Достапни линкови

Собраниските комисии почнаа со расправа за граѓанска иницијатива


Скопје-седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците,06.07.2017
Скопје-седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците,06.07.2017

Не со партиска или со владина, туку со граѓанска иницијатива Собранието ги почна комисиските расправи. Иницијативата за промена на Законот за работни односи со која би се продолжило породилното отсуство од девет на 18 месеци поднесена од 217 граѓани, а доставена од овластениот предлагач Снежана Кузмановска, доведе до долгочасовна, но конструктивна дебата.

Епилогот на крај беше дека иницијативата од формално правен аспект е неуредна, но пратениците од сите политички партии ја прифатија и во име на иницијаторите ќе ја продолжат постапката за донесување на измените.

Пратениците и од опозицијата и од власта кои се членови на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедницата претходно дебатираа околу уредноста на иницијативата.

Како што образложи Александар Кирацовски, претседател на комисијата проблемот бил во тоа што потписите биле собирани во подрачните единици на Државната изборна комисија под наслов барање за измена на законот за породилно отсутство, а таков закон не постои. Затоа според него најдобро е иницијативата да останела граѓанска, а иницијаторите да се обиделе да соберат потписи за измени на Законот за работни односи. На тоа инсистираше и пратеникот од истата партија Петре Шилегов.

„Вака поднесен предлог подразбира дискусија и дебата за закон што не постои. За што понатаму ќе расправа Собранието на Република Македонија ако вака поднесената неуредна иницијатива ја прифатиме, повторно не навлегувајќи во основаноста бидејќи сите тврдиме дека е основана“ рече Шилегов.

Ја разбирам дискусијата на колегата, но улогата на пратениците од владејачкото мнозинство е една, а на тие од опозицијата друга, реплицираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно ова е прв судир со таквата реалност во поимање на односот кон нас и за нашите идни постапки, додаде тој, нагласувајќи дека сепак најдобро е и за владејачкото мнозинство иницијативата да биде граѓанска, а не да ја преземе некоја од партиите и да ја поднесе до парламентот.

„Ние сме тука во име на граѓаните да правиме притисок врз власта и владејачкото мнозинство и тоа не треба никого да лути или да нервира. Тоа е демократија и во Македонија и во која било друга држава “ рече Димовски.

И од Беса и од Алијансата за Албанците сметаа дека иницијативата ако не може да помине како граѓанска може да ја поднесат партиите во нивно име и ја поддржаа нејзината содржина. Ова всушност беше прва комисиска расправа откако СДСМ и формално ја презема власта.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG