Достапни линкови

Пораки од ЕУ и НАТО - реформите и името клучни за Македонија


По денешните средби на премиерот Зоран Заев во Брисел со челните луѓе на ЕУ и на НАТО, пораките кои беа испратени се дека Македонија мора да ги исполни потребните реформи и да најде заедничко прифатливо решение за името со Грција, доколку сака напредок во евроатланската интеграција.

Спроведување на реформите и изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за спорот со името меѓу Македонија и Грција, се клучните пораки од денешните средби на премиерот Зоран Заев со челните луѓе на ЕУ и НАТО во Брисел. Заев по средбата со еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан изјави дека Владата има намера да ја придвижи Македонија на патот кон ЕУ, со цел целосна нејзина интеграција во европскиот блок, согласно чекорите кои претстојат преку вклучување на сите чинители кои може да помогнат во процесот.

Хан изјави дека за Македонија е важно сега да се посвети на итните реформски приоритети со што ќе покаже одржлив напредок во процесот. Според него, потребно е и да се најде решение за името со Грција за кое, како што рече, сега има взаемно разбирање и мора да се најде начин како да се оствари напредок по прашањето.

„Сега има взаемно разбирање дека треба да имаме прогрес во ова прашање, за да биде релевантно за иднината и да увезуваме стабилност. Треба да се најде заедничко решение, но ако влегуваме со отворен ум во разговорите и ако се има волја, тоа е можно. Секогаш има начин за да се придвижат работите и на тоа мора да работиме. Мора да се најде решение прифатливо за сите“, рече Хан.

Тој изрази уверување дека сега има нов импулс и дека може да се искористи ситуацијата за да се постигне компромис.

Заев порача дека повеќе ќе се занимаваат со европската иднина на Македонија, отколку со минатото. Грција, како што истакна, може да биде голем пријател, кој ќе застане зад Македонија во интерграцијата во ЕУ.

„Можеме од Грција во најмала рака да очекуваме поголем позитивен амбиент во разговорите за ова чувствително прашање. На Македонија и треба поддршка од соседите и посебно од Грција и ние ќе водиме грижа земјата да ни помогне во интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Заев.

На прашањето дали Македонија може да влезе во ЕУ под привремената референца, Хан договори дека во услови на отворање на преговори или поглавја со некоја земја, одлуката мора да биде донесена едногласно од сите земји членки и затоа мора да се најде решение за спорот со името. Тој најави и дека на 26 јуни ќе ја посети Македонија.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по средбата со Заев изјави дека по влезот на Црна Гора во Aлијансата јасно е дека вратата останува отворена за сите земји. Тој порача дека го поддржуваат патот на евроатланската интеграција на Македонија и ја истакна важноста од спроведување на реформите. Столтенберг истакна дека НАТО останува на истата позиција дека е потребно заедничко прифатливо решение за спорот со името и дека ја поздравува јасната порака од македонската влада дека ќе го интензивира дијалогот со Грција и ќе најде решение за спорот, како и јасната порака за реформите. На прашањето дали Македонија може да влезе под привремената референца, Столтенберг истакна дека тоа зависи од Македонија и Грција.

„Ние не сме експлицитни за каков вид на решение е потребно. Важно е дека тоа мора да биде взаемно прифатливо и се додека е нешто кое е прифатено од страна на Грција и се разбира од страна на Поранешната југословенска Република Македонија и тогаш процесот може да почне да се движи. Но не е до мене да диктирам или да се определам за точно каков вид на решение е потребно се додека тоа е взаемно прифатливо решение во рамките на ОН“, рече тој.

Заев изјави дека се надева оти по Црна Гора, Македонија ќе биде следната добра вест која ќе дојде од НАТО и дека се свесни оти спорот со името е пречка и порача дека се посветени на исполнување на реформите. Тој порача дека сите години додека е процесот блокиран станало јасно оти стоење во место предизвикува криза и дека ќе се обидат на сите начини да ја придвижат Макеоднија во процесите.

„Се надеваме барем со привремената референца да добиеме покана за влез од НАТО, а истовремено додека трае ратификацијата на договорот, околу две години паралелно да продолжат разговорите за Грција за изнаоѓање на решение за името“, порача Заев.

Во однос на евентуалното руско мешање во Макеоднија, Стотленберг истакна дека какво било мешање во внатрешните работи на некоја земја е неприфатливо и затоа е значајно воспоставувањето на силни демократски институции.

Заев, која ја предводи македонската делегација во Брисел претходно имеше средби и со претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG