Достапни линкови

Јовановска и Илијевска со изложбата „Круг и квадрат“ во Куманово


Круг и квадрат“, изложба на ликовните уметници Петра Јовановска и Валентина Илијевска, постер
Круг и квадрат“, изложба на ликовните уметници Петра Јовановска и Валентина Илијевска, постер

„Круг и квадрат“ е насловена заедничката изложба на ликовните уметници Петра Јовановска и Валентина Илијевска, што во периодот од 27 април до 10 мај, се одржува во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Станува збор за поставка со која авторките се обидуваат да ги претстават своите концепти и истражувања во рамките на современиот визуелен израз базиран на дигиталната технологија и геометризирана структура.

Триесеттина дела, работени во комбинирана техника со нагласена употреба на колаж, графика и дигитален принт, ја чинат изложбата „Круг и квадрат“ на ликовните уметници Петра Јовановска и Валентина Илијевска, што во периодот од 27 април до 10 мај, се одржува во НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово. Во каталогот за оваа поставка ќе биде забележано дека двете авторки „се обидуваат да ги претстават своите концепти и истражувања во рамките на современиот визуелен израз базиран на дигиталната технологија и геометризирана структура, движејќи се по скалата од симплифицирани решенија до сложено структуирани композиции“.

Говорејќи за идејата за заедничко претставување Валентина Илијевска вели дека тоа се случило по нејзината минатогодишна самостојна изложба „Малото девојче во светот со големи очекувања за човекот“ во Кинотека на Македонија, кога и пришла Петра Јовановска и несебично и признала дека и се бендисува нејзиното творештво што, во некоја рака, е реткост меѓу ликовните уметници. Таа дополнува дека биле изненадени од фактот што една за друга сметале дека се само сликарки, а нималку не очекувале дека го имаат сензибилитетот на графичарки. Така се решиле да потпишат еден заеднички проект, да се обидат да видат дали ќе се вклопат во истиот тој концепт.

„Се изненадивме како нашево творештво циркулира низ оние знаковни, низ оние симболични работи и предмети, низ метафизиката, за да го извлечеме она праисконско значење на уметноста и да го аплицираме на нашето творештво. Сакавме да го претставиме како светот помеѓу квадратот и кругот или уметноста помеѓу кругот и квадратот“, истакнува Илијевска.

Уметницата појаснува дека нивната изложба моментално е со нивните графички отпечатоци што тие ги комбинирале со цртежи за да оформат едно самосвојно ликовно уметничко дело.

„Уметноста не е онака буквално „сипи – напиј се!“, туку еден комплексен свет кадешто ние наоѓаме време и сили со тоа да се справиме. Циркулираме од еден свет во друг, но сепак се задржуваме на објективното за да може на публиката да и го претставиме она што таа не го гледа. Да и ги визуелизираме нештата што сме ги виделе.“

Јовановска, пак, ќе рече дека ја одбрала за соработка Илијевска затоа што сметала дека нејзините дела имаат многу допирни точки со творештвото што таа го создава, иако можеби на прва топка тоа и не наликува. Вели дека Валентина го употребува колажот во комбинација со графички техники, дека делови од графиката вметнува во композиции за да направи слика, нешто што во некоја рака е својствено и за неа самата.

„Кругот преовладува во моето творештво и тој значи бескрајност, нешто што нема почеток ниту крај. Тоа ме тера некако и понатаму да истражувам оваа тема без разлика со кои техники сакам да се изразам. На оваа изложба се користени оние техники кадешто има чисти композиции составени од кругот. Ги употребувам графичките техники линорез и сув печат во комбинација. Во некои дела предимство има колажот каде само делумно го вметнувам кругот. Со самата селекција на овие дела сакав да направам некое можеби подруго претставување и да има застапеност од моите поранешни различни циклуси – од моментот кадешто почнав и каде завршувам со истражувањето.“

Инаку, „Круг и квадрат“ на Петра Јовановска и е трета ваква изложба досега. Таа во 2014 година имаше заедничка поставка со еден од најпрестижните концептуални чешки автори Јиржи Кованда, а нешто предтоа и со нашиот Зоран Бошковски.

Кон ова само уште информацијата дека, по претставувањето во Куманово, изложбата на Илијевска и Јовановска патува во Струмица, во во НУ Центар за култура “Антон Панов“ и најверојатно во Пробиштип, а не е исклучено во догледно време да пристигне и во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG