Достапни линкови

Може ли ВМРО-ДПМНЕ да се реформира со истиот лидер?


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски

Реформи во ВМРО-ДПМНЕ без промена на раководството се пукање во празно, велат дел аналитичари. Ако политиките биле погешни, требало и досега да ги сменат, велат тие.

Без промени во раководството, најавите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ се повик во празно, велат експертите, коментирајќи ги чекорите кои ги најави претседателот на партијата Никола Груески и додаваат дека тоа треба да се гледа во контекст на политичката волја за спроведување на промените. Ставот на Груевски дека е потребно подобрување на односите со дел од меѓународната заедница во насока на заеднички цели и интереси, но и формирање на автентична политика кон помалите етнички заедници, вклучувајќи ги и Албанците, според професор Никола Дујовски не придонесува за подобрување на состојбите.

Тој вели дека кога од власт треба да се замине во опозиција, прво што се поставува како прашање е одговорноста на лидерот и неговите најблиски соработници за изборниот пораз и додава дека оттука треба да почнат промените во партијата.

Во однос на политиката што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја водат кон Албанците, секој позитивен сигнал е за поздравување, вели Дујовски, оценувајќи дека на земјата и е неопходна интеграција.

Меѓутоа, тој се сомнева дека Груевски и неговите најблиски соработници кои ја доведоа партијата во опозиција може да ги предводат тие промени.

„Видовме дека Албанците се фактор во државата и тие може да одлучат кој ќе биде власт, а кој ќе биде во опозиција. Дали на време ВМРО-ДПМНЕ се свести дека мора да работат во партнерски однос со Албанците не сум сигурен. Тие имаа албански партнер за цело време од владеењето, но не успеаја да покренат некои значајни процеси кои се значајани за луѓето Албанци во Македонија. Сметам дека ова се чекори кои треба да следуваат откако во партијата ќе има промени“, изјави Дујовски.

Аналитичарот Алајдин Демири вели дека се знае дека ВМРО-ДПМНЕ ги блокирала реформите и додава дека треба да дојде до промени во врвот на партијата поради развој на процесите.

„По 11 години владеење, цинично е кога Груевски вреднува дека имал погрешна политика кон Албанците и кон странските фактори. Ако е искрен, а не е, туку е циничен, мислам дека треба да си поднесе оставка. Затоа што вака неуспешна политика со која сам се идентификува е неодржлива. Но, тој не мисли да поднесе оставка, а да се реформира партијата“, изјави Демири.

Експертите укажуваат дека и СДСМ која по 10 години опозиција е на власт следната работа на која не треба да заборави и која е значајна, треба да бидат обврските кои ги преземаат со нивните коалициски партнери во власта.

„СДСМ можеби во изминатите неколку денови почнува да наликува на партија која се затвора во себе. Тие Владата ја составија благодарение на партнерите од албанскиот блок и мора да бидат отворени за нив. Слушнавме во изминатите денови, претседателот Заев не успеа докрај јасно да одговори каква ќе биде нивната политика кон нивните партнери“, вели Дујовски.

Тој посочува дека е добро што СДСМ навреме ги завршиле процедуралните прашања околу зголемувањето на бројот на потпретседатели на партијата и изборот на нов извршен одбор.

Според него, тоа значи дека СДСМ сериозно може да почне да работи на терен во смисла на подготовка на наредните локални избори, но и на партиската инфраструктура зашто по 11 години опозиција тие конечно имаат шанса да бидат на власт.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG