Достапни линкови

Европа без роаминг, Македонија на Вибер


ЕУ го укина роамингот, но во Македонија разговорите кон странски мрежи и во роаминг преставуваат незначителен дел од вкупниот сообраќај, оти најверојатно за комуникации со странство граѓаните користат интернет апликации, како Вибер, Вац-ап, Скајп.

Европската комисија цели осум години се бореше со телефонските оператори за укинување на роаминг трошокот.

Македонските институции уште пред неколку години побараа ЕУ да нè земе предвид за укинување на роамингот, но тоа не се случи. Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Сашо Димитријоски, во разговор за Радио слободна Европа, вели дека и пред неколку денови пак побарале, но не се надева дека ќе има позитивен одговор. Тој вели дека приказната со укинувањето на роамингот во ЕУ има повеќе страни. Од една страна операторите мора да си ги надоместат трошоците, а од друга страна граѓаните се револтирани, оти ќе плаќаат повеќе.

„Дополнително ќе има разврска на сето ова, во секој случај идејата е убава, но секогаш треба да имаме предвид дека од другата страна стојат економските оператори, кои имаат свои бизнис модели и нема така лесно да се откажат од приходите коишто ги имале. Но нема така лесно да ги прифатат и дополнителните трошоци коишто им се наметнуваа, а ќе нема сега веќе како да ги компензираат, освен со подигнување на цените. Ние ќе следиме како ќе се одвиваат работите и какво ќе биде искуството од овие држави“, вели Димитријоски.

Поевтин роаминг со балканските земји

На иницијатива на АЕК пред неколку години беше склучен договор за намалување на роаминг услугите со балканските земји. Секоја година сукцесивно се намалува дел од цената, а следното намалување треба да настапи на 1 јули. Роамингот со Србија, Црна Гора и БиХ, и преку Телеком и преку Она/ВИП чини 17 денари минута, дојдовен повик е 5 денари, а порака речиси 6 денари.

Роаминг услугите за останатите земји се доста висока.

Според извештајот на Агенцијата за електронски комуникации, роамингот е само мал дел од сообраќајот. Од вкупниот број минути разговор, само 0,3 отсто биле кон странски мрежи, а незначителни 0,1 отсто биле направени во роаминг. Граѓаните во Македонија, очигледно за комуникации со странство користат интернет апликации, како Вибер, Вац-ап, Скајп. Според податоците на Државниот завод за статистика, граѓаните најчесто го користат интернетот за пристап до социјални мрежи (околу 82 отсто), а околу 75 проценти телефонираат преку интернет.

Димитријоски вели интернет сервисите за комуникација се одразуваат многу на профитот на мобилните оператори и во моментов ова е, како што вели, најжешката тема во светските телекомуникациски кругови.

„Операторите во последно време се обидуваат повторно да се дискутира за оваа тема , на некој начин да се видоизмени тој „нет-неутралити“, затоа што овие сервиси им нанесуваат навистина финансиски проблеми. Се дискутира од различни аспекти, едниот е дека операторите требало на време да се адаптираат на новите услови, но од друга страна овие апликации бараат добри мрежи, добра интернет конекција во секоја точка во државата за да ги имате овие можности, а знаеме кој ги гради тие мрежи сепак операторите се тие што треба да инвестираат, доаѓаат и нови технологии“, вели тој.

Колку жители, толку мобилни

Во земјава има над два милиони регистрирани претплатници, речиси колку што има жители. Половина од нив се при-пејд корисници, односно си надополнуваат кредит, а околу 700 илјади плаќаат сметка. Околу 260 илјади се бизнис пост-пејд корисници.

Корисничкиот колач кај мобилните оператори го делат речиси по половина Македонски телеком и ОНЕ/ВИП, а сосема мал дел, нешто над 1 процент припаѓа на Лајкамобајл, виртуелен оператор кој започна да ги нуди своите услуги на пазарот од третиот квартал минатата година.

Граѓаните кои ги анкетиравме во центарот на Скопје, велат дека операторите треба побрзо да реагираат кога до нив е пријавен некој проблем, дека треба и луѓето да бидат рационални во користењето на услугите, а тие кои се задоволни со години користат ист оператор.

ЕУ без роаминг, Македонија без добра мрежа
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:34 0:00

„Македонски телеком“ и „Т-мобиле Македонија“ пред две години и официјално стана една компанија, малку подоцна се споија и вториот и третиот мобилен оператор Оне и Вип, со што се намали изборот за граѓаните. Можеби цените на пакетите не се покачени, но сега се нудат помалку импулси и помалку мегабајти за истите пари, што всушност значи поскапување на услугата.

Директорот на АЕК за наесен најавува влез на уште неколку виртуелни мобилни оператори.

Поплаки за цените, мрежата, телефоните

На официјалните фејсбук профили на мобилните оператори не ретко може да се прочитаат постови на незадоволни корисници.

„Не е лошо малку да се намалат цените, посебно за нас кои сме од самиот почеток.“

„Овој проблем не е од „невремето“, и вчера имаше проблеми. За секој проблем телефоните ги исклучувате и не можат корисниците да се пожалат. “

„Место со стикери да се позанимавате малку со квалитетот на вашата услуга, бидејќи во моментов сте КАТАСТРОФА.“

„Додека не ги сменам броевите, барајте ме на ФБ или слично, или некој побрз и посигурен начин на комуникација на ПРИМЕР ГУЛАБ ПИСМОНОСЕЦ ИЛИ ТЕЛЕГРАМА! Подобро ќе се разбереме у секој случај.“

„Има високи цени на услугите и сега кога се два оператори речиси и да нема конкуренција. Кога беа три оператори беше поевтино. Да не зборувам за квалитетот на услугите. Од ВИП нема мрежа на Водно, а често бев недостапна и во Бутел, каде што живеам, без никаква причина снемуваше мрежа“, се само дел од поплаките на граѓаните.

Најчест проблем за кој корисниците се пожалиле до Организацијата на потрошувачи е неисправноста на техничките апарати. Во овој домен предничат проблемите со сервисирањето и гаранцијата на мобилните телефони. Во првиот квартал од 2017, а слични се и податоците за цела 2016, според извештајот на Организацијата во делот на јавните услуги предничат поплаките за телекомуникациските услуги. Потрошувачите пријавувале проблеми со функционирањето на СИМ картичките, често губење на мрежата и намалување на вредноста на пакетот кој го имаат по спојувањето на два телекомуникациски оператори.

Иво Костовски, правник во Организацијата на потрошувачи, вели дека доколку се работи за мобилни телефони ги советуваат потрошувачите да се обратат до местото каде е купен мобилниот и да видат дали може да се реши проблемот. Од Организацијата им ги кажуваат правата кои ги имаат потрошувачите.

„Тие имаат право во рок од 30 дена откако е даден на сервисирање, тој да биде сервисиран и да не се сервисира повеќе од три пати истиот производ“, вели Костовски.

Освен до Организацијата на потрошувачи, за овие проблеми потрошувачите може да се обратат и до Државниот пазарен инспекторат.

Што се однесува до телекомуникациските услуги, доколку корисниците не се задоволни од одговорите од операторите, може да се обратат до Агенцијата за електронски комуникации. Костовски вели дека граѓаните се консултираат со нив за цело време на водење на постапката.

„Им помагаме, особено на постари луѓе и на луѓе со понизок степен на образование да ги пополнат поднесоците, ако не се сами способни да го направат тоа, може да оди и преки нас. Позитивно е тоа што се зголемува бројот на позитивно решеи случаи“, вели тој.

Димитријоски вели дека до АЕК пристигнале 570 поплаки, половина за Телеком, половина за Оне/ВИП. Најчестите поплаки биле за услугите мобилен говор, мобилен интернет и фиксен интернет.

Владата планира привлекување на трет мобилен оператор

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Мачевски вели дека Министерството и Владата планираат активности за привлекување на трет мрежен мобилен оператор.

„Нешто што го имавме, но со спојувањето на Вип и Оне, сега сме сведени на ситуација да имаме само два оператори. Тоа доведе до покачување на цените на услугите кои ги плаќаат граѓаните. И затоа апсолутно се појавува потребата повторно да направиме напори за привлекување на трет мобилен оператор во Македонија“, вели министерот Манчевски.

Што се однесува до интернетот, тој вели дека загрижува малата пенетрација на широкопојасниот интернет. На овој план Македонија во минатото имаше подобри резултати, но сега се забележува стагнација, вели Манчевски.

„Во соработка со сите надлежни институции, пред се со образовните институции, како и самото министерство со локалните власти исто така, ќе работиме на пенетрацијата на широкопојасниот интернет, особено во руралните средини, каде ќе ни треба комуникација со сите оператори“, вели тој.

Податоците на АЕК, кои се однесуваат на четвртиот квартал од 2016 покажуваат дека има 381.531 претплатници на пристап до интернет со широк опсег (не се вклучени претплатници преку мобилни мрежи), а 1.189.188 претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G).

Трошоците за роаминг, минато во ЕУ

„Укинувањето на роамингот е вистинска приказна за европскиот успех“. Вака, меѓу другото политичарите во Европа го обелоденија укинувањето на плаќањето на услугите за комуникација преку мобилните оператори меѓу земјите членки на Европската унија. Некои, пак, велат дека сè уште има многу да се работи за да се избегнат сите дупки и замки во новата регулатива.

Гоце Атанасов.

„Европската унија ќе ги зближи луѓето и ќе им ги олесни нивните животи“, задоволно порачаа лидерите на Европската унија, најавувајќи го, како што оценија, еден од најопипливите успеси на Унијата. Од 15 јуни годинава граѓаните кои патуваат во Унијата можат да се јавуваат, да испраќаат текстови и да ги поврзуваат своите мобилни апарати на интернет по исти цени кои ги плаќаат дома. Граѓаните се задоволни од елиминирањето на ваквиот трошок. Досега, кога тие би минале некоја граница на Унијата, било за одмор, работа или студирање макар и на еден ден, мораа да се грижат за користењето на телефоните и големите сметки поради роаминг услугите.

Чарли Вајлд музичар од Шкотска вели:

„Мислам дека е извонредно. Бев во Европа на две недели трошејќи три фунти на ден за да можам да го користам мојот телефон“, вели тој.

Задоволството не го кријат ни Герхард Шроер и Алиса Бесе од Германија:

„Мислам дека целата работа е навистина добра. Време е тие да не ослободат од плаќањето во странство. Така би требало да биде“.

„Лично мислам дека тоа е добро, бидејќи ви дава поголема флексибилност. Кога си во странство за работа или да ги видиш пријателите тогаш нема да плаќаш, па е попрактично“, велат тие.

Лина Ехриг од германската Федерација на потрошувачи, оценувајќи дека станува збор за голем и важен потег вели:

„Ние се движиме кон вистински европски единствен пазар. Секако ќе ја продолжиме нашата работа во оваа област, особено во врска со меѓународните повици. Сметаме дека повиците, на пример од Германија за Шпанија, исто така, мора да бидат регулирани. Но, ние сме многу среќни и ќе надгледуваме како ќе се развиваат тарифите, како провајдерите ќе ја спроведуваат новата регулатива и дали ги почитуваат лимитите на податоци“, вели таа.

Имено, предвидените правила за таканаречено „фер користење“ сè уште им дозволуваат на телефонските компании да воведуваат дополнителни трошоци доколку клиентот троши повеќе од она што тие го имаат поставено за лимит. Од друга страна, земјите од југот на Европа, каде што туризмот е витален за нивните економии, се загрижени дека ако цените на телефонските услуги наголемо станат прениски, тогаш нивните оператори би можело да ги зголемат домашните цени за да си ги покријат трошоците. Некои експерти, пак, укажуваат и на можните дупки во законот кои би можело да претставуваат замка и за потрошувачите и за операторите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG