Достапни линкови

Меркел: Европа мора сама да решава за својата судбина


Европа веќе не може да целосно да се потпира врз нејзините сојузници. Ова го изјави германската канцеларка Ангела Меркел. Со тоа таа, според оценките на новинските агенции, јасно укажа на модринките од самитите на Групата седум најразвиени земји и на НАТО во минатата недела.

Зборувајќи пред околу две илјади луѓе на изборен митинг во Минхен, Меркел ниту директно го спомна американскиот претседател Доналд Трамп, ниту пак меѓународните несогласувања околу трошоците за одбрана или за политиката за климатските промени.

Меѓутоа, Меркел индиректно ги спомна критиките од Трамп во врска со финансирањето на НАТО и борбата против глобалното затоплување:

„Времињата кога можевме директно да сметаме на другите се завршени во одредена мера. Тоа го искусив во изминативе неколку денови“, рече таа.

Затоа, како што додаде, Европа не може повеќе „целосно да звиси“ од Соединетите Држави и Велика Британија.

Наведувајќи дека е важно да се задржат пријателските односи со овие две земји, таа прецизира дека Европјаните мора да ја земат својата судбина во „сопствени раце“.

Нејзините коментари дојдоа по неуспехот на земјите од Г7 да се договорат околу климатските промени и по острите критики на Трамп во Брисел за трошоците за одбрана на членките на НАТО.

Тој пред заминувањето од Сицилија, каде што се одржуваше самитот на Г7, уште еднаш повтори дека Соединетите Држави плаќаат многу повеќе од другите земји во НАТО.

„Ние сакаме да бидеме третирани праведно и ние сме зад НАТО целосно, но ние сакаме да бидеме третирани праведно“, рече американскиот претседател.

Трамп по враќањето од Европа во неделата на Твитер напиша:

„Штотуку се вратив од Европа. Патувањето беше голем успех. Напорна работа, но со големи резултати“, напиша тој.

За време не деветдневната прва негова турнеја во странство како претседател на Соединетите Држави, Трамп освен во Европа, престојуваше во Саудиска Арабија и Израел.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG