои се судриле со косовската полиција во манастирот Бањска.

Радоичиќ е потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која има поддршка од Белград. Тој е и на црната листа на САД поради корупција и меѓународен криминал, додека косовските власти го поврзуваат со убиството на Оливер Ивановиќ, српски опозициски политичар во Косово.

По него во Косово е распишана потерница за „заплашување сведоци“ во случајот „Брезовица“ кој се однесува на корупција и нелегално градење.

Косовскиот министер за полиција рече дека секојдневно се утврдува оти српскиот претседател Александар Вучиќ преку Српската листа и потпретседателот на оваа партија Милан Радоичиќ „презеле терористичка акција против правниот и уставниот поредок на Република Косово“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на косовскиот премиер Албин Курти.

Вучиќ негираше дека Белград има некаква врска со нападот.

Уставен суд го поништи Упатството за водење на матични книги

Архива - Министерот за правда Кренар Лога за иницијативите до Уставен суд за ненавременети објави во Службен Весник

Уставниот суд на денешната седница донесе Одлука да го поништи Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи.

Одлуката доаѓа откако претходно, на 29 мај годинава Министерството за правда донесе упатство за водење на матичните книги со кое е предвидено во изводите од матичните книги да има и графа за етничката припадност, односно националност.

Со денешната одлука на Уставниот суд исто така се поништува издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, акт донесен од Министерството за правда.

Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска на денешната рече дека Одлуката е донесена со мнозинство гласови и дека ќе биде објавена во Службен весник.

„Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува“, појасни Беловска.

Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не бил испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова упатство.

Уставниот суд на почетокот на јули со времена мерка го стопираше упатството за издавање на лични документи со графата за етничка припадност.

Со тоа Управата за матични книги требаше да запре да издава извод на родени во кој ќе биде впишана графата националност се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали е тоа уставно или не. По донесувањето на оваа таа одлука, министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG