Достапни линкови

Тајните служби треба да се „проветрат“ темелно


Премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков

Реформи во тајните служби се потребни, но само со промена на директорите не се решава многу. Познавачите предлагаат прво да се обнови кадровскиот состав на службите и да се донесат нови закони.

Освен промени на директорите, ќе мора да се преземат системски и темелни промени во тајните служби, велат експертите, кои додаваат дека само тогаш може да се зборува дека службите за безбедност ќе бидат во функција на заштита и за предупредување од можни закани за безбедноста и одбраната.

Поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров, вели дека реформите треба да се направат што побрзо и нагласува дека перспективите за професионални безбедносни служби ќе се постигнат само со нивна деполитизација и департизација. Како што наведува, чекорите треба да бидат смели и храбри за да дадат брзи резултати во етаблирањето на службата и додава дека е важно да има промени во методологија на работа и во кадровската политика.

„Извештајот на Прибе ги отсликува реалните потреби на Македонија во безбедносниот сектор. Околу безбедносниот сектор мора да направиме национална стратегија во која нема да зафаќаат политички поени од преземени чекори од една или друга партија. Само во таква ситуција се можни суштински промени. Самите смени на првите луѓе на управите не би можело да донесат резултати, затоа што немаме долг временски рок за да може комотно да работиме. Десет години наназад имаше наводно терористички акти за кои немаме сознанија дали се вистински или не“, вели Пивоваров.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, вели дека треба да се направат крупни реформи, но прво и основно е да се донесе закон со кој ќе се обнови кадровскиот состав на УБК и на другите служби.

„Тоа значи дека треба кадровски реформи. Се она што не ги исполнува условите од аспект на безбедност, здравствени и други критериуми, инволвираност во корупција и криминал. Сите оние што упаднаа во Парламентот на 27 април, сето тоа треба да се отстрани и да се прочистат овие служби. Генерално треба да поминат сите повторно преку филтер за тоа кој може да остане во службата за безбедност, а кој да биде распореден на други работни места“, вели Трајанов.

Пивоваров наведува дека е потребно е да се донесат и нови закони. Тој вели дека со Законот за лустарција на луѓето им се одземени оперативните врски, укажувајќи дека поради отворањето на досиеата на соработниците веќе никој не сака да работи. Тој потсетува дека и во 1999 година тогашната министерка Доста Димова ги отвори досиеата и нагласува дека сето тоа ја отежнува работата на безбедносните служби.

„А тоа е нивна основна алатка за работа. Тука е првиот момент каде мора да донесеме закони. На пример во Германија, Законот за пристап до лични информации вели дека по 70 години од смртта на соработникот за потребите на архивот, државата или на семејството тие може да бидат отворени“, вели Пивоваров.

Според него, тоа дава силна гаранција дека соработниците како основна алатка за прибирање информации за безбедносните појави нема да бидат достапни на јавноста и некоја политичка партија во некој временски рок да може да го злоупотребува како што тоа се случи во Македонија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG